за

Швеѓаните го напаѓаат рекордот на Нирбургринг со Koenigsegg One:1

Патеката во Нирбургринг цела година не дозволуваше лов на брзински рекорди. Забраната за крајната брзина е подигната, патеката повторно е слободна за потенцијалните рекордери. Меѓу најсериозните претенденти е Koenigsegg.

Поставувањето рекорди на 22-километарската рута на Нирбургринг е задолжителна програма за секоја суперспортска марка. Лани беше мошне смирено на прочуената патека во германските шуми, поради тоа наречена и „Зелениот пекол“, затоа што беше поставено брзинско огранување. Причина за воведувањето на брзинскиот лимит беше трагичната незгода во рамките на шампионатот на долги патеки, во којашто еден гледач го загуби животот. Патеката мораше да остане под строга контрола на брзината до завршувањето на истражната постапка на државното обвинителство.

Меѓу марките што со нетрпение го очекуваа потворното ослободување на Нирбургринг е шведскиот Koenigsegg. Нивниот хиперболид One:1 веќе се појави на тестирање на „Северниот јазол“ со своите 1.322 КС. Викинзите имаат задача да го нападнат рекорното време од 6 минути и 57 секунди, поставено пред близу три години со Porsche 918 Spyder. Малубројни се автомобилите од сериско производство што успеале да ја совладаат патеката за помалку од седум минути. Lamborghini Aventador успеа да го мине „Зелениот пекол“ за шест минути и 59 секунди и 73 стотинки. Најдоброто време на Nissan GT-R Nismo изнесува 7:08,69 минути, додека најбрзиот круг на Koenigsegg досега изнесувал 7:34,00 минути.

Швеѓаните треба ова време да го поправат за повеќе од половина минута со нисколетачкиот болид One:1. Спектакуларен е соодносот на тежината и коњските сили од 1:1. Тоа значи дека секоја коњска сила на моторот со 1.360 КС треба да се справи со само еден килограм. Оттаму доаѓа и името One:1. Гигантската моќ пристига од петлитарски мотор V8, со два турбополнача и со вртежен момент од 1.371 њутнметри.

One:1. Еден килограм за секоја коњска сила на петлитарскиот битурбо V8

Koenigsegg уште во претходните две години се обидуваше да го освои тронот на Нирбургринг, кој во тоа време му припаѓаше на Bugatti Veyron. Планот беше да се постават рекорди во забрзување до 200, 300 и четиристотини километри на час. За претстава, спринтот до 400 km/h во овој суперболид трае одвај дваесет секунди. Крајната брзина на Veyron од 431,072 km/h исто така требаше да биде надмината.

Постои видео на коешто One:1 забрзува до тристотини километри на час за помалку од 12 секунди. Но, овие бројки уште не се признати официјално, затоа што уште се работи за интерни мерења на шведската марка. Во секој случај, не треба да постои двоумење околу веродостојноста на овие бројки, имајќи ја во превид моќта на болидот. Покрај тоа, One:1 е за околу 300 килограми полесен од Porsche 918 Spyder.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skoda Octavia доби трицилиндарец со 115 КС

Genesis ќе претстави уште пет нови модели до 2020 година