за

Шведската полиција ќе гони криминалци со Volvo V90

Volvo во почетокот на следната година ќе и ги испорача на шведската полиција првите примероци од специјалната полициска изведба на својот модел V90, откако комбито покажа одлични резултати на строгите тестирања од страна на чуварите на редот и мирот во скандинавската држава.

Во Шведска не може било кој автомобил да се користи како полициско службено возило. Полицијата во скандинавската држава има строги барања што моделите мораат да ги исполнат во поглед на перформансите, комфорот, квалитетот и ергономијата. Автомобилите мора да се докажуваат во пет подрачја: Тест на сопирачки, избегнување пречки, пресретнување и блокирање возила со и без запирање, како и брзо возење при интервенција.

Volvo V90 ги мина тестовите со оцена 9,2 од максимални 10, што е највисока оцена постигната од сите автомобили на овие тестирања. Во „полицискиот записник“ е уредно евидентирано: „Тешко е да се најде било каков недостаток. Подвозјето, управувањето, амортизацијата, контролата на тракцијата и погонската спрега покажуваат примерни перформанси. Наглите промени на правец при висока брзина се едноставни, автомобилот се однесува послушно и ги совладува страничните сили без било каков протест.“

По шведската полиција, Volvo V90 ќе се најде во возниот парк на чуварите на редот и мирот во уште неколку држави. Во последните години, возила на Volvo има користено полицијата во Норвешка, Италија, Велика Британија и Холандија. Шведската марка ќе ги понуди своите возила и за полициските служби во било која друга земја.

Традиција на Volvo во полициска служба уште од 1929 година

Трансформацијата од цивилната верзија на V90 во полициска верзија вклучува зајакнато подвозје, сопирачки и амортизација, покрај вградувањето на опрема за комуникација и сигнализација. Во специјалниот погон во фабриката на Volvo во Торсланда е потребна околу една недела за преработката на возилото.

Volvo има долга традиција во служба на полицијата. Уште во 1929 година, шведската полиција ги гонела криминалците зад воланот на Volvo. Моделите како Amazon или 144 исто така имаат носено полициска униформа. Моментно во полицискиот возен парк се наоѓаат XC70 и V70.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Daimler и BMW се најпрофитабилни автомобилски концерни во светот

Сите модели на Ford ќе добијат кросовер изведба по пример на Fiesta