за

Шампионска серија на BMW M4 во чест на титулата во DTM

Специјалната серија ограничена на 200 примероци и со моќност од 500 КС е изработена во чест на втората шампионска титула на Марко Витман во германскиот шампионат со туристички возила. За екстра коњските сили се грижи иновативна технологија, додека за ексклузивноста на серијата ќе се погрижи и астрономската цена на специјалниот BMW M4 DTM Champion Edition.

По две години од освојувањето на првата титула, Марко Витман, фабричкиот возач на BMW Motorsport, повторно го освои германскиот шампионат со туристички возила, на финалето на Хокенхајм. Во чест на овој успех BMW M ја претставува специјалната серија BMW M4 DTM Champion Edition. Серијата ограничена на 200 примероци располага со 500 КС, односно 69 КС повеќе од стандардниот М4, додека вртежниот момент е зголемен за 50 Nm и изнесува 600 њутнметри.

Ова колекционерско парче располага и со модификации во погонската спрега и подвозјето, како и со посебен дизајн во стил на тркачките возила на BMW Motorsport во DTM. Перформансите се вредни како за специјална серија на M4: Спринт до сто за 3,8 секунди, крајна брзина ограничена на 305 километри на час. За овие перформанси придонесува и технологијата на врскување вода во коморите за согорување позната од BMW M4 GTS, со којашто се ладат коморите и термички условените граници на моќноста на моторот значајно се поместуваат нагоре.

BMW M4 DTM Champion Edition 2016

BMW M4 DTM Champion Edition 2016 се испорачува исклучиво во алпски бела боја, со децентно извлечени ленти во боите на BMW Motorsport и со карбонски аеро-елементи со видлива структура. Последново се однесува на предниот сплитер, аеро-перките на предните крила, капите на ретровизорите, додатоците на праговите, задниот дифузор и големиот фиксен спојлер на задниот капак.

Седишта со карбонска структура обложени со алкантара и мерино кожа

Школкастите седиштата се изработени од карбон и обложени се со алкантара и мерино кожа. Целиот ентериер е обложен со скапоцената алкантара, исто како и воланот со сива ознака за „12 часот“. Место клупа, назад се наоѓа заштитен кафез во бела боја.

BMW M4 DTM Champion Edition 2016

Опременоста не е толку спартанска: Навигациски систем, клима уред, приспособливи диодни светла, задни светла со органски диодни светилки, паркинг сензори напред и назад, како и самозатемнувачки ретровизори.

Техничарите на BMW M работеа и на лесниот концепт на М4. Хаубата, покривот, носечката цевка за арматурната табла и задниот дифузор се изработени од композит, додека издувниот лонец и двете завршни издувни цевки се од титан. За контакт со подлогата се грижат Michelin Pilot Sport Cup 2 со димензија 265/35 R19 напред и 285/30 R20 назад, на бандажи со ѕвездест дизајн 666 М во мат сива боја. Екстремните перформанси се ставаат под контрола со карбон-керамички сопирачки. Тристепеното навојно подвозје може механички да се дотерува во работниот и повратниот од.

Серијата од BMW M4 DTM Champion Edition 2016 ограничена на 200 примероци е достапна веднаш, по цена од 148.500 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Роботското такси во Сингапур имаше блиска средба со камион

Во хибридниот Mini Countryman работи техниката од BMW 225xe