за

Четири автомобили со над 1.000 коњски сили на салонот во Женева

Звучната граница од 1.000 КС веќе одамна е надмината за браншата на четири тркала. Тоа го докажуваат четирите моќници од женевскиот салон, од кои повеќето ја црпат енергијата од батерии. Сепак, само еден од нив е „реален“ автомобил.

Женевскиот салон на автомобили е место на коешто доживуваат премиера многубројни модели кои наскоро ќе ги видиме по улиците, но е воедно и место каде што браншата на четири тркала ги прикажува и своите екстреми. Такви случаи годинава има дури четири. Најсилeн во четворката е британскиот Arash AF10 Hybrid, кој ветува моќност од дури 2.080 КС.

Arash AF10 Hybrid ветува 2080 коњски сили. Засега останува само на ветување, во замена може да се земе „стандардниот“ AF10 со 900 КС
Arash AF10 Hybrid ветува 2080 коњски сили. Засега останува само на ветување, во замена може да се земе „стандардниот“ AF10 со 900 КС

Срцето на болидот го сочинува 6,2-литарски V8 со механички компресор, кој „стандардно“ располага со 900 КС и потекнува од Corvette Z06. Во ваква состојба, Arash AF10 веќе е достапен во продажба и чини 460.000 фунти. Екстремот се случува кога на бензинецот ќе му се придружат четирите електромотори, по еден за секое тркало и секој од нив со моќност од по 295 КС. Енергијата за електромоторите пристига од литиум-јонски батерии со капацитет од 32 киловатчасови. Целиот овој пакет со 2.080 КС стои на располагање по цена од 1,1 милион фунти, односно 1,4 милион евра.

Мал проблем е тоа што производителот уште ги нема вградено четирите дополнителни агрегати и целата приказна останува само на ветување, но Arash ветува дека и тоа ќе се случи наскоро. Во тој момент, AF10 Hybrid ќе биде апсолутен предводник во категоријата. Благодарение на карбонот за шасијата и каросеријата, тежината на целиот болид, вклучувајќи ги и батериите и електромоторите, изнесува само 1.300 килограми. Малку забуна внесува единствено податокот дека забрзувањето до 100 km/h трае три секунди. Двојно „послабиот“ Porsche 918 Hybrid го совладува спринтот за 2,6 секунди.

Првиот суперспортски автомобил од Кина пристига со револуционерна „иновација“ - микротурбина за полнење на батериите
Првиот суперспортски автомобил од Кина пристига со револуционерна „иновација“ – микротурбина за полнење на батериите

Вториот хиперавтомобил во Женева прикажува еден утописки погонски концепт и пристига од фирма од Пекинг. Производителот Techrules најавува вистинска револуција во погонот на струја, благодарение на патентираната технологија којашто овозможува досег од најмалку 2.000 километри. Кинескиот TREV (Turbine-Recharging Electric Vehicle) може да понуди моќност од 1.044 КС, со погон чијашто тајна лежи во микротурбината. Оваа микротурбина работи на керозин, по можност и на бензин, дизел, биодизел, што било, произведувајќи струја за полнење на батериите. Со ваквата погонска конфигурација се намалува бројот на батериски ќелии, а со тоа се заштедува и на тежина и на простор.

Секако дека и перформансите не заостануваат со импресивноста: Спринт до сто за 2,5 секунди, крајна брзина ограничена на 350. Малку бензин сепак е потребно. И тоа, многу малку: 0,18 литри бензин на сто километри. Концептот навистина звучи убедливо, но колку од тоа ќе се реализира, останува да се види.

Хрватите веќе ја прикажуваат верзијата на својот електричен суперавтомобил што е подготвена да влезе во серија
Хрватите веќе ја прикажуваат верзијата на својот електричен суперавтомобил што е подготвена да влезе во серија

Хрватскиот Rimac повторно е присутен со својот електричен хиперавтомобил, но овојпат во неговата оптимирана тркачка изведба Concept S и со техника што веќе е подготвена за сериско производство. Бројките и во овој случај заслужуваат почит. Моќност на електромоторите од вкупно 1.088 КС, вртежен момент од 1.600 њутнметри, спринт до сто километри на час за 2,6 секунди, до двесте за 6,2 и до 300 km/h за 14,2 секунди. Крајната брзина и тука е ограничена и тоа на 355 km/h.

Хрватскиот конструктор Мате Римац го претстави претсерискиот модел уште во 2011 година на салонот во Франкфурт и оттогаш бележи пристоен успех. Неговиот погонски концепт исто така е изведен со по еден електромотор со водено ладење за секое тркало, а енергијата за нив се испорачува од вкупно 8.450 батериски ќелии, со капацитет од 82 киловатчасови. Според производителот, Rimac Concept S е способен да извози до 600 километри со едно полнење.

Bugatti Chiron настапува со една мала, но значајна разлика. Тоа што тој го ветува, навистина и го исполнува: 1500 КС и „стандарден“ бензинец со 16 цилиндри
Bugatti Chiron настапува со една мала, но значајна разлика во споредба со останатите од четворката супермоќници . Тоа што тој го ветува, навистина и го исполнува: 1500 КС и „стандарден“ бензинец со 16 цилиндри

Четворката ја дополнува еден стар познајник, кој сепак е најподготвен да го исполни тоа што го ветува. Bugatti го замени Veyron со Chiron и останува на докажаниот погонски концепт, овојпат достигнувајќи 1.500 КС. Силата доаѓа од осумлитарски W16, кој уште при поаѓање, односно веќе при 2.000 вртежи испорачува 1.600 њутнметри и 450 КС. По уште две илјади вртежи стојат на располагање 900 КС, а кога мерачот ќе се најде на 6.700 вртежи, 1.500-те коњски сили добиваат целосна слобода да го потераат Chiron до 420 километри на час.

Ова е погонот на Chiron со сила од која обичните автомобили би се распрснале на сите составни делови
Ова е погонот на Chiron со сила од која обичните автомобили би се распрснале на сите составни делови

Само две секунди поминуваат додека Chiron забрза од место до сто километри на час. Досега ниту еден сериски автомобил не успеал да го постигне тоа. По шест секунди, брзиномерот на Bugatti веќе покажува 200 километри на час, а по четиринаесет секунди, хиперболидот веќе јури со тристотини километри на час. Според бројките, Chiron не им „бега“ премногу на останатите автомобили од оваа четворка. Но, постои една и многу значајна разлика. Bugatti реално ги постигнува овие перформанси.

Нив ќе ги почувствуваат само малкумина. Цената на Chiron изнесува 2,4 милиони евра, без данок. Притоа, како „капар“ треба да се остават 250.000 евра. Приближно толку чинат и најскапите модели на премиум марките. Досега има 160 нарачки за моделот. Првите примероци од Chiron ќе бидат испорачани наесен.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Спортски теренци и кросовери го запоседнаа салонот во Женева

Subaru произведе 15 милиони автомобили со погон на сите тркала