за

„Циркус со мечки“ за 20-годишнината на Мак Аутостар

Во годината на одбележување на двете децении работа на македонскиот пазар, увозникот на Mercedes приреди особено изненадување за почитувачите на неговата марка – роудшоу со „ѕверките“ на AMG и врвни експерти за тест-возење.

Уште еден настан за паметење во одбележувањето на дваесетте години присуство на Мак Аутостар на македонскиот пазар: Увозникот на Mercedesбеше домаќин на врвното роудшоу на марката со сребрената ѕвезда, коешто денес се одржа на скопскиот аеродром Александар Македонски. Настанот им овозможи на гостите лично да ги испробаат способностите на последните модели на Mercedes на специјално подготвените патеки за тестирање, како и да направат тест-тура за доживување на моќта на ѕвездите на марката – „здивените мечки“ со знакот на AMG.

Врвни германски експерти за тест-возење прво ги демонстрираа последните технолошки достигнувања во подрачјето на безбедноста, вклучувајќи го уредот Pre-Safe, којшто однапред ги подготвува безбедносните системи во возилото, заради максимална заштита на патниците, кога целиот арсенал од сензори и радари ќе препознае опасност при возењето, како и уредот што самостојно и целосно го запира возилото, без асистенција на возачот, кога интелигентната техника на возилото ќе препознае пешак на патот, при брзини до 50 километри на час.

Со знаменосецот на Mercedes, класата S, беше демонстрирано и самостојното паркирање на долгата лимузина – паралелно и попречно – како и функционирањето на радарскиот темпомат Distronic Plus, којшто при активирање го следи возилото напред и забрзува и сопира заедно со него, па дури и ја следи промената на правецот: Тоа е само уште една потврда плус дека денешната технологија во возилата на Mercedes е веќе во состојба да ја врши функцијата на автономно возење.

За возачите што повеќе се импресионираат од динамичните способности на актуелните модели на Mercedes и што сакаат да ја имаат контролата во раце, се погрижија новата класа C и новиот GLA, заедно со останатите претставници од моделската понуда на Mercedes, при возењето на посебно подготвена патека за управливост, со остри свијоци и нагли промени на правецот. Делот од патувачкото шоу што предизвика најсилни импресии кај присутните гости сепак беше тест турата со моделите AMG, најскапите и најмоќни автомобили во секоја моделска гама на Mercedes: A45 AMG и CLA 45 AMG, со најмоќниот дволитарски мотор во светот, со 360 КС, престижниот родстер SL 63 AMG, компактниот родстер SLK 55 AMG и ѕверот во лимузински костум E63 AMG S, со 585 КС. За овие модели со рачно изработен мотор и потпис од главниот инженер при монтажата, во марката со ѕвездата тврдат дека претставуваат „искуство што внесува во нова димензија на волшебниот свет на Mercedes“.

Директорот за маркетинг на Mercedes-Benz Мак Аутостар, Владица Кокаловиќ, пригодно го коментираше значењето на овој посебен настан: „Оваа година компанијата Мак Аутостар под мотото „Посветени како никој друг“, прославува 20-годишен јубилеј, за што сведочат две децении успешна приказна, која продолжува и денес, да го дадеме најдоброто на сите оние кои тоа го очекуваат. Денешниот настан Mercedes Roadshow е само дел од таа приказна.“

Mercedes-Benz Roadshow се организира во само неколку европски држави, а оваа година меѓу нив беше и Македонија. Турнејата наречена „Вашето чудесно патување – Mercedes-Benz Star Experience“ трае повеќе од два месеци и се изминуваат над 8.000 километри, пат на кој Mercedes-Benz спојува различни култури.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Во април продадени 314 нови автомобили во Македонија

Макпетрол воведе ново дизел гориво со биокомпонента Ултра Дизел Био Џет