Се затвора кругот на добавувачи за идниот хиперболид на Aston Martin, којшто ќе постави нови стандарди за моќ и брзина. Звучни имиња се ангажирани за заедничкиот проект на британската благородна марка и Red Bull. Меѓу нив се најде и хрватскиот специјалист за електричен погон Rimac.
Како што напредува развојот на хиперавтомобилот на Aston Martin и Red Bull, се објавуваат и партнерите коишто ќе снабдуваат компоненти за идниот AM-RB 001. Секако дека изборот се темели и врз долгогодишната експертиза на Адријан Њуи, актуелен шеф за техниката во Red Bull Racing и неговиот колега Дејвид Кинг, којшто е прв надлежен за специјални проекти во Aston Martin.
Нема турбонатполнење, моќноста пристига традиционално, преку високи вртежи
Моторот на AM-RB 001 ќе го изработува легендата во браншата, британскиот Cosworth. Ова име со беспрекорно педигре во мотоспортот ќе го развие и произведува моторот V12 со зафатнина од 6,5 литри. Турбонатполнењето е табу, моќноста ќе се постигнува традиционално, преку високи вртежи.
Дванаесетцилиндарецот ќе го пренесува вртежниот момент до 7-степен менувач со двојна спојка, којшто ќе биде конструиран и произведен во Ricardo. Тука ќе се надоврзат бројни иновации што ќе произлезат од генијалецот Њуи, со цел да се постигне минимална маса и максимална ефикасност.
https://automedia.mk/objavi/16849
Изборот на Rimac за снабдувач на батериите за хибридниот систем можеби и не е толку за изненадување, имајќи предвид дека Хрватите со нивниот Concept-One: му го дадоа на светот првиот и најбрз хиперавтомобил со погон на струја.
На вака комплетираната погонска спрега се надоврзува карбонската школка од Multimatic, светски лидер во подрачјето на композитните материјали и партнер на Aston Martin во изработката на спектакуларните модели One-77 и Vulcan.
https://automedia.mk/objavi/26618
Со сооднос меѓу моќноста и тежината од 1:1, што значи дека за секој килограм тежина следува по една коњска сила, AM-RB 001 мора да располага и со сопирачки што ќе се соочат со енормниот динамички потенцијал. Лесните сопирачки клешти и карбонските сопирачки дискови ќе пристигаат од Alcon и Surface Transforms.
Електрониката е задача на Bosch, којшто е задолжен за контролните модули за моторот и преносот, како и за контролата на стабилноста, додека британскиот Wipac ќе ги испорачува диодните светла за AM-RB 001.
Од уличната верзија на хиперболидот ќе се изработат најмногу 150 примероци, вклучувајќи ги и сите прототипи тестирањето, а дополнителни 25 примероци ќе се изработат од специјалната верзија за тркачки патеки. Почетокот на испораката се очекува во 2019 година.