за

Холанѓаните го имаат првиот летечки автомобил во продажба

Светот го доби првиот летечки автомобил. Холандската компанија PAL-V веќе започна со продажба на моделите Liberty Pioneer и Liberty Sport. Овој авион што вози и автомобил што лета ги претркува сите останати конкурентски проекти и според најавите на производителот нуди голема применливост во новото возачко-летачко секојдневие. Единствено ограничување е цената. И неопходната пилотска дозвола.

Летачкиот автомобил станува реалност. Откако за последен пат слушнавме за холандската компанија PAL-V, по успешната серија тестови на прототипот за летачки автомобил во 2012 година, нивните два модела Liberty Pioneer и Liberty Sport веќе се достапни во продажба.

Летечките Холанѓани ги чекаат првите нарачки, нагласувајќи дека нивниот производ е реалност, за разлика од многуте останати обиди коишто во најголем дел се базираат на непостоечки технологии и не ги задоволуваат строгите правила што важат за аеронаутиката.

PAL-V Liberty 00008

Заради дополнителна безбедност при летање, Liberty располага со два мотора од познатиот производител Rotax, додека спуштеното подвозје и подвижниот кокпит се грижат за спортско чувство зад воланот, кога се вози по асфалт. Според производителот, ракувањето е едноставно и безбедно, благодарение на неколкуте иновации што се воведени во кокпитот и помагаат да се избегнат вообичаените грешки на пилотот.

Италијански дизајн, дополнителна финансиска помош од холандската влада

За изгледот на Liberty се погрижија италијански дизајнери. Претсеријата ќе стартува со производство во текот на следните неколку месеци, по што ќе следува и редовното производство на нарачаните примероци. Испораката може да се очекува кон крајот на 2018 година. Во аеронаутиката е потребно подолго време додека се добијат потребните дозволи.

https://youtu.be/GfMNtCPChxo

Компанијата е основана од професионални и приватни инвеститори, вклучувајќи и финансиска подршка од холандското министерство за економија. Дури три министерства го подржуваат проектот, поради економскиот потенцијал и техничката иновација.

За итно приземјување се доволни само 30 метри слободен простор

PAL-V избра концепт на жироплан првенствено заради безбедност. При откажување на моторите, Liberty може да приземји со брзина од само 30 km/h, за што му се потребни 30 метри. За полетување, пак, доволни се 90 до 200 метри, додека крајната брзина изнесува до 180 километри на час. Преправката од автомобил во авион трае 5 до 10 минути.

Преостанува единствено да се обезбеди пилотска дозвола, проучување навигација, метеорологија, аеродинамика, перформанси и инструментација, 30 до 40 часови во летање. Поголем проблем се парите. Многу поголем проблем. Liberty Pioneer чини половина милион евра, додека за Liberty Sport се потребни 300.000 евра.

[FAG id=27275]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Во само 99 примероци: Mercedes-Maybach G 650 Landaulet

Toyota Prius PHV минува 50 километри на струја