за

Хибридниот Golf GTE e „суперголфот“ на денешницата

Досег од 50 километри при возење на струја и крајна брзина од 222 km/h се спротивности што ги спојува новата моделска верзија на Golf со „две срца“. Хибридот е новиот GTI.

Многу „суперголфови“ имаат продефилирано во историјата на најпопуларниот европски компакт, од првите Golf GTI и Golf Diesel од 1976 година, преку Golf GTD од 1982 и TDI од 1993 година, до Golf R32 … сите според предизвикот на нивното време. Денешниот „суперголф“ несомнено е новиот GTE. Тој вози 50 километри на струја, постигнува крајна брзина од 222 km/h и поседува автономија од 940 километри. Хибридниот Golf ќе стартува со продажба кон крајот на годинава по цена од 36.900 евра на германскиот пазар и има големи изгледи дека неговата кратенка GTE ќе доживее ист култен статус како GTI или GTD – а може и да ги надмине.

Основата на моделот, конкретно неговата спортска нота, потекнува од актуелните Golf GTI/GTD, а со притискање на копче тој се претвора во електромобил по пример на неговиот брат e-Golf, којшто исто така е присутен во моделската гама. Погонската единица се состои од 1,4-литарски бензинец со турбонатполнење и директно впрскување на горивото (1.4 TSI) со моќност од 150 КС и електромотор од 102 КС. Двата мотора во комбинација со 6-степениот менувач со двојна спојка, којшто е конструиран посебно за хибридниот модел, постигнуваат системска моќност од 204 КС.

Теоретски, со досегот од 50 километри што го овозможува енергијата во батериите, Golf GTE може со недели да се вози само на струја, со секојдневно полнење на батериите преку ноќ и при вообичаено сообраќање со возилото во град. Потрошувачката според новиот циклус за хибридни возила изнесува 1,5 литар бензин во „првите“ 100 километри (50 километри на струја, а потоа со паралелна работа на бензинецот и електромоторот), односно 11,4 kWh/100 km. Полнењето на батериите на обичен приклучок за струја трае 3 часови и 45 минути, додека при користење на јавен полнач со висок напон или „Wallbox“, времето се скусува на 2 часови и 15 минути.

GTE поседува пет програми на возење. При поаѓање е претселектиран E-Mode, односно возење на струја. Откако наполнетоста на батериите ќе падне на минимум, погонот се префрлува во Battery-Hold и возилото функционира како нормален хибрид, којшто ги полни батериите при секое сопирање или отпуштање на гасот, со паралелна или единечна работа на бензинецот и електромоторот, зависно од условите на возење. Возачот може преку менито на дисплејот сам да го избере модусот Battery-Hold, исто како и модусите Hybrid-Auto и Battery-Charge. Копчињата E-Mode и GTE-Mode се наоѓаат лево од рачката на менувачот.

Перформансите се достојни за кратенката GT во ознаката намдоелот. При вклучен GTE-Mode се користи полната моќ на бензинецот и во тој случај Golf спринтува до 60 km/h за 4,9 секунди, односно за 7,6 секунди до 100 km/h. Крајната брзина изнесува 222 km/h, што е „дело“ само на 1.4 TSI. Но, последнава вредност и не е толку релевантна. Повеќе импресионира податокот дека бензинецот и електромоторот заедно обезбедуваат максимален вртежен момент од 350 Nm. При погон на струја, брзината е ограничена на 130 km/h.

Golf GTE поседува богата сериска опрема со спортска нота. Во серискиот пакет спаѓаат диодни стандардни светла, вклучувајќи диодни дневни светла препознативи по C-формата во посебно дизајнираниот преден браник, темни диодни задни светла, како и алу-бандажи од 16 инчи. Препознатливите црвени ленти во маската и во светлата на Golf GTI, кај хибридот GTE се изведени со сина боја.

Во кабината пречекуваат спортски седишта од GTI, повторно со каро-шара во сина боја, мултифункциски спортски волан, црн таван и странични облоги, радио Composition Media со дисплеј од 16,5 сантиметри, сино амбиентално осветлување, услуги на интернет, GTE-Mode заедно со e-Boost и Soundactor, педали од благороден челик и сини контрасни штепови на седиштата и на воланот и рачката на менувачот.

Со воведувањето на моделот со хибриден погон, Volkswagen е единствен производител во светот којшто во една моделска серија ги нуди сите релевантни погонски видови. Купувачите на Golf за прв пат имаат избор меѓу модел со бензински и дизел мотор, погон на струја и хибрид со надворешно полнење на батериите. Покрај Touareg Hybrid и Jetta Hybrid, Golf GTE е третиот модел со хибриден погон во гамата на Volkswagen. Четвртиот модел ќе биде Passat, којшто ќе има сличен погон како Golf GTE.

Volkswagen не прогнозира околу бројките од продажбата на хибридниот Golf, но факт е дека најголемиот број на држави во рамките на ЕУ предвидува олеснувања при купувањето автомобили со исклучително ниска емисија на СО2, со што цената на GTE се сведува на ниво на класичниот GTI. Меѓу другото и кај нас е предвидено ослободување од акциза за автомобили со хибриден погон, коешто во висина од неколку илјади евра сигурно не е занемарлив износ – исто како и фактот што увозникот Порше Македонија со својот силен пазарен настап може успешно да го воведе хибридниот Golf, доколку утврди простор и потреба од тоа.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

100 години на Maserati: Ова е нивниот најуспешен тркач

BMW M4 Cabrio: Лудило на 431 КС без покрив над глава