Во дваесеттата година од првиот Prius, на јапонскиот специјалист за хибриден погон му останува бришан простор за неговите модели со две срца, откако европските купувачи почнаа да го губат интересот за дизел моторите. Хибридните модели на Toyota лани ја зголемиле продажбата за три петини.
Долги години Toyota беше осамена во докажувањето на предностите на хибридниот погон, но стратегијата конечно се докажа во минатата година, кога европскиот пазар за првпат покажа негативен тренд во продажбата на автомобили со дизел мотор – очигледно во корист на хибридните модели на Toyota, коишто лани забележаа пораст од 40% во споредба со 2015 година. Секако дека искористија и „новодојденците“, но тоа што сега може да се толкува како победа на хибридот над дизелот, сепак му припаѓа на јапонскиот производител.
Промената во расположението на европските купувачи се случи откако браншата преку дизелгејтот во Volkswagen беше нападната за лажирањето на емисијата на штетни материи. Сега веќе е јасно дека „дизелгејтот“ е практика на целата бранша, Volkswagen беше само жртвено јагне. Покрај тоа, повеќе метрополи воведуваат забрани за пристап на дизел автомобили во градскиот центар. „Миленикот“ на европските возачи ја губи подршката.
https://automedia.mk/objavi/22920
Toyota во меѓувреме продолжи да инвестира во усовршување на погонската технологија со две срца и целосно го запостави дизелот, препуштајќи им го на останатите марки. Дизелите во RAV4, Avensis, Verso и Auris, со работна зафатнина од 1,6 и 2,0 литри, пристигаат од BMW. Камионетот Hilux и теренската икона Land Cruiser се меѓу ретките исклучоци каде што Toyota уште вградува сопствен дизел.
Македонскиот пазар во тренд: Повеќе интерес за RAV4 Hybrid отколку за дизел
Во меѓувреме и на македонскиот пазар расте интересот за хибридните модели и според информации од Тојота Авто Центар, купувачите сé почесто се решаваат за RAV4 Hybrid отколку за верзијата со дизел мотор. Хибридот дефинитивно ја напушти улогата на аутсајдер. Доколку продолжи досегашниот тренд, до крајот на декадава секоја втора Toyota на европскиот пазар ќе биде задвижувана од хибриден погон.