за

Французите очекуваат помош од амајлии: Renault Talisman

Актуелната Laguna не му се посреќи многу на Renault. Ниту претходните. Затоа, Французите сега се обидуваат со амајлија. Renault Laguna заминува во стар метал, на нејзиното место доаѓа Talisman.

Конечно нешто ново и од француските марки. Renault ја заменува застарената и заборавена Laguna со нов модел со име Talisman – името Laguna очигледно не вреди повеќе, купувачите сигурно нема да се залетаат тукутака по автомобил со име што некогаш значеше многу повеќе. Промената на името е логичен чекор во тој поглед, а Talisman е добар избор. Renault неколкупати прикажуваше студиски автомобили под тоа име: Првпат во 2001 година на салонот во Женева, а потоа и во 2012 година на салонот во Пекинг. Обата модела немаат ништо заедничко со елегантната лимузина што Французите ќе ја прикажат премиерно на салонот во Франкфурт во септември.

Асоцијации на Skoda Superb: Французинот ќе успее само ако е подобар од неа

Првото што Renault го ветува во новата лимузина се комфорот и просторноста во кабиreната. Димензиите ги потврдуваат овие најави. Должината на Talisman изнесува 4,85 метри, ширината е 1,87 метар, а висината 1,46 метар. Меѓуоскиното растојание од 2,81 метри навестува солидна просторност во кабината, а просторот за колена на задната клупа од 26,2 сантиметри го потврдува тоа. Истите овие квалитети се најистакнати и во новата генерација на Skoda Superb. Единствено уште Чесите можат да продаваат автомобил во средната класа, покрај германските марки. Сите други знаменосци на националните авто-индустрии згаснаа, особено кај француските и италијанските марки. Ниту постои наследник на Renault Safrane, Citroen C6 или Peugeot 607, ниту пак голем модел на Fiat или Lancia. Колку ќе успее новата Alfa Romeo Giulia, и тоа е под голем знак на прашање.

renault talisman
Во пазарни услови кога спортските теренци им ги одвлекуваат купувачите на големите лимузини, Renault претставува класична лимузина без посебен белег, по принципот развиј колку може поевтино. Кросоверот Espace е многу похрабар чекор

Talisman или ex-Laguna ќе може да успее единствено ако го поттурне Superb настрана и се позиционира на исто рамниште, или помалку веројатно, да биде подобар. Дизајнот сигурно ќе потпомогне за Talisman да постигне повисока продажба од претходникот. Лоренс ван дер Акер и овојпат нацрта впечатлива форма, со асоцијации на купе-лимузина и елеганција од најдобрите времиња на француските лимузини.

Хаубата ја издолжува страничната силуета, а закосениот покрив и ниските прозорци му даваат на Talisman форма на купе-лимузина. На носот доминира големиот ромб на Renault, заедно со дневни светла во форма на С кои отстрана ги врамуваат диодните предни светла. Задните светла се состојат од тенки светлечки ленти со тридимензионален ефект. Пазарниот старт на Talisman е планиран веќе за октомври 2015.

Управување со тркалата на задната оска и „повеќесетилна“ техника

Ентериерот на лимузината ги пречекува патниците со амбиентално осветлување, а со доплата и со типични француски комфорталии, како седишта со вградени вентилатори. Податоците од патниот компјутер и информациите од навигацијата му се прикажуваат на возачот како холограм над долниот раб од ветробранот. Talisman е стандардно опремен со мултимедиски систем R-Link 2, каков што се вградува и во кросоверот Espace. Во зависност од нивото на опрема, системот доаѓа со дисплеј од 7 инчи во легнат формат или од 8,7 инчи во исправен формат.

renault talisman
Освен големиот дисплеј во средишната конзола и можеби подобрениот впечаток за квалитет, Talisman не нуди апсолутно ништо да го привлече вниманието на купувачите на лимузина од оваа класа. Германските премиум лимузини чинат повеќе, но и им нудат повеќе на купувачите. Кокпитот на француските лимузини порано беше вистински спектакл да се види премиерно

Renault ќе го вградува и сопствениот систем Multi-Sense, кој овозможува приспособување на работата на управувањето, промените на степените во автоматскиот менувач, на амортизацијата и на реакцијата на моторот, со притискање копче и активирање на соодветните модуси на работа. Паркирањето и отпаркирањето може целосно да се препуштат на системите за автономно возење – од возачот се бара единствено да притиска врз гаста и сопирачките.

Недостига некогашната инвентивност на француските марки

Управувањето на задните тркала повторно се враќа на сцена и Renault очигледно е заинтересиран за оваа техника. Со можноста задните тркала да се насочуваат заедно со предните тркала, од една страна се олеснува паркирањето, од друга страна се подобруваат управливоста и безбедноста. При ниски брзини, задните тркала се завртуваат за неколку степени во спротивен правец од предните тркала, заради смалување на кругот на вртење, што е важно при паркирање и маневрирање во тесен простор. Секако дека и амортизери со приспособлива работа се задолжителен дел во новата лимузина на Французите.

За погонот може да се избира меѓу два бензински и три дизел мотори, кои што покриваат опсег од 110 до 200 КС. Сите мотори доаѓаат стандардно со систем старт-стоп и со повраток на енергијата при сопирање, заради дополнителна заштеда во горивото. Основен дизел е 1.5 dCi со 110 КС, над него е релативно новиот 1,6-литарски дизел во верзии со 130 и 160 КС, кој може да се комбинира и со шестстепен менувач со двојна спојка. Бензинците ослободуваат моќност од 150 и 200 КС, имаат турбонатполнење и доаѓаат исклучиво во комбинација со менувач со двојна спојка и седум степени.

Околу цените уште нема најави, исто како и околу дополнувањето на понудата на мотори и погонски решенија во иднина. Но, што и да понудат Французите, ќе мораат да бидат подобри од еден: Од Skoda Superb.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Fiat Chrysler ќе биде казнет со 800 милиони долари во САД

Jaguar F-Pace премиерно на трка на две тркала