за ,

Франција планира народен електромобил за 7.000 евра

Електромобилноста ќе добие силен поттик откако француската влада ќе се вклучи во развојот на едноставен и евтин автомобил со погон на струја, во соработка со домашните производители.

Цената на возилата останува како еден од клучните фактори што го попречуваат помасовното пробивање на електричните автомобили на пазарот. Но, овој проблем може да се реши во скоро време, барем постојат одлични изгледи за тоа во Франција. Во рамките на климатската конференција во Париз, француската влада ги објави плановите да учествува во развојот на народен електричен автомобил. Министерската за екологија Сеголен Ројал ја гледа иднината на електромобилноста во земјата во „мал и лесен електричен автомобил, со брзо полнење на батериите“. Цената на овој автомобил би требало да изнесува до 7.000 евра.

Новиот електромобил во почетокот ќе се користи во возниот парк на Autolib, мрежа за заедничко користење автомобили по принцип на претплата
Новиот електромобил во почетокот ќе се користи во возниот парк на Autolib, мрежа за заедничко користење автомобили по принцип на претплата

Според неофицијални извори, Renault ќе учествува во реализацијата на овие планови на владата, којашто поседува и одлучувачки удел во акциите на францускиот производител. Евтините и едноставни електромобили во почетокот ќе бидат наменети исклучиво за покривање на возниот парк на мрежата за изнајмување автомобили Autolib, која ужива особено висока популарност меѓу жителите на Париз. Потоа, возилата ќе бидат понудени и во слободна продажба.

Возниот парк на Autolib во моментов се состои од едноставни електрични автомобили кои се произведуваат во домашната компанија Bollore. Според објавите на француските медиуми, Bollore има попишано договори за соработка со Renault, но и со концернот PSA Peugeot Citroen, кои имаат за цел реализација на заеднички развој и производство на електрични автомобили. Вклучувањето на државата ќе даде уште посилен поттик на соработката.

Renault напредуваше најдалеку во електромобилноста меѓу европските производители
Renault напредуваше најдалеку во електромобилноста меѓу европските производители

Renault има најголемо искуство со електромобилите меѓу европските марки. Покрај компактниот модел Renault Zoe, Французите го нудат и електричниот квадрицикл Twizy. Планираниот „народен електромобил“ ќе се позиционира меѓу нив, што значи дека ќе има простор за четири патници, досег меѓу 100 и 150 километри со полни батерии и евтина батериска техника поради масовното производство.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

На овој „Mercedes“ облеката му е претесна

porsche mission e

Porsche даде зелено светло за електричниот суперавтомобил