за ,

Франкфурт 2015: Mercedes Concept IAA се трансформира во возење

Mercedes подготви спектакуларна студија за салонот во Франкфурт. Concept IAA ја менува формата на каросеријата среде возење, заради полесно пробивање низ воздухот. Најдоброто е што оваа технологија уште денес може да се најде во сериско производство.

Салонот во Франкфурт во ова издание е сведоштво дека автомобилската индустрија се менува од темел. Главниот двигател на овие промени е дигитализацијата. Како марка што ги има предизвикано и поттикнато сите големи револуции во автомобилскиот свет, Mercedes секако дека учествува и во оваа. „Concept IAA е доказ дека реалниот и виртуелниот свет кај нас се претопуваат сé повеќе едно во друго,“ објаснува др. Дитер Цече, шефот на Mercedes.

Суштината на Concept IAA е во соединувањето на два автомобила во еден. Светски рекордер во аеродинамичност се соединува со купе со четири врати, дизајнирано како ниту едно пред него. Кога возилото ќе надмине брзина од 80 km/h, тоа автоматски се префрлува од дизајнерски во аеродинамичен модус и со бројни трикови за олеснување на пробивањето низ воздухот буквално ја менува својата форма. Во кабината на Concept IAA се повторува дизајнерската линија од лимузината и купето од класата S, вклучувајќи мноштво нови функции што се вклучуваат преку допир, а воедно најавувајќи го и изгледот на ентериерот на бизнисменските лимузини од блиската иднина.

Mercedes го исполни тоа што се очекува од премиум марките - ја најавува следната револуција во конструирањето на автомобилите
Mercedes го исполни тоа што се очекува од премиум марките – ја најавува следната револуција во конструирањето на автомобилите

Со притискање на копче или автоматски, Mercedes Concept IAA извршува фасцинантна трансформација. Елегантното купе со четири врати се претвора во светски рекордер во аеродинамика. Од опашот излегуваат осум сегменти и го продолжуваат возилото за 390 милиметри. Во исто време, ламелите во предниот браник излегуваат 25 милиметри настрана и потоа 20 милиметри назад, заради подобрување на струењето на воздухот околу носот на возилото и околу предните поткрила. Активните бандажи се затвораат, а друга ламела во предниот браник излегува 60 милиметри наназад и го подобрува стуењето на воздухот по подот на возилото.

Поставувањето рекорди во аеродинамичност е традиција во Mercedes

Салонскиот автомобил Concept IAA е продолжение на долгата традиција на возила со врвна аеродинамика на Mercedes. Благодарение на овој сензационален концепт што може во секое време да се примени во сериското производство, каросеријата на Concept IAA постигнува коефициент на отпор 0,19, што е врвна вредност за возило со оваа големина и достојна за салонскиот автомобил да се најде во галеријата на историски тркачки и рекордерски возила на марката, на пример покрај Mercedes W25 од 1936 година.

Актуелните сериски модели на Mercedes веќе имаат поставено неколку светски рекорди во своите сегменти. Во 2013 година, новиот CLA постави рекорд со коефициентот 0,22, што е рекорд како во понудата на модели на Mercedes, така и меѓу сите возила во сериско производство.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Франкфурт 2015: Светска премиера на Volkswagen Tiguan

Погледнете како овој Mercedes ја менува формата на каросеријата