за ,

Франкфурт 2015: Hyundai со спортска подмарка по пример на M GmbH

Hyundai сака да има спортско одделение по пример на BMW M GmbH и во Франкфурт претстави неколку студии како најава за идните спортски модели.

Корејските марки досега го покриваа пазарот првенствено со разумно конципирани автомобили. Сестринските марки Hyundai и Kia сакаат во иднина да ја покажат и својата спортска страна, што би придонело за толку посакуваното освежување на нивниот имиџ. Новиот шеф за развој Алберт Бирман, кој пролетоска пристигна токму од BMW M GmbH, на салонот во Франкфурт вети „повеќе емоции за клиентите на марката.“ За таа цел, Hyundai основаше подмарка, којашто ќе ужива исто толкава слобода во работата како AMG кај Mercedes или M GmbH кај BMW.

Hyundai N 2025 Vision Gran Turismo е парадниот автомобил како најава за новата спортска подмарка N Performance
Hyundai N 2025 Vision Gran Turismo е парадниот автомобил како најава за новата спортска подмарка N Performance

Марката е N Performance, со име што произлегува од Нирбургринг, како најважна патека за тестирање на новите модели во целата бранша и воедно мегдан за одмерување на силите на производителите. Студијата RM15 покажува како во иднина би изгледале и функционирале возилата на подмарката. Како основа на студијата користи купето Veloster, но како што откриваат техничарите на марката, само формата каросеријата е заедничка со стандардниот модел – кај салонскиот модел дури и таа е изработена од карбон. Сепак е малку веројатно дека идната сериска верзија на овој автомобил ќе го задржи концептот со средишно вграден мотор и погон на задната оска, исто како и примената на карбон во каросериската структура. Затоа, пак, поверојатно е дека дволитарскиот мотор со турбонатполнење ќе ги задржи своите 300 КС.

Kia ќе стави повеќе акцент на спортските верзии GT

Кај сестринската марка Kia нема да се оди до крајноста со основање посебна спортска подмарка. Таму ќе се стави повеќе акцент на спортските верзии GT-Line, како круна на секоја моделска серија во понудата на марката. Премиерно прикажаниот Sportage уште од старт е достапен во оваа верзија. Покрај тоа, во повеќето моделски серии ќе се нудат посебно дизајнирани спортски верзии GT. По компактот Ceed, освежената лимузина Optima е следниот модел на Kia што ќе се нуди во моделска верзија GT, со дволитарски турбо бензинец со директно впрскување и 250 КС, со забрзување до сто а 7,4 секунди и крајна брзина од 240 километри на час. Продажниот старт на Optima GT се најавува за средината на следната година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Франкфурт 2015: Премиера на Audi S4 со нов трилитарец со 354 КС

Франкфурт 2015: Land Rover Defender со погон на педали за 10.000 фунти