за ,

Франкфурт 2015: Серијата 7 на BMW поставува нови мерила на луксузот

BMW ја има новата серија 7, бизнисмените го имаат новиот превоз. Што сé има во новиот знаменосец на Баварците ќе се дознава со месеци, но засега: Далечинско паркирање на возилото преку мобилниот телефон.

Знаменосецот на BMW преку изобилство од иновации го реализира стремежот да понуди нова дефиниција на ексклузивно и луксузно чувство во возењето. Со примена на карбон во структурата на каросеријата, со моторите од новата генерација, со плагин-хибридниот погон во BMW 740e, активното подвозје Executive Drive Pro, неколкуте различни модуси на работа на погонската спрега и на целото подвозје, секако вклучувајќи и спортски модус, како и со ласерските светла, новата серија 7 ги подигнува динамиката, ефикасноста, комфорот и безбедноста на ново ниво.

На патниците на задната клупа им се нуди врвниот комфор што може да се замисли со доплата за Executive Lounge, кој меѓу другото вклучува и масажа во седиштата. Комфорниот и технолошки арсенал го дополнуваат панорамскиот покрив Sky Lounge, посебната атмосфера со светлосни ефекти или можноста за индуктивно полнење на мобилниот телефон.

Големиот крстосувач на BMW ги следи наредбите од рацете на возачот

Многу новитети пристигаат и во подрачјата на ракувањето и системите за асистенција во новата серија 7 на BMW. Меѓу иновациите што се единтвени во сегментот на луксузните лимузини се вбројуваат унапредувањето на функциите на системот за централна команда iDrive со дисплеј што реагира на допир и гестикулациите со прстите ги препознава како наредби за активирање на одредени функции. На задната клупа исто така стои на располагање поле за ракување преку допир, со команди за многубројните комфорни функции и за електронските уреди.

Тоа што баварската куќа го најави како идна технологија пред неколку години сега пристига како достапна опција во серијата 7, во форма на можност возилото да се паркира со користење на мобилниот телефон како далечинско ракување. Деби во знаменосецот на BMW има и новата генерација на проекциски дисплеј, системот за предупредување дека наидува возило кога се излегува во рикверц од паркинг, исто како и системите за активно следење на лентата, системот за заштита при страничен судир или камери што даваат панорамски приказ за олеснување при паркирање или маневрирање со возилото.

На врвот на понудата ќе се појави BMW 760iL со новиот дванаесетцилиндарец

Понудата на моделските верзии стартува со BMW 740i со 326 КС и цена од 87.600 евра според германскиот ценовник, следи BMW 750i xDrive со 450 КС и погон на сите тркала, за 107.500 евра, додека дизел фракцијата ја претставуваат BMW 730d со 265 КС и цена од 91.900 евра, и BMW 740d xDrive со 320 КС и цена од 92.800 евра. Напролет во понуда ќе влезе моделот BMW 740e со хибриден погон и комбинирана моќност од 258 КС од бензинецот и 95 КС од електромоторот, при нормирана потрошувачка од 2,1 литри на сто километри. За врвот на понудата ќе биде задолжен BMW 760iL, со новата генерација на дванаесетцилиндарскиот мотор на групацијата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Франкфурт 2015: Hyundai со студија на луксузно купе Vision G

Франкфурт 2015: Mini Clubman отсега напаѓа во голф-класата