за

Франкфурт 2015: Ова се најубавите автомобили на салонот

Многу од новитетите во Франкфурт беа познати однапред. Но, под светлото на рефлекторите сепак има неколку автомобили што се издвојуваат. Ова се најубавите примероци на салонот.

Познато е дека околу вкусовите не се расправа. Но, овие неколку автомобили заслужуваат погледите подолго да се задржат на нив. Меѓу убавиците на салонот речиси неприкосновено припаѓа кабриолетот од класата S на Mercedes. Последниот автомобил од овој тип беше произведен пред 44 години и до денес ужива култен статус меѓу ентузијастите. Единствено што не се промени во пристапот кон овој модел е платнениот покрив. Исто како и на времето, повеќеслоен платнен покрив се навлекува над главите на патниците кога временските услови ќе наложат нивна заштита.

mercedes s class cabriolet 1

Со самиот факт дека кабриолетот го користи како основа купето од класата S, во овој автомобил се очекува само најдоброто. Според Mercedes, ова е најкомфорниот кабриолет во светот, и треба да се верува во тоа. Феновите вградени во потпирачите за глава што дуваат топол воздух кога времето не оди во прилог и греењето на седиштата, како предните, така и задните, познати се веќе со години во кабриолетите на Mercedes. Како новитет, на тоа се надоврзуваат загреваните потпирачи за рака. За комфорот повеќе се грижат интелигентните системи во возилото, кои што управуваат со целата погонска спрега и со подвозјето и способни се барем на кусо да го заменат возачот зад воланот.

Понудата од погонски единици во луксузниот кабриолет стартува со 455 КС

Возачот, сепак, ќе сака повеќе да ја има контролата над возилото, со моторите што се вградуваат под хаубата. Основата на погонот во луксузниот кабриолет се мотори V8 со моќност од 455 и 575 КС. Подоцна ќе им се придружи и кралскиот мотор, V12 од AMG со 630 КС. Mercedes уште не открива колку точно ќе чини ова задоволство, но тоа сигурно нема да биде под 150.000 евра.

Вториот автомобил што се издвојува и претставува едно од најпозитивните изненадувања е F-Pace од Jaguar. Брзата британска марка долго време се мислеше дали нејзината конкуренција ќе биде пресилна покрај моделите на теренскиот специјалист Land Rover во сопствената куќа Jaguar Land Rover. Но, откако F-Pace се појави на салонот е јасно дека Land Rover не е единствено што треба да стравува од конкуренцијата од Jaguar. Дивата мачка сега може да здивува каде и да посака. Спортскиот теренец на марката е спој на теренски автомобил и лимузина, односно како што тоа го формулираат нејзините стратези, F-Pace е најпрактичниот спортски автомобил во светот.

Jaguar F-Pace 1

За мачката да се качува слободно, на располагање стои растојание од подлогата од 20 сантиметри, заедно со погон на сите тркала што се разбира дека е развиен од специјалистот Land Rover. Со обично завртување на ротирачкиот прекинувач, F-Pace се приспособува на сите услови и сите подлоги. Од друга страна, само малкумина ќе се решат некогаш да ги извалкаат убавите бандажи на теренскиот Jaguar и повеќе ќе сакаат да ги искористат неговите спортски потенцијали на асфалтна подлога.

F-Pace во моментов е најубавата дива мачка на британската брза марка

Моторите потекнуваат од лимузината XE. Стартот е со дволитарски дизели со 153 и 180 КС, на кои подоцна ќе им се придружи шестцилиндарец со 250 КС. Дволитарските бензинци работат со турбонатполнење и ослободуваат 200 и 240 КС, додека врвот е резервиран за трилитарскиот V6 со механички компресор и 340 КС. Цената од околу 45.000 евра е уште еден аргумент за Porsche Macan и BMW X3 да се загрижат повеќе за нападот од дивата мачка.

Спортските теренци владеат со пазарот, па оттаму не чуди што и следниот автомобил меѓу најубавите потекнува од оваа сорта. Kia Sportage и досега привлекуваше со изгледот, но сега дизајнерите предводени од Петер Шрејер успеаја на компактниот теренец да му обезбедат уште поспортски и подинамичен изглед околу „тигарскиот нос“, како најпрепознатлив белег на дизајнот на куќата. Наспроти братот од концернот Hyundai Tucson, моделот на Kia повеќе се ориентира кон младата целна група. Светлата се поставени високо покрај хаубата, што заедно со впечатливата маска му дава лут изглед на возилото. Sportage завршува во истиот стил, со голем спојлер назад и со хромирани лајсни.

kia sportage 901823587235

Погонската понуда ја сочинуваат два бензинци и три дизели. Основен е 1,6-литарскиот бензинец со 132 КС, по кого следува новитетот, верзијата на овој мотор со турбонатполнење и 177 КС, во замена за не толку угледниот дволитарец. Понудата кај дизелите се движи во дијапазон од 115 до 185 КС, со погон на сите тркала како стандард во најсилната изведба.

На Alfa конечно може да и успее  – освен дизајн сега има и техничка подлога

Дека времето на лимузините уште не е изминато покажува најдобро новата Alfa Romeo Giulia, која несомнено ја заслужува титулата на најубав автомобил на салонот. Откако оригиналната Giulia си замина кон крајот на 1970-те години, Alfa никогаш не успеа на подолг рок да го продолжи успехот на ова моделско име, па на крајот дури ја реализираше „159“ со техника од Opel. Потоа долги години имаше празнина во оваа класа. Затоа, одушевувањето сега е уште поголемо, кога Giulia од новото време се појавува со класичниот нос со маска во форма на V, со замижани очи, бекрајно долга и рамна хауба, и задолжително, со стегнат опаш како завршница на дизајнот. Новиот Audi A4, во споредба со убавава Италијанка, изгледа како да е удрен со пегла.

alfa giulia 09475653

Но, дури и основата е „убава“. Giulia ја дели платформата со Maserati Ghibli и вози спортски како што се очекува од тој факт и како што на времето им доликуваше на лимузините од Милано. Секој товар вишок е отстранет, а моторите ја испорачуваат силата до задните тркала. Највозбудливо е секако со моторот од Ferrari. Максимално 510 КС стојат на располагање од шестцилиндарецот со битурбо натполнење, кој во основата e изведен од осумцилиндарскиот мотор во Ferrari California T и во новиот 488 GTB. Традиционалната четирилисна детелина означува дека станува збор за топ-изведбата во гамата. Додека почне задоволството, треба уште малку трпение. Продажбата стартува во почетокот на следната година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Франкфурт 2015: Borgward – Автомобилот што никој не го бараше

Франкфурт 2015: Тајванска фирма со уште еден конкурент за електричната Tesla