за ,

Франкфурт 2015: Купето од класата C на Mercedes конечно заличе

Верзијата со две врати од класата C досега премногу јасно укажуваше на тоа дека постојат други, поубави и поскапи купеа со знакот на Mercedes. Тоа се смени, ова купе сега и со изгледот им парира на BMW и Audi.

Од декември, Mercedes ќе стартува со испорака на новото купе од класата C. За промените што ги претрпе овој досега запоставен модел во понудата на марката со сребрената ѕвезда, најдобро знае да каже шефот Томас Вебер: „Нашето ново купе од класата C ја продолжува философијата на нашите фасцинирачки купеа. Тоа спојува привлечен дизајн со агилна спортска нота и модерен луксуз. На тој начин, купето од класата C јасно се движи во правец на уживање во возењето, со стил.“

Како најспортски модел на класата C, тој се одликува со впечатлив преден дел, со „дијамантска“ маска и долга хауба. Од челниот ѕид на кабината до предната оска, новото купе е за 60 милиметри подолго од претходникот. Високиот раб на прозорците и вратите без рамка, со ретровизори одвоени од каросеријата го нагласуваат спортскиот карактер, додека покривот што се стеснува наназад завршува во елегантен опаш.

Меѓуоскиното растојание порасна за 80 милиметри за повеќе простор на задната клупа

Должината на купето од класатa C е поголема за 95 милиметри во споредба со лимузината и изнесува 4,87 метри, додека меѓуоскино растојание исто така порасна за 80 милиметри, на 2,84 метри. Во ширина исто така има плус од 40 милиметри, за 1,81 метар. Од порастот во димензиите ќе имаат корист и патниците на задната клупа, со поголема ширина, повеќе слободен простор над главата и поголема слобода за колената.

Основата на кокпитот е преземена од лимузината, со неколку украсни елементи што се својствени само за купето, и секако, со интегрални спортски седишта развиени специјално за ова вградување, со автоматски доставувач на безбедносниот ремен.

mercedes c class coupe 2

Во делот на подвозјето е новитет новата предна оска со четири водилки, со суспензија што е посебно издвоена од амортизацијата, со цел да се постигнат побрза реакција и повисока стабилност. Назад работи просторна задна оска со пет водилки. Купето стандардно користи челични пружини, со два спортски дотерани системи на селективна амортизација. Со доплата може да се добие пневматска амортизација Airmatic на обете оски. Постојаната електронска контрола на амортизацијата се грижи за врвен комфор, со можност возачот да интервенира со изборот на понудените програми за спортско, комфорно или штедливо возење. Со прекинувачот Dynamic Select може да се бира и меѓу пет модуси на погонската спрега: Еко, комфор, спорт, спорт+ и индивидуален модус. Пневматиката дополнително ја одржува и висината на каросеријата на континуирана вредност, независно од натовареноста на возилото.

Топ-спортистот C 63 Coupe вози со четирилитарскиот мотор со 510 КС од Mercedes-AMG GT

Сите мотори во купето работат според Euro 6 и користат систем старт-стоп, со потрошувачка намалена до 20 проценти во споредба со претходникот. Во почетокот се достапни само бензинците: 1,6-литарски бензинец со 156 КС во C 180, дволитарски бензинец со 184 и 211 КС во C 200 и C 250, односно со 245 КС во C 300. Во екстремниот спортист C 63 Coupe, со комплетно различна конструкција на каросеријата, работи четирилитарскиот V8 со 476 КС и 510 КС од Mercedes–AMG GT.

Верзиите со дизел мотор ќе го користат 2,2-литарскиот агрегат со 170 и 204 КС, снабден со SCR-катализатор, заради исполнување на врвните еколошки норми. Голем избор има кај менувачите: Мануелен со шест степени, автоматик 7G-Tronic Plus и новиот 9G-Tronic, со девет степени. Потрошувачката на дизелите според фабричките норми е одвај над четири литри.

mercedes c class coupe 1

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Франкфурт 2015: Seat планира верзија Cupra за идниот теренец?

Франкфурт 2015: Bentley го има „нај“ теренскиот автомобил во светот