за ,

Франкфурт 2015: Иднината е во автономното возење – коешто никој не го бара

Индустријата, политиката и науката работат на проект за автономно возење. Но, студијата објавена на салонот во Франкфурт покажува јасно: Луѓето не се заинтересирани за автомобилот сам да ги вози.

Пензионирана дама на секои неколку недели патува со воз да ја посети својата ќерка и внуците кои живеат малку подалеку. Но, како таа ќе дојде до железничката станица? Куферите се претешки за 72-годишната бабичка да ги качува во автобус, а таксито е прескапо. Добро е што постои шатл-услуга како дел од јавниот превоз, за бабичката да биде пречекана со возило што управува самостојно директно од куќниот праг. Во меѓувреме, главниот лекар ја започнува својата работна смена уште додека автомобилот самостојно го носи до болницата. Тој се поврзува со клиничкиот систем и на лаптопот ги добива актуелните податоци за состојбата на пациентите. Неговата редовна визита е завршена уште пред автомобилот самостојно да го довезе до работа. Има и еден директор на продажба кој често доаѓа од работа мошне доцна и во текот на денот нарачува многу работи преку интернет. Пакетите со нарачаните производи се испорачуваат на собирно место што се наоѓа блиску до неговото живеалиште. Откако директорот вечерта ќе пристигне дома, тој нарачува „безшоферско“ возило да му ги достави пакетите до домот.

Шатл-сервисот што се овозможува со роботизираните возила овозможува поголема приспособливост на јавниот превоз - возилото може да се повика и директно пред домот
Шатл-сервисот со роботизираните возила ќе овозможува поголема приспособливост на јавниот превоз – возилото може да се повика и директно пред домот

Ова се три примерни сценарија од иднината што уште е далеку. На салонот во Франкфурт е претставена студија што веќе знае кога ќе пристигне таа иднина – во 2030 година. Германската академија за технички науки ја спроведе оваа студија и синоќа ја презентираше пред публиката на најважниот салон на автомобили во Европа.

Освен техника, потребни се и нови правила

Според студијата, роботизираните автомобили од темел ќе ги сменат постоечките сообраќајни системи. Во 2030 година сé уште ќе постојат луѓе што сами ги управуваат своите возила, но ќе мора да се воспостават прецизни правила во променетите услови со автономни возила по улиците. За овие возила целосно да ги искористат своите потенцијали мора да се воспостави меѓусебна комуникација, исто како и комуникација со средината, односно со семафорите и со интелигентната контрола на сообраќајот.

Индустријата и политиката ќе мораат да соработуваат во оваа проблематика во следните години. Само во тој случај ќе може да се постигне подобар сообраќаен проток и да се спречат незгодите. Покрај тоа, ќе се штеди и гориво, ќе се намали загаденоста на животната средина и паркиралиштата ќе бидат искористени оптимално. Новата техника воедно ќе овозможи и подобра мобилност за популацијата што старее, односно учество во социјалниот живот и во поодминати години.

Опасност од слоупотреба на податоците и контрола – роботизираните возила ќе бидат како подвижна кредитна картичка

Предностите се очигледни, индустријата веќе располага и со неопходната техника. Но, се отвораат и нови прашања што ќе мора да добијат одговори во следните години. Како ќе се гарантира сигурноста на податоците во комплексните системи? Кој ќе располага со многуте податоци во системот и кој гарантира заштита на личните податоци? Кој ќе одговара при незгода со автономно возило? Колку сето тоа ќе го чини општеството? И најважното прашање: Дали општеството воопшто сака толку висок степен на автоматизација во патниот сообраќај?

Несомнено е дека со роботизираните возила може да заштеди многу време - но, народот уште не е доволно заинтересиран за нив
Несомнено е дека со роботизираните возила може да заштеди многу време – но, народот уште не е доволно заинтересиран

Конкретен одговор засега има само на последново прашање. На анкета спроведена од организацијата на проценители КУС, дури 80 проценти од 1.000 испитаници одговориле дека сакаат и во иднина сами да го управуваат својот автомобил. На друга анкета спроведена директно меѓу публиката на салонот, 42 проценти сметаат дека техниката е недоволно безбедна.

Академијата во иднина планира да формира таканаречени „животни лаборатории“, во кои техничарите и градските архитекти ќе можат да ја тестираат новата технологија, но ќе можат да учествуваат и крајните корисници со цел да ја надминат скепсата околу автономното возење. Нова дебата околу иднината на роботизираните автомобили се отвора секојдневно. На салонот е актуелно прашањето како компјутерскиот систем во автомобилот би решавал при опасност од удар во пешак. Дали компјутерот ќе треба првенствено да го штити патникот во автомобилот, без разлика што пешакот притоа би можел да здобие кобни повреди, или пак, компјутерот да избере решение да го спаси пешакот од повреда и да го изложи на опасност од повреда патникот во автомобилот? Дебатата може да потрае уште долго време, а роботизираните возила да чекаат подготвени за старт.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Случајот со Volkswagen ја разоткрива практиката во целата бранша

Забавата може да почне – на три тркала: Polaris Slingshot пристига во Европа