за

Формула Е вози круг побрзо од лимузините во WTCC

Времето на круг што го постигнуваат болидите со електричен погон во Формула Е досега не можеше да се споредува со времињата во другите тркачки серии, затоа што електричните болиди возат на различни патеки. Но, Формула Е минатиов викенд за првпат гостуваше во Маракеш, на истата патека кадешто се одржува трка во шампионатот со туристички возила. Електричниот погон е побрз!

Формула Е во минатиов викенд за првпат гостуваше на патека кадешто се вози друго првенство во мотоспорт, со што конечно се укажа можност за споредување на времињата на болидите со електричен погон. Завршија сомнежите дека болидите во Формула Е се премногу бавни.

Електричните болиди имаат возено во Монако, но на скусена верзија од патеката по којашто врви Формула 1. Возачите во Формула Е место да продолжат угоре по првиот свијок на патеката во Монте Карло, скршнуваат претходно во правец кон шиканата кај пристаништето на излезот од тунелот. По скусена патека се вози и во Мексико.

Електричната формула е за близу една секунда побрза од WTCC

На патеката во Маракеш, Формула Е за првпат возеше по идентична патека со друг шампионат, со WTCC. Најдоброто време во „туристичката класа“ на оваа патека го има постигнато Роб Хаф, со 1:21,743 минута. За споредба, најдоброто време на квалификациите во Формула Е го постигна Жан-Ерик Верње: 1:20,993 минута.

Електричните болиди со 270 КС и 880 килограми се за речиси една секунда побрзи од лимузините во WTCC, кои имаат на располагање 330 КС, но и тежат 220 килограми повеќе. На слободниот тренинг, Себастијан Буеми постигна за дури четири десетинки побрзо време од Верње, со 1:20,599 минута и просечна брзина од 132,7 километри на час.

Во тркачката серија со електрични болиди станува се пожешко. Audi стартува од следната сезона како фабрички тим, можно е Ferrari да го прифати предизвикот, Jaguar веќе чека на стартната линија, а ниту Mercedes нема да размислува уште долго.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Samsung влегува во автомобилската бранша со преземањето на Harman

Jaguar I-Pace е најспектакуларниот концепт на Британците – и вози на струја