за

Фабриката во САД е недоволна, BMW X3 ќе доаѓа и од Јужна Африка

Заради ослободување на капацитетите на фабриката во Америка, BMW за првпат ќе го произведува популарниот X3 и во Јужна Африка. Со тоа се остава простор за идниот луксузен BMW X7.

BMW ќе инвестира над 400 милиони долари во фабриката во Јужна Африка за стартот на производството на компактниот спортски теренец X3. Со тоа, овој популарен модел за првпат ќе се произведува и надвор од територијата на САД. Продукцијата од фабриката во Јужна Африка ќе биде наменета и за покривање на локалниот пазар, но и за извоз. Преселувањето на дел од производството на X3 во фабриката во Јоханесбург има за цел да ги ослободи капацитетите за идниот знаменосец меѓу спортските теренци на марката, за идниот BMW X7.

Во американската фабрика во Јужна Каролина моментно се произведуваат сите модели од семејството X, со исклучок на X1, чие што производство се одвива во Германија. Околу една третина од глобалната продажба на BMW отпаѓа на теренските модели. „Африканскиот“ X3 ќе се продава и на растечките пазари во Нигерија, Кенија и Танзанија.

Јужна Африка им дозволува привилегии на светските автомобилски компании како BMW, Ford и Volkswagen за инвестирање во фабрики во земјата. Оваа стратегија ќе продолжи и во следната деценија. До крајот на годинава се очекува во Јужна Африка да се произведат 620.000 возила.

Фабриката на BMW во Рослин е првата фабрика што германската компанија ја отвори во странство, во 1973 година. Годинава во фабриката ќе се произведат 70.000 примероци од серијата 3. Вкупната продукција во Рослин од отворањето, во февруари годинава надмина еден милион возила.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia најавува единаесет модели со хибриден и електричен погон до 2020 година

Само „тревен“ автомобил може да ни го спаси воздухот