На наддавањето во Дајтона Бич, уникатниот примерок на LaFerrari од сопствената колекција на Ferrari достигна 6,53 милиони евра. Како што претходно најави спортската марка, средствата од продажбата на овој LaFerrari ќе се донираат за санирање на штетите од серијата катастрофални земјотреси во Централна Италија.
Со вредност од 7 милиони долари или 6,53 милиони евра постигната на синоќешното наддавање во Дајтона Бич, LaFerrari стана најскап автомобил произведен во 21-от век. На крајот на август, Ferrari објави дека ќе го понуди LaFerrari од сопствената колекција на наддавање и средствата ќе ги донира за санација на штетите од серијата катастрофални земјотреси во Централна Италија.
Аукциската куќа RM Sotheby’s ја посвети целата своја експертиза со цел на наддавањето да се постигне колку е можно повисока вредност на возилото. Сите средства од наддавањето ќе се донираат за реконструкција на разурнатите подрачја во Централна Италија.
Уникатниот примерок од LaFerrari има каросерија во црвена боја, со бела линија околу хаубата и задното стакло. Тробојното знаме на хаубата е потсетник дека станува збор за подарок од Ferrari за сопствената земја. Во возилото е поставена и плочка со посвета.