за

Турбо мотори од BMW ќе му даваат сила на новиот Mini

Продажбата на новиот Mini ќе стартува за шест месеци. Во изгледот не се менува многу, но затоа растат перформансите. За прв пат ќе се вградуваат исклучиво мотори од мајката BMW.

Третата генерација на култниот Mini ќе стартува догодина со нови мотори и со подобрено подвозје. За прв пат под хаубата ќе работат само мотори од BMW. Како замена за 1,6-литарските бензинци што беа развиени заеднички со Peugeot ќе се користат бензинци со турбонатполнење од 1,5 и 2,0 литри со поголема моќност.

Помалиот мотор има три цилиндри и во почетокот ќе се нуди во верзија со моќност од 136 КС и вртежен момент од 230 њутнметри, што е значително повеќе од стариот четирицилиндарец во Cooper со 122 КС и 160 њутнметри. Врвен мотор на стартот ќе биде дволитарскиот четирицилиндарец со 192 КС и 300 њутнметри, како замена за 1,6-литарскиот турбо во Cooper S. Сите бензинци поседуваат директно впрскување и варијабилна работа на брегастите вратила.

Досега британската марка постојано користеше мотори од други партнери. Во првата генерација по преземањето од BMW се користеа мотори од Toyota и Chrysler, а во втората мотори од Peugeot. Отсега ќе се користат сопствени мотори, затоа што инвестицијата во нивниот развој и производство ќе се исплатува преку нивното вградување и во идните модели на BMW од компакт класата, со преден погон.

Главното тежиште во развојот е поставено на спортското подвозје. Сите компоненти се олеснети, а за управувањето ќе се користи електрична серво поддршка што ќе се приспособува според брзината. За прв пат ќе биде достапно и приспособлива амортизација, при што возачот ќе избира дали подвозјето ќе работи комфорно или спортски.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Заживува продажбата во Шпанија: 50.000 нови регистрации во септември

Топ 10: Вакви возачи нервираат најмногу