за

Тркачки симулатор во четири димензии за Nissan GT-R

Посетителите на Фестивалот на брзината во Гудвуд ќе можат ексклузивно да го доживеат првиот тркачки симулатор во 4D во светот, седејќи во виртуелна реалност на совозачкото место во Nissan GT-R.

Реалниот и виртуелниот свет се соединуваат во тркачка драма на Фестивалот на брзината во британскиот Гудвуд, со четиридимензионалниот тркачки симулатор што Nissan го креираше специјално за промоција на новиот GT-R пред публиката на фестивалот. До 15 гости можат да ја искусат тркачката возбуда во виртуелна реалност во 360 степени, „седејќи“ на совозачкото седиште на брзото јапонско купе. „Филмот“ во којшто виртуелно влегуваат гостите во симулаторот е снимка од возењето на Јан Марденбороу, тркачка ѕвезда на Nismo, којашто се следи преку очилата за виртуелна реалност Samsung Gear.

Nissan GT-R 4D SImulator

Четвртата димензија во симулаторот ја внесуваат динамичните седишта од специјалистот CL Corporation, коишто се движат синхронизирано со снимката од возењето во GT-R и на тој начин помагаат да се постигне доживување што е најблиску до реалноста. Снимката е направена со камера за виртуелна реалност Nokia OZO и на гостите во симулаторот им се пренесува преку паметен телефон Samsung S6.

Според европската филијала на Nissan, „не постои подобар начин да се искусат врвните можности на GT-R отколку да се седи на совозачкото седиште покрај возач како Јан Марденбороу. Првата 4D симулација во виртуелна реалност ќе им овозможи на илјадниците посетители на фестивалот да го доживеат возењето во овој иконски автомобил со еден од нашите најдобри возачи, во услови што се најблиску до реалноста.“

Новиот Nissan GT-R има европска премиера на фестивалот во Гудвуд. Моторот V6 од 3,8 литри и битурбо натполнење располага со 570 КС, на што се придружуваат значајни промени во каросеријата и подвозјето, со цел да се извлече максималниот потенцијал од спорткото купе на Nissan.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Aston Martin ќе изработи 99 примероци од Vanquish Zagato

Porsche повторно на првото место според квалитетот на производството