за

Тркачки велосипеди со широки гуми се новиот тренд на две тркала

Таму кадешто завршува асфалтот и почнуваат земјените патеки, патот за обичниот тркачки велосипед престанува. Тука патот го презема таканаречениот гравел-бајк. Но, што е толку особено кај овој новитет и што тој нуди различно од тркачкиот велосипед?

На брзинскиот велосипедизам му се отвораат нови патишта, во буквална смисла. Тркачките велосипеди повеќе не се строго „врзани“ со асфалтираните патишта, туку може да се користат и во нови средини, велосипедистите сега можат и надвор од асфалтот да уживаат во својот омилен спорт. Тоа го овозможуваат пошироките гуми, коишто се основа на таканаречените „гравел-бајк“ или велосипеди за сите терени. Овие гуми не се толку чувствителни на оштетувања кога се вози надвор од асфалт, за разлика од вообичаените, тесни гуми. 

velosipedi za site tereni 00001

Бидејќи широките гуми може да се возат со понизок притисок за на тој начин да налегнат со поголема површина, тракцијата на земјена подлога се подобрува. Различно од претпоставките, спортското возење не се губи, затоа што колку гумите се подебели, толку е подобро пробивањето по нерамна подлога. Трендот не случајно се нарекува и „road plus“.

Техничките иновации отвораат нови можности

Друга важна карактеристика на овие велосипеди за сите терени се диск-сопирачките, коишто се преземени од планинските велосипеди и достапни се со формата на рачката за сопирачки којашто е типична за брзинските велосипеди. Производителите почнаа со поинтензивен развој на овие сопирачки откако меѓународната велосипедска спортска асоцијација во 2010 година го одобри користењето на диск-сопирачките во циклокросот. Веднаш потоа се појавија и првите модели на тркачки велосипеди со диск-сопирачки. Бидејќи овие сопирачки дејствуваат директно на оската на тркалото, нема потреба од вообичаените сопирачки клешти што дејствуваат на бандажите и ја ограничуваат ширината на самите бандажи и на гумите.

velosipedi za site tereni 00006

Пресудна улога во трендот на „гравел-бајк“ имаше и развојот на тјублес-гумите. Исто како кај автомобилите, тука нема потреба од внатрешна гума, со што се заштедува во тежина. За заштита од помали продупчувања се користи вулканизирачка маса што се полни во гумите.

Гравел-бајк е само варијанта на велосипед за трки во издржливост?

Познавачите ќе најдат сличности со велосипедите за трки во издржливост, коишто се еден вид претходник на гравел-бајкот. Но, постојат значајни разлики. Велосипедите за издржливост се тркачки велосипеди со незначително подебели гуми, заради поголем комфор во возењето. Седењето е порелаксирано во споредба со класичните тркачки велосипеди, односно рамката е покуса и воланот е поставен повисоко. Наспроти тоа, гравел-бајк може да користи уште пошироки гуми и седењето е многу поспортско.

velosipedi za site tereni 00003

Трендот на широките гуми почна од производителите на велосипеди по мерка и малосериските производители. Откако гравел-бајк го привлече вниманието, на спортските велосипедисти им стана јасно дека тука не се губи од брзината на тркачкиот велосипед и само се добива поширок спектар на примена. Тоа ги наведе и поголемите фирми да понудат на пазарот свои модели на гравел-бајк.

velosipedi za site tereni 00004

Во понудата постојат и бројни модели со багажник или осветлување со динамо во оската, како и со навои за калници. Гравел-бајк често се користи и како секојдневен превоз, а не само како спортски реквизит. Како и за сите новитети, купувачите уште реагираат релативно скептично на гравел-бајкот и сметаат дека се работи само за маркетиншки трик. Пазарот во САД полесно ги прифаќа новитетите и велосипедистите ги препознаваат предностите. Веројатно е само прашање на време кога гравел-бајк ќе се пробие и на европска почва, бидејќи поедноставното користење и поширокото подрачје на примена се неспорни.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Tesla ги престигна Ford и GM како највредна автомарка во САД

Знаменосецот на Opel го владее и теренот: Insignia Country Tourer