за

ЕУ бара за третина помалку СО2 од автомобилите до 2030 година

СО2 аерозагадување

Производителите на автомобили мораат да ја намалат емисијата на СО2 за 30 проценти до 2030 година. ЕУ ќе казнува за секој грам надминување, возилата со емисија над лимитот ќе бидат значително поскапи.

Производителите на автомобили во ЕУ мораат да ја смалат емисијата на СО2 на новите возила за 30 проценти до 2030 година. Тоа е одлуката што денес ја донесе Комисијата на ЕУ во Брисел. Сегашните правила остануваат на важност до 2021 година. Потоа, просечната емисија на СО2 на сите модели во ЕУ мора да биде пониска од 95 грами по километар.

Што предвидува новата одлука на Европската Комисија за намалување на емисијата на СО2

Емисијата на СО2 на новите возила треба да се намали за 15 проценти до 2025 година, односно за 30 проценти до 2030 година. Појдовна вредност во однос на којашто треба да се постигне намалувањето се 95 грами СО2 на километар за патнички возила и 147 грами за лесни доставни возила.

Дополнителен проблем за производителите претставува тоа што вредноста од 95 g/km се однесува на старата мерна норма. Од септември годинава е на важност новата норма за мерење на потрошувачката и штетната емисија, којашто е поблиску до реалната потрошувачка.

Производителите на автомобили што нема да ги исполнат барањата, ќе се соочуваат со високи казни. ЕУ предвидува казна во висина од 95 евра за секој грам СО2 над лимитот од 95, односно 147 g/km – по возило. За големите автомобилски концерни тоа би значело казна во висина од неколку милиони евра.

Бонуси за производителите што ќе ја исполнат нормата 30% од продукцијата да бидат електрични возила

Комисијата на ЕУ препорачува 30 проценти од продукцијата на автомобилските марки од 2030 година да отпаѓа на возила со електричен или друг вид погон со нулта или ниска емисија на СО2. За поттикнување на електромобилноста, Комисијата ќе вложи 800 милиони евра за поставување полначи за струја на целата територија на Европа.

Бидејќи ЕУ очекува во следните неколку години да се случи голем наплив од нови модели со нулта или ниска емисија на штетни материи, производителите ќе добиваат бонус поени доколку ги достигнат целите за СО2. Условот е над 15 проценти од вкупната продажба на автомобилските концерни до 2025 година да отпаѓа на чисти возила, односно над 30 проценти до 2030 година.

Потрошувачката и емисијата на СО2 на новите модели во ЕУ, од 1-ви септември се хомологираат според новиот мерен циклус, со когошто се постигнуваат вредности многу поблиски до реалните. Според последното истражување на Меѓународниот совет за чист транспорт, разликата меѓу фабричката и реалната потрошувачка на новите автомобили лани изнесувала дури 42 проценти.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

електрични автомобили

Ова се 20-те светски метрополи на електрични автомобили

мобилна апликација ford

Мобилна апликација за пополнување празни седишта