за ,

Тренд во Америка и Азија: Продажни салони за автомобили – без автомобили

САД и Азија воведуваат нов пристап во продажбата на автомобили. Во овие салони нема каросерии со полиран лак или долги излози што го привлекуваат вниманието. Новиот тренд е бутик за автомобили.

Во салонот на Lexus во Токио, сместен во угледниот комерцијален кварт Аојама, веројатно ќе наидете на зачудени погледи доколку го прашате персоналот каде се изложени автомобилите. Овој ексклузивно уреден локал во непосредна близина на продавниците на Dior, Prada или Cartier работи веќе трета година според новиот принцип, кој во целост ги има напуштено традиционалните пристапи во продажбата на автомобили. На вратата пишува само „Intersect by Lexus“ и внатре нема да најдете ниту еден автомобил, барем не обичен.

Intersect by Lexus е осмислен како центар во којшто се доживуваат принципите на марката, моделите тука имаат „споредно“ значење
Intersect by Lexus е осмислен како центар во којшто се доживуваат принципите на марката, моделите тука имаат „споредно“ значење

Единственото возило се наоѓа на крајот на приземјето, во делот што вработените го нарекуваат „гаража“. Тука обично е изложена некоја од дизајнерските студии коишто марката ги прикажува на големите авто-салони. На ѕидовите може да се забележат делови од автомобилите на Lexus, лакирани во бело и наредени едно врз друго како во макета за составување. Замислата е локалот да ја претставува првенствено марката, а дури потоа нејзините автомобили. Пред неколку недели сличен „бутик“ се отвори и во Дубаи, каде што намерниците би требало да се инспирираат и да се релаксираат во пријатната средина.

Lexus не е единствена марка со различен пристап во продажбата. Повеќе луксузни марки во последните години извршија темелна промена во начинот на којшто им се претставуваат на купувачите. Калифорнискиот производител на електромобили Tesla има отворено претставителни бутици во најскапите шопинг центри во светот, а ниту марката со сребрената ѕвезда не заостанува со својот Mercedes-Me во Хамбург. Овие марки сакаат да понудат доживување што се разликува од вообичаеното купи-продај.

Најголемиот дилер на Mazda, групацијата Kanto, отвори спектакуларен салон во Токио, со примена на врвен дизајн, беспрекорна организација и иновативни содржини
Најголемиот дилер на Mazda, групацијата Kanto, отвори спектакуларен салон во Токио, со примена на врвен дизајн, беспрекорна организација и иновативни содржини

Во последно време, на трендот му се приклучуваат и обичните марки. Mazda не може да се пофали со особено репрезентативни продажни објекти. Досега. Дилерот Kanto го претвори продажниот центар Мегуро Химонија во Токио во храм на Mazda. До пред една година, оваа градба изгледала како најобичен продажен објект со ѕидови од бели тули и керамички плочки на подот, за сега да се претвори во впечатлива црна палата со темни подови и со светлосни ефекти какви што обично се среќаваат само во најскапите модни бутици или салони за мебел. На новиот визуелен настап се надоврзува и специјално обучен персонал со костуми по мера, вклучувајќи и домаќин, кој ги поздравува гостите исто како во некој луксузен хотел. Тука сепак станува збор само за сопствена иницијатива на дилер на Mazda.

Во Абу Даби, пак, повеќе се почитува грандиозноста. Дилер на Mercedes изгради стаклена палата, голема колку спортска сала и вредна 100 милиони евра. Секако дека од тоа не може да произлезе друго освен најголемиот салон за марката Mercedes во светот. Изложбениот салон располага со 5.000 метри квадратни и место за над 100 возила. Не заостанува ниту климатизираната сервисна работилница, со 250 работни места. И повторно, тоа е најголемата сервисна работилница во светот. Тристотини механичари работат во сервисот, кој со површината од 21.000 метри квадратни може да собере 50 авиони.

И повторно Lexus, но овојпат во САД. Lexus Escondido се наоѓа на Југот на Калифорнија и неговата сопственичка Џуди Џоунс ги има смислено сите начини да заработи од присуството на постоечките и идните клиенти во објектот. Овој продажен комплекс е изграден на три ката, со огромен салон за 900 нови и користени возила, со солидно опремена сервисна работилница и со еден вид уметничка работилница, во којашто љубопитните клиенти можат виртуелно да ги расклопат автомобилите до последната завртка.

Тоа не е сé. Во центарот се наоѓаат и фризерски салон и салон за разубавување, детска игротека со професионални воспитувачки, уметничко ателје, библиотека со масажни фотелји, бутици за облека и домашна декорација, конференциски сали, организација за прослави, симулатор за голф и гурмански ресторан со огромна тераса на којашто се одржуваат венчавки и концерти. Lexus Escondido располага и со курсеви за сликање и голф, за клиентите да се забавуваат додека се во посета на овој необичен салон за автомобили. Вредноста: 30 милиони долари. Планот е содржините да се збогатуваат и натаму. Посетители не недостигаат.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

HS Motorsport прави Mercedes-AMG C63 да биде уште позабележлив

Кокпит на иднината: Каде ми исчезна воланот?