за

Топ 5: Најевтини модели во компакт класата

Над 900 најразлични моделски изведби се натпреваруваат да ги освојат купувачите во компакт класата, вклучувајќи ги сите варијанти и комбинации на мотори, нивоа на опрема, менувачи, само во традиционалната комбилимузинска каросерија со 5 врати. Automedia сакаше да дознае кои 5 модели во моментов се најевтини во понудата во македонските салони за автомобили.

Најмалку со стотина коњски сили, задолжително со клима уред, контрола на стабилност и комплетна заштита со воздушни перници, способни да постигнат крајна брзина до 191 километри на час и каросерија развлечена на должина како на лимузина од средна класа од пред дваесетина години – сето тоа го умеат најевтините комбилимузини со пет врати во компакт класата, коишто во моментов се нудат на македонскиот пазар.

Toyota го поставува предизвикот за конкуренцијата со 12.810 евра за Auris

Најевтината понуда ја има Toyota, со 12.810 евра за Auris 1.33 Terra, додека најскапата понуда во нашата „Топ 5“ изнесува 14.790 евра за Citroen C4 110 Live. Во овој ценовен опсег има уште три модели, кои водат прилично рамномерна битка во поглед на противвредноста што имаат да ја прикажат пред купувачите. Четири од моделите имаат акциски цени, некои од нив важечки до завршетокот на годинава. Toyota Auris „попушта“ најмногу, со 2.440 евра, но ниту Renault Megane не заостанува премногу, со 2.300 евра под редовната цена, за верзијата на францускиот компакт со 1,6-литарски бензинец со 115 КС. Во апсолутна вредност, повторно предничи Auris, со попустот од 19 проценти.

Вистина, може да се биде и повеќе од задоволен од тоа што автомобилските марки го имаат како „најевтина“ понуда. Во поглед на актуелноста на моделите, најстариот од нив датира од 2010 година, но затоа имаше темелно освежување пред една година – Citroen C4 во исто време го има и технолошки најнапредниот мотор во оваа „каста“. Со три цилиндри и турбонатполнење, PureTech 110 ја прикажува и најниската просечна потрошувачка, од 4,8 литри на сто километри.

Дијапазонот на работна зафатнина досега од 1,0 до 1,6 литар

На спротивниот крај е 1,6-литарскиот атмосферски бензинец во Renault Megane, којшто го искористува традиционалниот пристап дека подобро од голема работна зафатнина може да биде само поголема работна зафатнина. По правило, над овие основни бензинци, во понудата веднаш следува мотор скроен според „даунзајсинг“, со скусена работна зафатнина и скусен број цилиндри, но со турбонатполнење – и соодветно повисока цена, којашто купувачите во ЕУ се подготвени да ја платат, заради пониската емисија на СО2, според којашто се одредува висината на трошоците за годишна регистрација на возилото. Кај нас, тој еколошки аспект уште не се зема во предвид. Пример: Новиот 1,2-литарски турбо бензинец во Auris, во замена за 1,6-литарецот.

Toyota Auris 1.33 Dual VVT-i Terra

Акциска цена 12.810 евра

Редовна цена 15.250 евра

Toyota Auris

Втората генерација на Toyota Auris доживеа премиера на салонот во Париз во 2012 година, а се произведува во Бурнастон, Велика Британија. Новото моделско име во 2006 година ја замени Corolla во понудата на Toyota по цели четири децении. Името беше сменето за на моделот да му се даде нов имиџ, различен од Corolla. Лимузинската изведба и натаму се нуди под познатото име и ја дели платформата со Auris. Во јуни 2015 година моделот претпе фејслифт, препознатлив по хромираната лајсна што се спојува со светлата, како и по динамичниот стил во долната половина од браникот. Со освежувањето пристигнаа и нови мотори, 1,2-литарски турбо и 1,6-литарски дизел од BMW. Основниот бензинец од 1,33 литар остана непроменет. Подвозјето исто така претрпе промени, во насока на подобрување на комфорот и управливоста.

Мотор и пренос Работна зафатнина 1329 ccm, број на цилиндри / вентили по цилиндар 4 / 4, моќност 99 КС при 6000/min, вртежен момент 128 Nm при 3800/min, мануелен менувач со 6 степени Димензии и тежини 433 / 176 / 148 cm, меѓуоскино растојание 260 cm, багажник 360 / 1200 L, тежина 1225 kg, носивост 510 kg Перформанси 0-100 km/h 12,6 s, крајна брзина 175 km/h Потрошувачка (град / пат / просек) 6,8 / 4,8 / 5,5 L/100 km, емисија на СО2 128 g/km, резервоар 50 L Гаранции: 6 години или 200 000 km за техника, 12 години за корозија.

Сериска опрема (извадок): АВЅ, контрола на стабилност, помош при поаѓање на нагорнина, 7 воздушни перници, електрика на ретровизори и греење, радио со команди на волан и блутут, централна брава со далечинско ракување, електрика на предни прозорци, диодни дневни светла, патен компјутер, автоматски клима уред, поделена задна клупа, диодни задни светла

Kia cee’d 1.4 CVVT Experience

Акциска цена 12990 евра

Редовна цена 13990 евра

Kia Ceed

Ceed пристигна во понудата на Kia на местото на неуспешниот Cerato во 2006 година, како прв модел на Kia што целосно беше дизајниран и развиен според барањата на европските купувачи. Производството се одвива во Словачка, во една од најновите и најсовремени автомобилски фабрики на европска почва. Втората генерација е на пазарот од 2012 година. Покрај класичната верзија со пет врати се нудат и спортски скроениот pro_cee’d и комбито cee’d_sw. Последното освежување на моделот датура од јуни 2015 година, со незначителни промени во дизајнот. Како новитет во понудата од мотори пристигна трицилиндарски мотор од еден литар и 120 КС, а за првпат беше понуден и седумстепен менувач со двојна спојка.

Мотор и пренос Работна зафатнина 1368 ccm, број на цилиндри / вентили по цилиндар 4 / 4, моќност 100 КС при 6000/min, вртежен момент 134 Nm при 4000/min, мануелен менувач со 6 степени Димензии и тежини 431 / 178 / 147 cm, меѓуоскино растојание 265 cm, багажник 380 / 1318 L, тежина 1254 kg, носивост 566 kg Перформанси 0-100 km/h 12,7 s, крајна брзина 183 km/h, Потрошувачка (град / пат / просек) 7,8 / 4,9 / 6,0 L/100 km, емисија СО2 138 g/km, резервоар 53 L Гаранции 7 години или 150 000 km на техника, 12 години за корозија.

Сериска опрема (извадок): АВЅ, контрола на стабилност, помош при поаѓање на нагорнина, 6 воздушни перници, контрола на притисок во пневматици, централна брава со далечинско ракување и аларм, клима уред, радио со команди на волан, патен компјутер, електрика на предни прозорци, електрика на ретровизори и греење, поделена задна клупа

Opel Astra 1.4 Selection

Акциска цена 13.490

Редовна цена 15.182

Opel Astra

Opel Astra K ја доживеа светската премиера на салонот во Франкфурт во 2015 година. Производството на моделот се одвива во Елсмер Порт, Велика Британија и во Гливице, Полска. Компактот на Opel е актуелен носител на титулата автомобил на годината во Европа, а го освои и златниот волан во компакт класата, во изборот на германските магазини Bild и Auto Bild. Петтата генерација на Astra се нуди на кинескиот пазар како Buick Verano. Освен во класична верзија со пет врати, Astra е достапна и како комби под името Sports Tourer.

Мотор и пренос Работна зафатнина 1399 ccm, број на цилиндри / вентили по цилиндар 4 / 4, моќност 100 КС при 6000/min, вртежен момент 130 Nm при 4400/min, мануелен менувач со 5 степени Димензии и тежини 437 / 181 / 149 cm, меѓуоскино растојание 266 cm, багажник 370 / 1210 L, тежина 1244 kg, носивост 516 kg Перформанси 0-100 km/h 13,4 s, крајна брзина 185 km/h, Потрошувачка (град / пат / просек) 7,5 / 4,4 / 5,5 L/100 km, емисија СО2 128 g/km, резервоар 47 L Гаранции 2 години на техника, 12 години за корозија.

Сериска опрема (извадок): АВЅ, контрола на стабилност, 6 воздушни перници, мануелен клима уред, радио, блутут, централна брава со далечинско ракување, електрика на предни прозорци, електрика на ретровизори и греење, поделена задна клупа

Renault Megane SCe 115 Life

Акциска цена 13990 евра

Редовна цена 16290 евра

Renault Megane

Megane е присутен на пазарот веќе во четвртата генерација, откако првиот модел со ова име се појави во замена за Renault 19 во 1995 година, со впечатлив дизајн и типични вредности на француски автомобил. Актуелниот модел доживеа премиера лани на салонот во Франкфурт, а во продажба е од минатата пролет. Megane IV е дел од големата моделска офанзива на Renault, којашто донесе целосен пресврт во марката, со многу посигурен дизајнерски настап, напредна техника и значајно подигнато ниво на квалитет. Комбито Grandtour ја дополнува каросериската понуда, исто како и класичната лимузина којашто се произведува во Бурса, Турција.

Мотор и пренос Работна зафатнина 1598 ccm, број на цилиндри / вентили по цилиндар 4 / 4, моќност 115 КС при 5500/min, вртежен момент 156 Nm при 4000/min, мануелен менувач со 5 степени Димензии и тежини 436 / 182 / 145 cm, меѓуоскино растојание 267 cm, багажник 384 / 1247 L, тежина 1280 kg, носивост 526 kg Перформанси 0-100 km/h 12,2 s, крајна брзина 191 km/h, Потрошувачка (град / пат / просек) – L/100 km, емисија СО2 – g/km, резервоар 47 L Гаранции 5 години на техника, 12 години за корозија.

Сериска опрема (извадок): АВЅ, контрола на стабилност, помош при поаѓање на нагорнина, 6 воздушни перници, контрола на притисок во пневматици, темпомат, електрика на ретровизори и греење, патен компјутер, клима уред, радио, блутут, централна брава со далечинско ракување, диодни дневни светла, електрика на предни прозорци, поделена задна клупа

Citroen C4 PureTech 110 Life

Акциска цена –

Редовна цена 14790 евра

Citroen C4

Актуелниот Citroen C4 не ја продолжи авангардата на неговиот претходник, кој се разликуваше од унифицираната понуда во класата во секој поглед, почнувајќи од фиксната глава на воланот, преку средишната лента во замена за класична табла со инструменти, до парфемот за кабината. Французите решија да ги преземат вредностите на германските конкуренти, особено во поглед на завршната изработка и во функционалноста. Втората генерација на наследникот на Xsara е на пазарот од 2010 година, со последно моделско освежување во јануари 2015. Во понудата на мотори пристигна еднолитарски бензинец со три цилиндри и 110 КС, во замена за стариот 1,4-литарец, како нов основен мотор, заедно со два нови дизела со по 99 и 120 КС.

Мотор и пренос Работна зафатнина 1199 ccm, турбонатполнење, број на цилиндри / вентили по цилиндар 3 / 4, моќност 110 КС при 5500/min, вртежен момент 205 Nm при 1500/min, мануелен менувач со 5 степени Димензии и тежини 433 / 179 / 150 cm, меѓуоскино растојание 261 cm, багажник 408 / 1183 L, тежина 1275 kg, носивост 495 kg Перформанси 0-100 km/h 12,3 s, крајна брзина 184 km/h Потрошувачка (град / пат / просек) 6,1 / 4,0 / 4,8 L/100 km, емисија СО2 112 g/km, резервоар 60 L Гаранции 2 години на техника, 12 години за корозија.

Сериска опрема (извадок): АВЅ, контрола на стабилност, помош при поаѓање на нагорнина, 6 воздушни перници, контрола на притисок во пневматици, централна брава со далечинско ракување, електрика на ретровизори и греење, клима уред, електрика на предни прозорци, поделена задна клупа, радио со команди на волан, темпомат

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Автомобилите ќе добијат надворешни воздушни перници?

Honda го произведе стомилионитиот автомобил под своето лого