за ,

Тест: Toyota Auris 1.33 Terra

Toyota моментно е во предност во пазарниот натпревар во продажни акции и го нуди Auris 1.33 Terra како најевтин модел со комбилимузинска каросерија во компакт класата. На цената се надоврзуваат традиционалните вредности на Toyota и на големото моделско име чиишто гени ги поседува Auris, на Corolla. Може ли Toyota Auris да се снајде и во улогата на најевтин компакт?

Големи изненадувања пристигаат од Toyota во последно време. Лимузина со име Mirai според јапонскиот збор за иднина, којашто користи водород како погонско гориво и целосно е распродадена за следните две години, кросовер CH-R што ги привлекува погледите како модел на ревија за долна облека, па уште и враќање на светскиот број еден на рели-патеките по пауза од речиси две децении со Yaris WRC. Во ваква атмосфера е премногу да се очекува дека од марката од Тојота Сити ќе пристигне и најевтината понуда во компакт класата. Auris во изведба со бензински мотор од 1,33 литар и ниво на опрема Terra, достапен е по цена од 12.810 евра.

Реална понуда место „штотуку распродадена“ непостоечка понуда

Модел од компакт класата со практична комбилимузинска каросерија во моментов не се добива по пониска цена од тоа. Реален модел. Пазарот познава случаи кога се рекламираат бомбастични ценовни понуди, за потоа во салон да следи објаснување дека залихата е распродадена, а во моментот има уште подобра понуда којашто вклучува патосници и чини само неколку илјади евра над „распродадениот“ модел. Понудата на Toyota е наполно реална и веројатно во поголемиот дел е заслуга на славеничкото расположение во знак на 50-годишнината на Corolla, крвниот сродник по права линија на Auris.

toyota auris test 00011

Една од причините зошто основната моделска изведба на Auris наидува на одлична пазарна прифатеност, со педесетина продадени примероци од почетокот на акцијата, веројатно се должи на фактот што јапонскиот компакт во нивото Terra воопшто и не изгледа како основен модел. Секако дека има простор за „стилско-функционална“ надоградба: Алуминиумски бандажи во серија следуваат дури во врвното ниво Sol, коешто е достапно само со посилните мотори, додека магленките доаѓаат во пакет во средното ниво Luna. Овие стилски детали, Toyota ги досредува умешно од понудата на прибор за дополнително вградување: Бандажи од 15 инчи за 189 евра по парче, предни магленки за 284 евра или хромиран завршеток на издувна цевка за 76 евра. Дури и со овие надградби, Auris останува во ценовната рамка на најблиските конкуренти.

Дизајнерските освежувања се незначителни во споредба со зафатите во техниката

Стилот сепак не е основниот аргумент со когошто компактната Toyota го брани своето место на пазарот. Паралелно со освежувањето на дизајнот, коешто и не му беше толку неопходно на Auris, но беше потребно заради ускладување со актуелниот „X-Design“, техничарите на марката работеа обемно и на подвозјето, на материјалите, на комфорот и на возните својства, на понудата од мотори – всушност, на сé.

toyota auris test 00004

Тоа што во возењето сега би требало да се почувствува пониско ниво на бучава, се должи првенствено на една моделска изведба на Auris, во случајов и најважната. Повеќе од половината од продажбата на моделот на европскиот пазар отпаѓа на верзијата со хибриден погон. Во истражувањето на пазарот, експертите на јапонската марка утврдија дека возачите најмногу го ценат токму ниското ниво на бучава и вибрации кај Auris Hybrid – исто како и кај останатите модели со хибриден погон.

Од стишувањето заради хибридната верзија профитира целата гама на Auris

За максимално да се искористи оваа придобивка од погонот со две срца, Toyota додаде дополнителна изолација во кошот за моторот, во преградниот ѕид, во тунелот за менувачот, во предните поткрила, под арматурната табла, во вратите. Сето тоа раководено според принципот: Ако досега возачите уживаа во тишината на хибридот, отсега нека уживаат уште повеќе. Од хибридната изведба профитира целата моделска гама на Auris. Во реалноста и конкретно со 1,33-литарскиот Dual VVT-i?

toyota auris test 00010

При секојдневна градска тура, звукот од моторот секогаш е некаде во заднина, на четирицилинарецот апсолутно не може да му се припише критика дека е бучен. Сликата се менува на автопат, кога моторот го покажува своето „присуство“. Оцена дека моторот е бучен, сепак не може да се даде. Тоа што се „слуша“ е фреквенцијата на звукот, не силината. По неколкучасовна тура по автопат, слухот не пријавува малтретирање, а и во кабината не мора да се разговара на висок тон.

Многу е појасна ситуацијата со подвозјето. Пружините, амортизерите, лежиштата за амортизерите и лежиштата на попречниот стабилизатор – комплетната предна оска претрпе преправки во насока на подобрување на комфорот, управливоста и стабилноста. Истото важи и за задната оска, торзиска кај 1,33- и 1,4-литарецот, мултилинк кај останатите моделски изведби.

Со понуденото ниво на комфор Auris претендира кон врвот на класата

Ефектот се чувствува најизразито во комфорот. Оцената дека Auris, барем со лесниот 1,33-литарец во носот, амортизира како лимузина од една класа погоре, би била погрешна, затоа што не е мал  бројот на лимузини од средната класа што во тој поглед се послаби од „златниот“ модел на Toyota. Тивко, меко, спокојно, амортизацијата не си дозволува ексцеси на нерамнините на патот.

Овој комфор не оди на сметка на возните својства, особено откако техничарите го променија софтверот за електричното сервоуправување, за во подрачјето меѓу 60 и 80 километри на час да се добива поголема повратна информација во воланот. Кажано поинаку, возачот сега има поголема доверба во подвозјето на Auris, когошто тоа не го претвора во спортист во класата, но е сосема пристоен и при подинамични маневри.

toyota auris test 00008

Моторот од 1,33 литар остана непроменет во моделското освежување на Auris. Новитет во погонската спрега е 1,2-литарскиот турбо со 116 КС, во замена за 1.6 Valvematic, како и 1.6 D-4D со 112 КС од BMW, на местото на 2.0 D-4D. Токму „поштедувањето“ на основниот бензинец е причината за сегашната ценовна предност на Auris. Наспроти трендот на вградување трицилиндарци со турбонатполнење и комплицирана техника на впрскување на горивото во компакт класа, којшто се покажа дека има ефект само во лабораториски услови, само за производителите да прикажат пониска вредност на СО2, Toyota избра да продолжи со конвенционалниот пристап. Со право.

Моторот со 99 КС во секојдневни услови на возење ќе постигне просечна потрошувачка од околу осум литри, со потенцијал за уште еден литар подолу, доколку зад воланот е пасиониран штедливец. Со 1.225 килограми, Auris 1.33 е меѓу најлесните модели во конкуренција, со педесетина килограми помалку од C4 или Focus, што се чувствува и во лежерната работа на подвозјето и во сметката за гориво.

Toyota Auris во споредба со петте ценовно најблиски конкуренти

Марка и модел Toyota Auris Kia cee’d Renault Megane Opel Astra Citroen C4 Ford Focus
Изведба 1.33 Dual VVT-I Terra 1.4 CVVT Experience SCe 115 Life 1.4 Ecotec Selection PureTech 110 Live 1.6 Ti-VCT Trend
Редоцна цена во евра 15250 13990 16290 15182 14790 15300
Акциска цена во евра 12810 12990 13990 13490
Почеток на продажба 09/2015 09/2015 03/2016 10/2015 11/2010 10/2014
Работна зафатнина [ccm] 1329 1368 1598 1399 1199, турбо 1596
Цилиндри / вентили 4 / 4 4 / 4 4 / 4 4 / 4 3 / 4 4 / 4
Моќност [КС / min] 99 / 6000 100 / 6000 115 / 5500 100 / 6000 110 / 5500 105 / 6000
Вртежен момент [Nm / min] 128 / 3800 134 / 4000 156 / 4000 130 / 4400 205 / 1500 150 / 4000
Менувач ст. 6 6 5 5 5 5
Димензии [cm] 433 / 176 / 148 431 / 178 / 147 436 / 182 / 145 437 / 181 / 149 433 / 179 / 150 436 / 183 / 147
Меѓуоскино растојание [cm] 260 265 267 266 261 265
Багажник [L] 360 / 1200 380 / 1318 384 / 1247 370 / 1210 408 / 1183 363 / 1262
Тежина [kg] 1225 1254 1280 1244 1275 1264
Носивост [kg] 510 566 526 516 495 561
0-100 km/h [s] 12,6 12,7 12,2 13,4 12,3 12,3
Крајна брзина [km/h] 175 183 191 185 184 180
Потрошувачка [L/100 km] 6,8 / 4,8 / 5,5 7,8 / 4,9 / 6,0 7,5 / 4,4 / 5,5 6,1 / 4,0 / 4,8 8,3 / 4,6 / 5,9
Емисија СО2 [g/km] 128 138 128 112 136
Резервоар [L] 50 53 47 48 60 55
Гаранции (техника, корозија) 6 г. или 200 000 km,  12 г. 7 г. или 150 000 km, 12 г. 5 г, 12 г. 2 г, 12 г. 2 г, 12 г. 2+3 г, 12 г.

Останати конкуренти:

  • Mazda 3 SkyActiv-G 100 Experience 16980 евра
  • Peugeot 308 PureTech 110 S&S, 18020 евра
  • VW Golf 1.2 TSI, 18828 евра
  • Honda Civic 1.4 S, 18990 евра
  • Fiat Tipo 1.4 16V (моментно недостапен во комбилимузинска изведба)
  • Seat Leon (уште не е објавен ценовникот на освеженото моделско годиште)

Во споредба со актуелната Astra 1.4, јапонскиот компакт е за близу една секунда побрз во спринтот, но заостанува 10 km/h во крајната брзина. Објаснувањето е во најголем дел во преносот. Auris има за нијанса покус пренос, со когошто поцврсто се држат уздите на 1.33 Dual VVT-i. Тоа оди во корист на динамиката во возењето, без да се наштети на потрошувачката. Менувачот се надоврзува беспрекорно во погонската спрега, со меки, прецизни и куси одови. Сосема примерно.

Голем напредок од отворањето на центарот за „перцепција на квалитет“

Истото важи и за кокпитот. Откако Toyota го отвори центарот за „перцепција на квалитет“ во 2012 година, новите модели на марката повеќе не си дозволуваат чудни комбинации од бои и материјали за европското око и за европските прсти. Центарот се отвори во истата година кога и втората генерација на Auris се појави на пазарот. Според Тошио Канеи, шеф за европските модели на марката, предноста на Toyota е во материјалите и во изработката. Со фејслифтот на Auris се потврдува дека Канеи Сан е во право.

Наспроти претходникот, новото моделско годиште на Auris ги напушти сребрените украси во кокпитот и ги замени со помалку нападен хромиран финиш, прикажува многу поголема хармонија во изборот на боите, материјалите се попријатни на допир, меѓу другото вклучувајќи и меко обложена арматурна табла, а кога ќе се погледне подобро, дури и натписите на прекинувачите се сменети. Веројатно не е случајност тоа што инструментите и средишната конзола имаат осветлување во светлосина боја. Според независни истражувања, надвор од јапонскиот концерн, сината боја ја зголемува будноста, што секако важи и во возењето.

toyota auris test 00014

Контролата за климатизацијата исто така е преработена и јасна е за ракување, во дното на конзолата се наоѓа затворена преграда – наменета за мобилен телефон и ништо друго – неколку прекинувачи лево од воланот уште се провлекуваат со „стариот“ стил. Седиштата се примерни, со нешто послаба странична поддршка за подинамично возење во свијоци, средишниот потпирач за рака следува како стандард, исто како и контролите за радио на воланот.

Редовната цена на Auris 1.33 Dual VVT-i изнесува 15.250 евра, што значи дека акцијата на Тојота Ауто Центар нуди попуст од 19 проценти или 2.440 евра. Во опремата не недостига нешто значајно: Контрола на стабилност, помош при поаѓање на нагорнина, 7 воздушни перници, автоматски клима уред, радио со команди на волан, блутут, диодни дневни светла, диодни задни светла, патен компјутер, грејачи во ретровизори. Магленки или алу-бандажи стојат на располагање во понудата од прибор, отсуството на кожа на воланот не пречи, полиуретанот е сосема пристоен.

Кога одговара основата, одговара и сé друго

Акцијата нуди голем попуст за Auris 1.33 Terra, но некои купувачи секако дека ќе го искористат тоа и за останатите моделски изведби, особено кога првото скалило погоре, Auris со новиот 1,2-литарски турбо со 116 КС и ниво на опрема Luna, чини исто колку редовната цена за основниот модел. За 15.330 евра, Auris 1.2 T Luna доаѓа со попуст од 2.920 евра и со сите дополнителни ставки во повисокото ниво на опрема: Систем старт-стоп, инфо-забавен систем со дисплеј на допир од 7 инчи, камера за рикверц, магленки, кожа на воланот и рачката на менувачот, грејачи во предните седишта, бандажи од 16 инчи. Втора алтернатива е Auris 1.6 Luna за 14.910 евра. Тоа се „слатките“ маки при изборот. Но, познат е принципот: Кога основата одговара, одговара и сé друго.

[FAG id=26825]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Honda го произведе стомилионитиот автомобил под своето лого

Европските градови го ограничуваат пристапот за нееколошките автомобили