за ,

Тест: Mitsubishi Space Star 1.2 Invite

Space Star постигна впечатлив успех со штедливоста и противвредноста. Сега следуваат и последните финеси во стилот и возните својства, кои ќе придонесат моделот да достигне уште поголем круг купувачи.

На производителите сигурно ќе им беше многу поедноставно доколку малечките автомобили требаше да бидат само малечки и евтини. Сé уште. Додека купувачите на автомобил во поскапите сегменти во меѓувреме се занимаваат со прозаични работи, како технологија за автономно возење или електрификација на погонската спрега, нивните традиционални барања сега ги преземаат и купувачите на градските возила. Не се простува ако подвозјето амортизира недоволно комфорно, ако отсуствува врска со мобилниот телефон или материјалите изгледаат неквалитетно.

По три години од стартот на моделот, Mitsubishi го стави Space Star на третман за унапредување на вредностите на коишто до скоро можеше сé уште да се прогледува низ прсти. Секако, подвозјето сега треба да работи покомфорно и внатрешноста да оддава поквалитетен впечаток, а не е пропуштено ниту надоградување на можностите за користење на мобилниот телефон во кокпитот. Најсуштинските промени сепак се во изгледот. „Просторната ѕвезда“ на Mitsubishi досега не поседуваше некакво стилско обележје што повеќе ќе го привлече интересот и ќе убеди полесно во квалитетите на возилото.

Две третини од купувачите на Space Star доаѓаат од други марки

Оваа умереност во визуелниот настап сепак не го попречи успехот на Space Star, кој во почетокот се чинеше дека ќе остане во сенка на претходникот Colt. Од појавувањето на моделот во март 2012 година до завршетокот на минатата година, Mitsubishi продаде над 330.000 примероци од Space Star. Повеќе од една третина отпаѓа на регионот на Југоисточна Азија, вклучувајќи го тука и Тајланд, кадешто е производството на моделот, по што следат Европа со 71.000 примероци и Северна Америка со 51.000 примероци. Најголем пазар во Европа е токму строгиот германски пазар, со 28.000 примероци, далеку пред Холандија  со 8.000 и Велика Британија со 6.000 продадени примероци.

mitsubishi space star test automedia 00013

Обемот на зафатите во Space Star не заостанува во модификациите што претходно ги доживеа и Outlander. Покрај козметичките зафати, промени се случија и во самата каросерија структура, со префрлување на неколку клучни структурни компоненти на челична ламарина со висока цврстина. Тоа резултираше во повисока крутост на каросеријата, а со тоа и во намалување на сопствените резонанции на каросеријата при работата на подвозјето. Заедно со преправките во изолацијата, на тој начин се постигна значително намалување на бучавата во кабината.

Промените доведоа до зголемување на должината на возилото за 85 милиметри, што и на дизајнерите им остави простор да го надоградат Space Star со новиот визуелен идентитет на марката. Контурираната хауба внесува поголема живост во изгледот, заедно со зголемената горна маска со решеткаста структура и хромирана рамка и исто така проширената маска во редизајнираниот браник, со впечатлива хромирана лајсна по целата нејзина должина. Нов изглед има и задниот браник, со тенки рефлектори што придонесуваат за визуелно проширување на каросеријата.

Ксенонски светла во највисокото ниво на опрема Intense

На стилската надоградба се надоврзуваат предните светла, кои во врвното ниво на опрема Intense располагаат со биксенонска техника на осветлување, во комбинација со диодни дневни светла. Диоди внесуваат визуелна свежина и во задните светла, почнувајќи од средното ниво на опрема Invite. Видливите надворешни промени се заокружуваат со нов дизајн на задниот спојлер, со повисока ефикасност, нов дизајн на бандажите и две нови бои за каросеријата– бордо црвена и зајдосонце портокалова.

Внатрешноста е непрепознатлива во споредба со првата изведба на моделот, иако станува збор главно за шминкерски зафати. Но, не секогаш. Облогите на седиштата се од штоф што не го поттикнува потењето за разлика од претходно, изведени се во две бои и штепувани се во контрастна боја, што на крајот постигнува многу подобар ефект. Отсуството на подобра странична поддршка уште може некако и да се прости. Затоа, пак, добар впечаток остава кожената облога на мултифункцискиот волан и на рачката на менувачот, како стандард во средното ниво Invite.

mitsubishi space star test automedia 22

Во преработените инструменти конечно има светилка за вклучени светла, но ракувањето со патниот компјутер и натаму се врши преку рачка во самите инструменти, со протнување рака низ воланот. Зошто индикаторот за системот старт-стоп свети и во возење, а не свети кога моторот е изгаснат, тоа не успеавме да откриеме за време на тестот, иако основната функција на тој индикатор е да укаже дека моторот е изгаснат.

Од друга страна, тоа што моторот е речиси нечуен кога работи во место, оди во прилог на култивираноста и го заокружува „шармот“ на целиот автомобил. Отсуството на вибрации и пријатната звучна кулиса ја прикриваат трицилиндарската конструкција на моторот, но затоа, предноста на трите цилиндри се прикажува преку раното повлекување и ослободување на полниот вртежен момент. Со 1,2-литарецот, Space Star поаѓа суверено и без колебање, што секако дека придонесува за пријатниот впечаток при возењето во град.

Моторот е тоа што најмногу го одредува карактерот на Space Star

Темпераментот произлегува и од технологијата Mivec, односно од работата на вентилите со приспособливи одови и време на отворање. Моторот во секој случај е еден од најсилните адути на Space Star. Нема проблеми ниту со менувачот, со прецизни и лесни одови, како и со хармонично надоврзување на преносните односи со карактерот на моторот. Единствено во последната третина од работното подрачје почнува да се „наслушнува“ карактеристичниот звук на трицилиндарците. За разлика од конкуренцијата, 1,2-литарецот тука не губи здив и продолжува да влече убедливо, токму благодарение на Mivec.

mitsubishi space star test automedia 14

Со оваа комбинација од рана испорака на вртежен момент и систем старт-стоп кој следува како стандард, Space Star без проблеми ја постигнува штедливоста што се очекува од градски автомобил и постигнува вредности на потрошувачката од околу пет литри. Наспроти обичните трицилиндарци, моторот на Mitsubishi со приспособлива работа на вентилите ја задржува штедливоста и при темпо на автопат, место со непропорционален раст на потрошувачката да наплати за сé што претходно е заштедено во град.

За штедливоста не е за превидување фактот што Space Star е меѓу најлесните модели во класата, сега и дополнително олеснет за уште 13 килограми, иако има вградено повеќе опрема. Од комфорот не треба да се очекува премногу, сепак станува збор за градски автомобил. Доволно е тоа што амортизацијата сега реагира похармонично на погруби нерамнини, со покрутите пружини и соодветно приспособена работа на амортизерите во споредба со претходната изведба на моделот.

Подинамично чувство зад воланот со модификациите во подвозјето

Подобро чувство следува зад воланот, со модификациите во контролната електроника на сервоуправувањето, од кадешто произлегува попрецизна и подиректна реакција на управувањето, со подобро дефинирана чувствителност во неутралното подрачје. Во голем дел, за подобреното чувство придонесуваат и модификациите во амортизацијата. Страничното навалување во свијоци и во целина се добиваат поагилни возни својства наспроти претходникот, кој не беше ниту спортски, ниту комфорно ориентиран. Тоа што остана непроменето е чувствителноста на страничен ветар, впрочем исто како кај повеќето модели од класата.

mitsubishi space star test automedia 15

Во споредба со конкуренцијата, Space Star со тестираниот мотор од 1,2 литар и 80 КС, со цената од 9.990 евра е поевтин за околу 300 евра од Toyota Aygo X-play, со предност во однос на опременоста и моќноста на моторот, но и за 730 евра поскап од Suzuki Celerio 1.0 GLX со 68 КС. Volkswagen up со 1,0-литарец со 75 КС и ниво на опрема Move настапува со 11.051 евра, додека неговиот близнак Skoda Citigo стартува од 9.640 евра со мотор со 75 КС. Во класата се вмешува и Renault Twingo, кој со 70 КС и второ ниво на опрема чини 10.400 евра.

Во поглед на противвредноста, Mitsubishi поентира со опременоста. Основното ниво не е достапно со моторот од 1,2 литар, но и со второто ниво на опрема, Space Star ја задржува предноста. Клима уред, радио, блутут, алуминиумски бандажи од 14 инчи, автоматика за светлата и бришачите, електрика на сите прозорци, електрика и греење на ретровизори, мултифункциски волан, систем старт стоп, сето тоа следува како стандард во нивото Invite, па дури и темпомат или висинско местење на совозачкото седиште. За илјада евра повеќе следи нивото Intense, кадешто за 10.990 евра следуваат уште ксенонски светла и диодни дневни светла, магленки, автоматика за клима уредот и пристап без клуч.

[FAG id=24322]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Осум нови модели во теренската офанзива на Volkswagen

Volkswagen Beetle silverstone auction

Најсочуваниот Volkswagen Beetle има поминато само 90 километри