за

Тест: Fiat 500L 1.4 16V Pop Star

Првиот впечаток пред преземањето на тест: Зошто не е „обичен“ 500? Италијанците можат од тоа реинкарнирано топченце да направат уште милион моделски изведби и повторно да не ни здодее. Што ќе ни е овој ван сега?

Италијанските автомобили ни останаа на светов како единствена врска со реалноста на четири тркала. Додека другите национални индустрии се обидуваат да нé убедат дека вистинската вредност на автомобилот треба да се препознава во прецизноста на менувачот и дизајнот да се цени како добар кога прекинувачот за рециркулација ќе се врами во хромиран прстен, автомобилите што излегуваат од „чизмата“ секогаш претставуваат изненадување, доаѓаат со свежина, пренесуваат силна емотивна порака, а за мајсторијата да биде совршена, притоа не пропуштаат да воспостават тенка историска жичка со нивните претходници, што само ќе ни даде на знаење – овој автомобил не е безначаен.

По примерот на Mini: Направи колку може повеќе верзии од успешниот ретро модел

Ванот во семејството на ненадминливиот, ултраоригинален и неодолив Fiat 500 е грд, надуван, здодевен и гротескен во својата намера да го копира идентитетот на матичниот модел! Тој е вишок! И сиот овој гнев ќе беше издржан доколку Fiat постапеше исто како неиталијанските брендови и навистина го копираше „чинквеченто“ во само малку видоизменето издание на каросеријата, во надеж дека купувачите ќе збудалат по него во истата мера.

Ниту еден детал не е преземен стопроцентно, сличностите со Fiat 500 се сведуваат само на семејниот ген. Вака како што изгледа, 500L конечно е вистинскиот ван на Fiat. Ниту радикалната, а сепак генијална Multipla, ниту германизираната и здодевна Idea не го заживеаја духот на историските ванови од Торино, како што тоа сега го прави 500L. Формата на каросеријата е толку хармонична, што човек „подетинува“ секогаш кога ќе се најде покрај возилото. Додека не се застане веднаш покрај неа, не може да се стекне вистински впечаток за реалната големина на каросеријата. И чувството дека човек се смалува додека се приближува до ванот се повторува и се повторува.

Доколку сите ги вреднуваа автомобилите според прецизноста на менувачот, италијанските автомобили веќе одамна не ќе постоеја

Мала казна за тие што претходно не го разгледале добро дизајнот на возилото следува веднаш по отворањето на предните врати: Поради тоа што вратата е закосена, горниот раб доаѓа опасно блиску до носот. Но, никој нема да му забележи за тоа на 500L. Тој е таков, темпераментен, сака да си поигра. Затоа и не е чудно што воланот е по малку „квадратест“, што главата на рачката на менувачот е со големина на безбол топка и што ставањето на дланката врз благо заоблената и широка површина на рачната сопирачка предизвикува некое чувство на пријатност, за кое веднаш знаете на што ве потсеќа и само се насмевнувате.

Дизајнерите на арматурната табла не се претргнале многу со креативна работа – во поглед на практичноста. Нормално дека дизајнот е во ред, таблата изгледа свежо и впечатливо, особено со дебело лакираниот средишен гребен, но тоа што недостига е поголема практичност (и) за возачот, како што се очекува од еден ван. Преградите во средишната конзола што се на дофат на возачот можело да бидат поголеми и покорисни. Вака, единствено надлежно лице за трајно сместување на дребулиите е совозачот, на кого му стојат на располагање дури две затворени и една отворена преграда.

Изненадува колку многу простор нуди кабината на ванот

Патниците на задната клупа, кои слободно може да бидат и со повисок раст, добиваат сé, од примерна просторна понуда, до интелигентно изведени прегради во предните седишта и можност за надолжно и аголно дотерување на клупата. Тука се гледа колку навистина е голема кабината на 500L и колку многу простор успеале да извлечат техничарите на должина на каросеријата од 4,15 метри. Зависно од просторните каприци на патниците на задната клупа, багажникот варира меѓу 343 и 400 литри, со максимални 1.319 литри при соборена и преклопена клупа. Достапно е и совозачко седиште со можност за преклопување, при што се отвора простор за предмети долги до 2,4 метри. Дополнително, меѓуподот на багажникот се дотерува во две висини, за да се одвојат предметите од багажот што не одат заедно.

Вообичаено за ван, водачкото секојдневние во 500L е облагородено. Од една страна, пристапот и излегувањето од кабината се поедноставни, а од друга страна и прегледноста е значително подобра поради високото седење, за што во не толку мала мера придонесуваат и мудро решените предни столбови. Во 500L буквално се седи како на балкон над сообраќајот. Не случајно, Италијанците го придружуваат малечкиот ван со слоганот „Градска ложа“. Димензиите на каросеријата се компактни, за пробивањето низ градскиот метеж да не се претвори во измачување за возачот, што во комбинација со просторноста во кабината овозможува изненадувачко комотно чувство.

И со класична техника Fiat успева да биде штедлив со 8,2 литри

Моторот во тест возилото е класичен атмосферски бензинец со 100 КС и со типичен карактер на италијанска машина, со потреба да се заврти над 3.000 вртежи за да повлече поубедливо и течно. Со текот на времето се усоврши техниката, така што ваквиот темперамент на моторот не условува прекумерно висока потрошувачка на гориво. За ван со висока силуета и голема челна површина, при тежина на празно возило од 1.245 килограми, соодветна е просечната потрошувачка од 8,2 литри. Со старт стоп систем, каков што користат 0,9-литарскиот бензинец и 1,3-литарскиот дизел, вредноста на потрошувачката при градско возење би се намалила за околу десетина проценти, но од друга страна, системот сигурно дека не се добива бесплатно и пресметан е во цената на останатите два модела во понудата на 500L, така што евентуалната заштеда со овој систем секогаш останува под знак на прашање.

Комфорот на подвозјето е над очекуваното. Серија куси нерамнини предизвикува благо потскокнување на каросеријата и секогаш ќе се пробие по некој звук на тропање од подвозјето при минување преку погруби нерамнини, но затоа отсуствува чувството на „сува“ амортизација на претходните генерации на модели од Торино, а изненадува и лесната управливост. За динамиката исто така не може да се најдат посериозни забелешки. „Фиатот“ се подместува пред острите свијоци и само малку ја накривува каросеријата, но останува на тоа, и како што возилото напредува во свијокот, наваленоста останува константна, без тетеравење или прекумерно под или надуправување. Платформата што на големо ја користат концерните Fiat Chrysler и General Motors, почнувајќи од Grande Punto и Corsa, преку Doblo и Meriva, до последните Jeep Renegade и Fiat 500X, и натаму се покажува добро на дело.

Реткост: Ретро модел што не наплаќа дополнително за стилот

Кој очекува дека 500L ќе чини колку Punto или Linea, само поради производството во соседна Србија, во новата фабрика на Fiat во Крагујевац, малку повеќе се лаже. Со цената од 14.500 евра за основниот модел, ванот јасно укажува дека не е замислен како евтино превозно средство за семејството, туку како трендовски автомобил со аспирации за премиум третман. Меѓу другото, скапите каросериски зафати, како филигрански изведените повеќеделни предни столбови, или од друга страна, деталите во кокпитот, како дебело лакираниот надолжен гребен и масовната примена на хром, небаре тоа е по совет на американскиот партнер на Fiat, веќе однапред ставаат на знаење дека тука не може да се очекуваат дисконтни цени.

Сепак, може. Со 14.500 евра во основниот модел, 500L чини приближно исто колку значително послабо опремената Opel Meriva или Ford B-Max со шампионскиот еднолитарец. Француските мајстори за ванови го нудат Citroen C3 Picasso за илјада евра подолу, исто колку што и Корејците ги ценат своите Hyundai ix20 и Kia Venga. Разликата: Во цената на италијанскиот ван не е пресметан факторот трендовско возило, а тоа е нешто што производителите сакаат добро да го наплатат во овие времиња. Затоа, 500L, како стилски приврзаник на „чинквеченто“, чини исто колку моделите од обичната понуда на конкуренцијата.

Тестираниот модел беше со третото од четирите нивоа на опрема, со цена од 16.000 евра, во изведба со 1,4-литарскиот Fire. Во 1.500-те евра над основното ниво Pop се вклучени електрика на ретровизори, магленки, темпомат, кожа на волан и радио команди, алу-бандажи од 16 инчи, радио од новата генерација Uconnect и неколку стилски детали во каросеријата и кокпитот. Широкоградо скроен пакет кај Pop Star, во секој случај. Едно ниво подолу е Easy, со најголема разлика во отсуството на алу-бандажите и украсите на каросеријата, и за 500 евра пониска цена. Врвот е вообичаено резервиран за нивото Lounge, кога 500L 1.4 16V чини 17.000 евра и доаѓа дополнително со електрика на задни прозорци, автоматика за клима уредот, фиксен сончев покрив, поголем дисплеј во инструментите, автоматика на светлата и бришачите и натамошно стилско облагородување на темата „500“. За последново стои на располагање можност за избор на контрастна боја на покривот.

Повеќе карактери во едно

Верно на приказната за настанокот на 500L што ја раскажуваат Италијанците – дедото сонува за првата генерација на Fiat 600 Multipla, бабата за Nuova 500, таткото за старата Panda, мајката за 500, сестрата за новата Panda, за на крајот сите да добијат едно единствено возило што ги спојува нивните желби и потреби – така и во практиката се покажува корисноста од поделената личност на ванот. Во град тој е подвижен и компактен, на пат е просторен и комфорен, не е здодевен како обичен компакт, а чини исто колку него. Затоа, ако треба да биде 500L, тогаш само најскапиот модел од 17.000 евра, со 0,9-литарски бензинец со 105 КС и сите опции од списокот на дополнителна опрема. Или уште подобро, кросовер изведбата Trekking.

Врска до интернет страницата за моделот http://fiat.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=378

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Жените паркираат подобро од мажите?

Електричната лимузина Tesla Model S се претвори во кабриолет