за

Тест • SsangYong Korando e-XDi200

Компактот на корејскиот специјалист за теренци е таен избор на познавачите. Комфорот и динамиката во возење се примерни, цените се привлечни, издржливоста не остава простор за сомнеж.

По улиците кружат едни теренци што сите ги забележуваат, а ретко кој им ја препознава марката. Таа и не е толку нова, нов е само начинот на кој што марката ги претставува своите модели, а тоа го прави на највпечатливиот можен начин, со изглед што се издвојува во уличната слика и ги мами погледите. Некој би претпоставил дека се работи за нов теренец од италијанска марка, тоа е обично првиот впечаток. И нема да погреши, дизајнот потекнува од студиото на вечната ѕвезда Џорџето Џуџаро. Но, не се работи за модел на теренец што отсекогаш им недостигал на Fiat и Alfa, или на Maserati и Lancia, туку за автомобил што доаѓа од малку подалеку, малку повеќе.

Марката е SsangYong, која прв пат во привлече вниманието на автомобилската јавност со умешното конципирање на легендарниот Musso, како кросовер пред кросоверите, со дизајн на трендовско и динамично комби качено на платформа на способен теренец. Уште повеќе тоа им успеа на Корејците со Actyon, кого повеќето го гледаа како чудно дизајниран теренец со орловски строг поглед, но неговата вредност многу повеќе беше во тоа што тој за прв пат комбинираше елементи на купе во теренско возило. Actyon ја промовираше идејата на купе теренец уште пред BMW да го креира X6, како купе од класичниот X5.

Корејците имаа купе теренец долго пред BMW X6

 

SsangYong долго време беше бунтовникот на автомобилската сцена, со идеја да отстапува од масата, да воведе нешто ново и свежо. Накусо, марка што е доволна сама на себе, без големи ветувања за пробив на глобалниот пазар, но затоа со поголеми остварувања. Принципот продолжува и со новиот Korando. Иако наследникот на радикалниот Actyon е многу повеќе умерен во дизајнот, тој и натаму се издвојува, првенствено со стилот на италијанското цртање на автомобилските форми.

Од изгледот нема многу корист во секојдневието? Во тоа постојано сакаат да нé убедат германските марки, на пример, но од друга страна, изгледот е тоа што првенствено ги побудува емоциите, прави сопственикот трајно да си го сака и обожува возилото. Не е само формата тоа што ја создава естетската вредност на Korando, туку и разработката на деталите. Маската е обрабена со нежна хромирана маска, во контраст со мрежата во неа, која што изгледа како да е испреплетена од цврста челична жица. Истиот впечаток се стекнува и од богатиот внатрешен живот на предните светла, или на задните светла, чија што доминантно црвена боја прави тие да изгледаат како рубини закачени како украс на каросеријата.

Дизајнот беше единственото потребно надградување на вредностите на марката

Тоа се новите вредности на старо новата марка SsangYong. Старите вредности, пак, претставуваат основа за досегашното успешно опстојување и постојано напредување на марката. Каросеријата е изградена цврсто и робусно, исто како кај Actyon, иако за разлика од него поседува самоносечка каросерија, место конструкција со носечка рамка. Робусноста како основа на постоењето на теренските возила се негува подеднакво и во изработката на внатрешноста на возилото.

Формите во кокпитот се повеќе класични и без некој особен печат на марката, но затоа може да се потврди беспрекорната изработка, со грижливо изведени споеви и внимателен избор на материјали, со неколку елементи што ја облагородуваат средината, како надолжната лента на арматурната табла со финиш на карбон и нејзиното надополнување со украсни панели со изглед на алуминиум.

Кој очекува кокпит со футуристичка нота или со дизајнерски потпис кој што ќе биде подеднакво вреден како надворешниот, нема да се одушеви посебно во кокпитот на Korando, но затоа тој што умее да препознае дека сé во кокпитот ќе остане во еден дел и на свое место и по стотина илјади километри, дотолку повеќе ќе го цени овој корејски конкурент на Tiguan и Antara.

Со изработката и опременоста, Korando го потврдува премиум карактерот

Тука се покажува веднаш и следната предност на SsangYong, противвредноста. Иако се профилира како премиум марка, SsangYong негува ниво на цени кои што и натаму се конкурентни со моделите на масовните производители. Како стандард уште во основното ниво, Korando доаѓа со контрола на стабилност и помош при поаѓање на нагорнина, шест воздушни перници, комплетна комфорна електрика, мануелен клима уред, темпомат, алу-бандажи од 16 инчи и практични детали како греење на ветробранот во делот на бришачите или собирање на ретровизорите и интегрирано светло во истите за прегледност при пристап во возилото. Дополнителна предност за купувачите на кои што погонот на сите тркала не им е потребен, од аспект на пониската цена или пак од аспект на пониската потрошувачка на гориво е фактот што моделот е достапен и во верзија со погон на една оска. Со промотивната цена, оваа моделска изведба чини дури и помалку од добро опремен компакт со солидна моторизација.

SsangYong е корејскиот пандан на Land Rover

На тест се најде врвниот модел, со шестстепен автоматски менувач, кожен ентериер со електрика за седиштата, сончев покрив, паркинг сензори … и цена која што е за најмалку десетина илјади евра пониска од европските конкуренти во класата. Купувачите што се нови во марката би се посомневале дека опремата и цената е сé што може да понуди овој бренд специјализиран за теренски возила, односно корејскиот пандан на Land Rover.

Секако дека се работи за многу повеќе од возило што го нуди типичниот корејски сооднос меѓу цената и добиеното. Амортизацијата е степен понапред од тоа што претходно го нудеше Actyon, односно го задржува комфорот, но во исто време е доволно цврста да не се потчини целосно на силите на физиката и да се тетерави на патот како теренец од осумдесетите. Со бандажите од 18 инчи кои што се во сериското ниво на топ моделот за нијанса е поголема грубоста на реакцијата на амортизацијата при поминување преку куси нерамнини во подлогата при градско темпо, но тоа и натаму е на разбирливо ниво.

Во секој случај постои огромна разлика во динамиката во возење во споредба со претходникот и единствено што може да се посака е поголема повратна реакција во управувањето. Од друга страна, тоа однесување на управувањето се покажува како предност при излегување на терен, кога грубата подлога не предизвикува непријатно чувство за возачот. Тука се чувствува и солидноста на каросеријата, која што иако не користи носечка платформа како порано, не дозволува усукување при совладување свифтови на теренот, ниту пак испушта некој звук на гмечење на деловите од ентериерот.

Моќните дизели се знак на препознавање на марката

Моторот е единствен за целата гама на моделот во актуелната понуда кај нас и доволен е сам на себе. Во секој случај се работи за напредна конструкција, со варијабилна геометрија на лопатките на турбината, со која што се спречува слабост при поаѓање при евентуално отсуство на поддршка од турбонатполнењето. Меѓу другото, моќните дизели се по традиција силна страна на SsangYong и најмалиот теренец во актуелната понуда не отстапува од правилото, со 175 КС и 360 њутнметри. Во поглед на култивираноста, острината на звукот при посилно забрзување заостанува зад позитивниот впечаток на апсолутно отсуство на непријатни вибрации во кабината, но тоа може да се разбере и како намера на техничарите да постигнат звук кој што ја следи спортската динамика на надворешниот дизајн.

Во нормални услови на возење, погонската сила се пренесува целосно на предната оска, и вообичаено, при појава на пролизгување или потреба од поголема тракција, на пример при поаѓање или влечење приколка или глисер, на помош се повикува задната оска. До брзина од 40 km/h стои опција за заклучување на распределбата меѓу оските во рамномерен сооднос, за поголема пробивност на лизгава подлога.

Доплатата за автоматскиот менувач со шест степени во секој случај е вредна за секое евро, од аспект на поголемиот комфор во возење, но и од правилната усогласеност со испораката на сила на довлитарскиот турбодизел. Тоа што автоматиката повлекува зголемување на потрошувачката за околу еден литар е данокот што вообичаено се плаќа за комфорот и релаксираноста во возењето. Со потрошувачка меѓу девет и десет литри дизел, во зависност од динамиката на возење, дволитарскиот e-XDi200 е сосема во чекор со времето. Меѓу другото, SsangYong ја користи експертизата и искуството од долгогодишното партнерство во развојот на моторите и менувачите со Daimler.

Технички податоци SsangYong Korando e-XDi200
Мотор 4 цилиндри, 16 вентили, турбодизел, Common-Rail, E-VGT,  dohc
Работна зафатнина 1998 cm3
Моќност 175 КС при 4000/min
Вртежен момент 360 Nm при 2000/min
Погон и пренос  
Менувач 6 степени, автоматски, со можност за мануелна команда
Подвозје  
Водење на тркалата напред Мекферсон, стабилизатор
Водење на тркалата назад Со повеќе водилки, стабилизатор
Управување Електро серво, запчеста летва
Гуми 225/55 R18
Димензии на каросерија  
Д х Ш х В 4410 х 1830 х 1675 mm
Меѓуоскино растојание 2650 mm
Багажник 486/1312 литри
Тежини  
Празно возило 1676 kg
Носивост 493 kg
Резервоар 57 литри
Перформанси  
Крајна брзина 186 km/h
0-100 km/h 10,8 s
Потрошувачка град/пат/просек 9,6/6,3/7,5 L/100 km

[nggallery id=72]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Светската продажба расте, Европа паѓа

Малечок теренец од Fiat доаѓа во 2014 година