Фејслифтот на Yeti минува навидум без многу еуфорија. Нови светла, нова опрема, вообичаеното. Но, доволно е за „снежниот човек“да ја задржи свежината во петтата година од појавувањето. Најосвежувачкото: Тестираниот модел носи заштеда од 3.100 евра.
Кога производителите ќе се впуштат во освежување на своите модели во средината од нивниот пазарен век, доаѓа моментот на вистината. Многу работи се покажуваат во тој момент: Дали продажбата на моделот се одвивала според очекувањата, дали марката е пред, или пак, далеку зад конкуренцијата, дали целиот концерн е на здрави нозе. Впечатокот дека купувачот добива повеќе со фејлифтот, најчесто е само лажен. Новите светла и неколкуте ставки од дополнителната опрема што се префрлени како стандард, сигурно не чинат толку колку што производителот ќе наплати за фејслифтираниот модел. Фејслифтот честопати е прикриена корекција на цените, поправање на пропуштеното, задоцнето фаќање чекор со конкуренцијата.
Што во тој случај открива фејслифтот на компактниот кросовер на Skoda? Променет изглед на предните и задните светла, со построг и попрецизен поглед во замена за симпатичниот и полунаивен поглед на претходникот, додадени неколку прецизно изведени рабови во каросеријата, со „триаголниците“ околу задната табличка како задолжителен белег на новиот дизајнерски израз на Skoda, четири нови дизајни на бандажи и четири нови бои за каросеријата. Во внатрешноста, нов волан, облоги на седиштата и украсни лајсни во кокпитот, премиерно во Skoda – камера за рикверц, превртлив под на багажникот и ЛЕД-светилка во него. Без какви било спектакли!
Дали сега би требало да бидеме разочарани што Skoda Yeti, наспроти „бучните“ фејслифти на конкуренцијата, за следната половина од моделскиот век не доби комплетно нова генерација на мотори и менувачи, комплетно променета внатрешност или досега невидени и нечуени системи за асистенција што се преземени од астронаутиката или друга вонземска бранша? Секако, не. Volkswagen нема што да понуди подобро од тоа што е веќе добро. Целата понуда од погонски единици, бензински и дизелски, опфаќа мотори според принципите на даунсајзинг, со турбонатполнење и директно впрскување на горивото, од кои повеќето може да се комбинираат со менувач со двојна спојка и да се „изверзираат“ со погон на две или на сите тркала.
Од друга страна, како марка којашто во рамките на концернот Volkswagen е позиционирана да ги привлекува и задржува купувачите што сакаат вредноста и цената на возилото да ги видат во рамнотежа на кантар, Skoda нема потреба ниту од бурни квази иновации во опремата на возилото, од типот на пристап на интернет или холограмски дисплеи. Од тие езотерични системи, Yeti по фејслифтот може да добие пристап и стартување без клуч, со доплата од 355 евра во средното ниво на опрема, или систем за самостојно паркирање на возилото.
Како марка што ужива удел од 3 проценти на европскиот пазар на возила со погон 4х4 и како за модел што учествува со 4,1 проценти во својот сегмент, Skoda единствено и оправдано си го зеде правото да го нагласи „теренското“ во Yeti, па отсега го нуди моделот во две стилски верзии, урбана и Outdoor, со доплата од 350 евра за вторава. Во тој случај, деловите од каросеријата што се изложени на допир со теренот се оставени нелакирани, а соодветно се разликува и изведбата на предниот и задниот браник.
На тест во редакцијата пристигна верзијата од Yeti со дволитарски TDI со 110 КС и петстепен мануелен менувач, погон напред, средно ниво на опрема Ambition, и дополнително, пакет Adventure, како дел од акциската понуда на Порше Македонија, со којашто се постигнува заштеда од 3.100 евра. Тоа е суштината на фејслифтот! Тоа требаше да се слушне! Одеднаш, новите светла, двете стилски верзии и новите украсни лајсни во таблата стануваат апсолутно небитни, се претвораат во споредна понуда покрај заштедата од петнаесетина проценти во цената на моделот. Кога на редовната цена од 19.440 евра за Skoda Yeti Ambition 2.0 TDI 110 ќе се додадат ставките од акцискиот пакет Adventure (радио Bolero 270 евра, нормално резервно тркало 95 евра, автоматска клима 480 евра, странични воздушни завеси 375 евра, 17-инчни алу-бандажи Scudo 180 евра, мултифункциски волан со кожа 210 евра) во вкупна вредност од 1.610 евра, произлегува дека моделот редовно би чинел 21.050 евра. Акциската понуда гласи 17.850 евра, односно 3.100 евра помалку за плаќање.
Како вози Yeti по третманот на автомобилските пластичари? Исто како порано и ништо полошо од посвежата и сé побројна конуренција. Во возењето преовладува чувството на Volkswagen, со добар баланс во подвозјето меѓу динамични возни својства и комфор, со прецизно и директно управување со солидна повратна информација и во целина хармонично изграден карактер. На возачите што се свикнати да поаѓаат само со отпуштање на спојката, во почетокот ќе им пречи малата инертност на погонот, односно малата слабост при поаѓање, а не е исклучено и почетничко гаснење на моторот додека не се минат првите неколку стотини километри.
Петстепениот мануелен менувач не е во толку совршена спрега со дволитарскиот TDI како кај моделите на Volkswagen што се комбинирани со 1,6 TDI, и со еден степен плус би можело моторот полесно да се одржува во потесно работно подрачје, како што преферираат долгогодишните возачи на TDI. Од друга страна, и тежината од 1.420 килограми игра своја улога. Интересна алтернатива во погонската спрега е верзијата 4х4, каде што освен погонот на сите тркала, во разликата во цената од околу 1.200 евра влегува и шестстепен мануелен менувач – но, во тој случај не би се искористил акцискиот попуст. Како втор акциски модел, Skoda го нуди Yeti 2.0 TDI 4×4 со 140 КС и шестстепен менувач за 20.950 евра.
Најсилната страна на Yeti сепак не е ниту погонот, ниту дизајнот, динамиката во возење или суперефтините ставки од дополнителната опрема, туку внатрешноста. Компактниот кросовер го нуди тоа што само малкумина во сегментот можат да го повторат: Трите задни седишта може да се отстранат и да се добие товарен простор од 1.760 литри – при должина на каросерија од 4,22 метри – или пак, средното седиште да се заборави дома и преостанатите две задни седишта да се поместат навнатре, за просторно чувство како во претседателска лимузина. Тоа е вановската страна.
Yeti ја прикажува суштината на слоганот на Чесите, „Simply clever“. Во целата кабина ќе изненади по некое практично решение, на пример толку простиот, а толку генијално неопходен ластик во џебовите во вратите, или дводелните сонцобрани. Багажникот стандардно нуди 405, односно 520 литри кога задната клупа е повлечена напред, просторното чувство дополнително го потпрепува високиот покрив … единствено останува мистерија зошто во Skoda и натаму се убедени дека „тоа“ за спуштање на задниот капак се вклопува во идејата за примена на практични решенија.