за ,

Тест • Ford C-Max 1.6 TDCi Trend

4. FORD C-MAX/GRAND C-MAX, продадени примероци 43,427 (-13.3%)

Што се добива кога еден од најдинамичните компакти ќе се спои со практична каросерија за семејни потреби и деловни патувања? Динамичен компактен ван! Во напливот на СУВ ја заборавивме оваа сорта, но таа има многу слатки страни.

Тој што има потреба од повеќе простор, купува ван. Така беше порано. Актуелната генерација на ванови докажува дека оваа проста логика веќе одамна е напуштена. Во случајот на Ford C-Max, покрај простор се добиваат и висока приспособливост и практичност на кабината, но што е многу поважно за љубителите на марката, се добива и задоволството зад воланот по кое што е познат моделот од неговата основа, Focus.

Огромна просторна придобивка при разлика од само 2 сантиметри

C-Max има точно одредено место во гамата на компактните модели на Ford. Тој што смета дека багажникот од 363 литри на комбилимузинскиот Focus му е недоволно голем, а комбито Focus Turnier му е премногу габаритно во секојдневниот сообраќај со должината од близу 4,6 метри, како вистинско решение го наоѓа C-Max. Иако е само два сантиметри подолг од Focus со пет врати, во компактниот ван на Ford се добива покомотно чувство во кокпитот, а поради повисоката позиција на седиштата и самото седнување е поедноставно.

Задната клупа може да се намести како во луксузна лимузина

Разликата во просторното чувство е уште повпечатлива во вториот ред, особено ако се работи за највисокото ниво на опрема Titanium, каде што со отстранување на средното седиште и дијагонално поместување на страничните седишта, па уште и дополнително залегнување на потпирачот за грб се обезбедува чувство како во бизнис лимузина. Во таква средина и возачот би посакал да ја избере задната клупа и да си ангажира шофер. Овој специјалитет на C-Max стои на располагање со доплата од 300 евра и во тестираниот модел со средното ниво Trend. Со висината на каросеријата од 1,63 метар нема никакви проблеми ниту со висината на просторот над главата.

Рекордер со максималната зафатнина на багажникот од 1.723 литри

Уште поголеми таленти за трансформација на C-Max се откриваат откако ќе се отстранат задните седишта. Со стандардниот сет за поправка на гуми, што зафаќа минимум простор, по отстранувањето на задните седишта се добива на располагање товарен простор со зафатнина од 1.723 литри. Тоа е цел еден стандарден багажник на Fiesta повеќе во споредба со повеќето други ванови во класата.

Каде со отстранетите седишта?

За ваквата трансформација постои само еден проблем, вообичаен за повеќето ванови – отстранетите седишта мора некаде да се сместат и тоа умее да претставува тешкотија доколку се живее во стан. Кај продолжената верзија Grand C-Max овој проблем не постои – седиштата потонуваат во подот. Ситничарите ќе забележат и за отстуството на странични прегради, куки за бесење торби или можност за висинска поделба на багажникот, иако тоа се детали што се користат исклучително ретко. Практична опција за 550 евра е електричното отворање и затворање на задниот капак.

Од приборот може да се изберат вообичаените ставки, како заден носач за велосипеди со прицврстување на опционалната влечна кука, носач за багаж на покрив, двостран под на багажникот или пластична облога за заштита од валкање од влажни или калливи работи. Во поглед на завршната изработка, мали забелешки добиваат видливите каросериски варови при отворен заден капак и потпирањето на отворената хауба со обична шипка, место со амортизер.

Во возењето се покажуваат динамичните гени на Focus

Но, затоа следи најсилната страна на C-Max во класата на компактните ванови, благодарение на наследените гени од Focus. Со меко почетно навалување во свијоци, што изненадувачки се скрутува во темето на свијокот, небаре ванот отстрана исфрлува помошно тркало како на детски велосипед и со директно и прецизно управување, C-Max е машина за уживање во возењето. Разликите во управливоста во споредба со комбилимузината се речиси непостоечки. Позитивна страна е тоа што оваа агилност во возењето не произлегува од беспоштедно тврда амортизација, туку напротив, се добива од подвозје што субјективно е меѓу најкомфорните во класата на C-Max.

Солидна моторизација и со основниот дизел од 95 КС

Притоа и моторот покажува изненадувачка култивираност и безрезервна подготвеност да се заврти повисоко, при што се чувствува дека само модулирањето на контролната електроника на моторот ја ограничува моќноста на 95 КС – за осумстотини евра повеќе следува верзијата на 1,6-литарскиот дизел со 115 КС. Затоа и прашањето дали навидум скромните 95 КС се доволни за ван што ќе има задача да го превезува семејството со полн багажник на одмор добива само потврден одговор.

Шестиот степен на пренос значи многу за штедливоста

Њутнметрите се тоа што се брои, и со 230 Nm, основниот дизел во C-Max испорачува повеќе од доволно сила за повлекување. Преносот е пресметан толку долго што при возењето често се заборава на шестиот степен – што кај конкуренцијата следува дури во повисоките степени на моторизација – а притоа моторот нема проблеми да повлече, токму благодарение на постојаната испорака на солиден вртежен момент.

Минимална разлика во потрошувачката со стандардната комбилимузина

Ваквиот карактер на погонската спрега се покажува и во потрошувачката. Со потрошувачка од околу 7 литри на тестот, имајќи ја во предвид поголемата челна силуета на каросеријата, C-Max се покажува како вредна алтернатива на класичната комбилимузина. Системот старт-стоп отсуствува во серија и се добива само како опција со 1,6-литарскиот TDCi. За 350-те евра колку што чини доплатата за оваа опција, возачот добива можност сам да извлече логичен заклучок дали десетината проценти заштеда во потрошувачката на гориво при возење во град ќе се исплатат при километражата што ја минува.

Доплатата од 1.200 евра наспроти комбилимузината е меѓу најниските во компакт класата

На крај, прашањата околу цените. Обичниот Focus со мотор 1.6 TDCi и ниво на опрема Trend чини 16.900 евра, додека за C-Max се потребни 18.100 евра, односно 1.200 евра повеќе – според редовниот ценовник, не земајќи ја во предвид актуелната кампања Tax Free на увозникот Ми-Да Гранд Моторс.За дополнителната функционалност на ванот, тоа е речиси занемарлива разлика што може да се надомести со откажување од неколку ставки од дополнителната опрема.

Евтините пакети не присилуваат на избор на највисокото ниво на опрема

При размислување околу изборот на дополнителни ставки за возилото надвор од сериската опременост, како опција се нуди нивото Titanium, коешто пак е достапно само со 115-коњската верзија на дизелот и во тој случај разликата со Trend изнесува 2.000 евра. За оваа разлика следуваат автоматика за клима уредот, копче за старт, магленки, темпомат, контрола на притисокот во гумите, гласовна контрола за радиото, паркинг сензори назад, електрично собирање на ретровизорите или алу-бандажи од 16 инчи. Вообичаено за Ford, списокот со дополнителна опрема не присилува на избор на највисокото ниво на опрема, туку нуди логично смислени и исплатливи пакети, како Trend Style Cool Pack, со алу-бандажи, автоматика за климата, магленки и преден потпирач за рака за 900 евра.

Дополнително се нуди и Grand C-Max со лизгачки задни врати, продолжено меѓуоскино растојание и можност за седум седишта, со плус функционалност и со цена од 20.200 евра … но, тоа се слатките проблеми на изборот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ducati Monster 821: Внимавај, нов монструм на улиците!

Мадрид воведува поскапо паркирање за нееколошките автомобили