за

Големите теренци се продаваат повеќе од лимузините

теренци продажба lexus nx

Напливот од нови теренци од премиум марките ја потисна продажбата на класичните бизнис-лимузини. Европските купувачи почесто се решаваат за Mercedes GLC или BMW X3, отколку за E-Class или за серијата 5 во истиот ценовен сегмент.

Премиум теренците од средната класа во првите шест месеци од годинава постигнале раст во продажбата во Европа од близу 25 проценти, со вкупно 242.685 примероци. За споредба, премиум лимузините од вишата класа, чијашто цена е споредлива со теренските модели, за истиот период постигнале близу 220.000 продажби и двојно помал раст.

Голема заслуга за убедливиот скок има и новата генерација на Volvo XC60. Шведскиот теренец гази сигурно по стапките на претходникот и предводи во продажбата во сегментот со 52.147 примероци и раст од 35 проценти. Второто место му припаѓа на Mercedes GLC со 37.545 примероци, трет е Audi Q5 со 31.690 нови сопственици во првото полугодие.

теренци продажба, volvo xc60
Volvo XC60

BMW X3 е на петтото место, зад Land Rover Discovery Sport. Но, минхенската марка има уште еден модел во сегментот, купе изведбата X4. „Двојна игра“ има и Mercedes со GLC и GLC Coupe. Шведскиот теренец сепак го задржува првото место дури и кога ќе се соберат продажбите на X3 и X4 или на GLC и неговата купе-варијанта.

Половина милион големи теренци до крајот на годинава

Најголемиот дел од скапите теренци во средната класа се продаваат во Германија и Велика Британија, на коишто отпаѓаат дури 46 проценти. Трет најголем пазар во Европа е Италија, со двојно пониска продажба во споредба со британскиот пазар. Франција е на четвртото, Шпанија на петтото место.

Новиот Volvo XC60 убедливо доминира во својот дел од пазарот, впрочем и претходникот беше најпродаван модел на Швеѓаните на светскиот пазар, а воедно и најпрофитабилен модел. Audi Q5 заостанува поради проблеми со добавувачите за фабриката во Мексико, кои во меѓувреме се надминати.

Производителите постојано „додаваат“ нови модели во сегментот. Во 2019 година пристига Audi Q4, како одговор на GLC Coupe и X4. Една година подоцна следи и електричната верзија на BMW X3. Претстои масовна електрификација во сегментот. Моментно само Volvo и Mercedes нудат плаг-ин хибриден погон во овој сегмент. Заострувањето на еко-нормите ќе доведе до голем број нови модели со електромотор во погонската спрега.

Lexus NX е единствениот модел со класичен хибриден погон во сегментот. Иако е на десеттото место, впечатливиот јапонски теренец се продал во повеќе примероци во хибридната варијанта, отколку XC60 и GLC во нивните плаг-ин варијанти заедно.

Jaguar I-Pace Concept
Jaguar I-Pace

Четири од пет продадени модели во целиот сегмент возат со дизел мотор. Но, промените во техниката, предизвикани меѓу другото и од најавените политички мери за потиснување на дизелот, доведоа изведбите со бензински мотор да достигнат удел од 12%, наспроти само 7,4 проценти во првото полугодие лани.

Не е случајно тоа што дури четири премиум марки ќе претстават модели со електричен погон во следните неколку години. Jaguar I-Pace и Audi e-tron пристигаат веќе в година, Mercedes EQ следи во 2019 година, а потоа и електричната верзија на X3.

Топ 10 Најпродавани премиум теренци во средната класа

на европскиот пазар, во првото полугодие од 2017

Марка и модел

Примероци

Промена ’16

1

Volvo XC60

52.148

+35%

2

Mercedes GLC

37.546

+8,9%

3

Audi Q5

31.695

-5,8%

4

Land Rover Discovery Sport

25.750

-2,8%

5

BMW X3

21.551

-12%

6

Jaguar F-Pace

17.112

/

7

Porsche Macan

14.965

+23%

8

Mercedes GLC Coupe

14.208

/

9

BMW X4

11.982

-8,3%

10

Lexus NX

9.590

+12%

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

камионот на Tesla

Камионот на Tesla е електричен и грд

автомобилчиња

Ова се најубавите „ автомобилчиња “ на годината