за

Теренските гуми не се за возење по асфалт

теренските гуми не се за асфалт

Продолжување на патот на сопирање на 50 метри, „пливање“ веќе при 60 километри на час, преполовена странична стабилност. Темелни тестирања на теренските гуми на патеката Миревал ги докажаа многуте недостатоци кога теренските специјалисти се користат за возење по асфалт.

Некои возачи сакаат своите теренци да ги возат со гуми што се специјално наменети за теренско возење. Но, теренските гуми не се безбедни во сообраќајното секојдневие. Тоа го покажа последниот тест на гуми на швајцарскиот магазин „auto-illustrierte“. Обемната серија тестирања беше извршена на патеката на Goodyear во Миревал, Франција.

Причината за ограничената применливост на специјалните теренски гуми со груб профил е значително подолгиот пат на сопирање на влажен пат во споредба со обичните пневматици. Покрај тоа, аквапланингот, односно создавањето воден клин под газечката површина, којшто предизвикува „запливување“ на гумата, се случува при многу пониска брзина.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Подолгиот пат на сопирање со теренските гуми на влажна подлога е главната причина поради којашто овие гуми не се препорачуваат за користење во секојдневното возење. На тестот спроведен со Skoda Kodiaq, големиот теренец со гумите со груб профил запираше по дури 52 метри од брзина од сто километри на час. За споредба, тестот беше извршен и со стандардни гуми. Со нив, Kodiaq запира по само 35 метри.

Со теренските гуми со груб профил, Kodiaq пролетува со 45 километри на час место да запре

Според мерењата, на местото кадешто возилото со обични гуми веќе е запрено, со теренски гуми пролетува со 45 километри на час. Тоа може да се протолкува и подрастично: Теренецот со теренски гуми би удрил со 45 километри на час во возилото со обични гуми што е запрено пред него.

Големи разлики се утврдени и во поглед на аквапланингот. Возилото со обични гуми, на пат со седум милиметри воден слој врз него, ја постигнува границата на аквапланингот при брзина од 85,5 километри на час. Со специјалните гуми за терен, во исти услови, возачот ја губи контролата врз правецот при само 60,3 километри на час.

Патот на сопирање на сува подлога исто така се продолжува – за седум метри

Теренските специјалисти заостануваат и во останатите дисциплини при возење по асфалт. На сува подлога и со обични гуми, Skoda залетана со сто километри на час, запира по 36 метри. Со теренски гуми, возилото запира осум метри подолго. Според претходниот пример, тешкиот Kodiaq со гумите за терен би удрил со 43 километри на час во неговиот колега којшто користи обични гуми.

Goodyear со гума што мисли, чуствува, се менува – и топчеста е

При возење во круг на влажна подлога, заостанувањето на теренските гуми е помалку изразено во споредба со обичните гуми. Разликата тука изнесува само три секунди, односно 16, наспроти 19 секунди. Ситуацијата е поразлична кога се вози на сува подлога. На патеката долга 3,3 километри, при температура на површината на асфалтот од 50 степени Целзиусови, конструкцијата на специјалните гуми за теренско возење ги оневозможува сите својства со коишто се одликуваат обичните гуми. Контакт со подлогата, тракција, прецизност на управувањето и странична стабилност – во сите овие дисциплини, теренската гума заостанува значително зад стандардната гума. На тестирањето се докажа и дека бучавата што ја произведуваат теренските гуми е многу повисока.

Возачите на теренски возила обично минуваат 99 проценти од километражата по асфалтирани патишта. Обичните летни или зимски гуми се најдобар избор за нив. Теренските гуми не се препорачуваат за корисниците што само повремено излегуваат надвор од асфалтот. Специјалистите со груб газечки профил имаат смисол само кај сериозните теренци од ковот на Land Cruiser или Defender и само  при поамбициозни теренски излети.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Враќање на километражата

Враќање на километражата од септември заминува во историјата

rolls-royce phantom viii

Rolls-Royce Phantom VIII вози со сопствена уметничка галерија