за

Првите 30 од 500.000: Стартува испораката на Tesla Model 3

Tesla Model 3

Со триесет испорачани примероци од Tesla Model 3 стартува втората голема автомобилска револуција по воведувањето на сериското производство. Триесет автомобили се премалку? Следат уште најмалку половина милион. Електричната лимузина чини 35.000 долари.

Tesla повеќе не е марка електрични автомобили што можат да си ја дозволат само богатите купувачи во луксузниот сегмент. Со Tesla Model 3, калифорнискиот специјалист нуди возило што е достапно за многу поширок круг купувачи. По еден месец од почетокот на сериското произодство, Tesla ги испорача првите 30 примероци од електричната лимузина, за којашто досега има пристигнато повеќе од половина милион нарачки.

https://twitter.com/mkarolian/status/891073342006075392

Илон Маск е рокерската ѕвезда на автомобилската сцена. Шефот на Tesla влета на бина со црвен Model 3 и по излегувањето од возилото беше пречекан со овации од вработените во Фримонт. Целиот свет е свесен дека ова е историски момент за автомобилската индустрија.

„Нашата намера никогаш не беше да произведуваме скапи автомобили“

Новиот автомобил со знакот на Tesla, со цената од 35.000 евра за основниот модел е најмалку двапати поевтин од луксузниот Model S и од кросоверот Model X. Пристигањето на Tesla Model 3 е пресудно за напредокот на електромобилноста, од аспект на предводничката улога на калифорниската марка во погонот на струја. Маск вложи милијарди долари во изградбата на фабрики за автомобили и батерии. Планот е годишната продукција да достигне половина милион примероци од Model 3 и сто илјади примероци од Model S и Model X. Годинава ќе биде претставен и камион со погон на струја.

Tesla Model 3 е остварување на првата стратешка цел на револуционерниот потфат на Илон Маск. Како што открива мултимилијардерот, неговата намера никогаш не била да се произведуваат скапи автомобили. Купувачите на Model S и Model X практично го финансираа појавувањето на поевтиниот модел.

Tesla Model 3 постигнува досег од 350 километри – за 9.000 долари следуваат уште 150

При предавањето беа откриени и неколку дополнителни технички податоци за возилото. Досегот со стандардната батерија изнесува 354 километри, крајната брзина изнесува 209 километри на час. Спринтот до сто трае помалку од шест секунди. Верзијата со поголема батерија чини дополнителни 9.000 долари, нејзиниот досег изнесува 500 километри, крајната брзина исто така се зголемува на 225 километри на час.

Продукцијата во следниот период ќе се зголемува постепено. Во јули беа изработени 50 примероци, од кои производителот задржа дваесет. Во септември ќе се произведат 1.500 примероци, за веќе во декември да биде достигната планираната месечна продукција од 20.000 примероци. Доколку Model 3 се нарача денес, на испорака ќе се чека најмалку до крајот на 2018 година. Првите примероци во Европа ќе пристигнат дури в година.

Автомобилот е подготвен и за автономно возење. За таа цел, Model 3 стандардно располага со осум камери и цела серија сензори. За почеток ќе бидат активирани системите за асистенција. Подоцна во возилата ќе почне да се вчитува и софтвер за автономно возење.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia Rio, премиера македонија

Новиот Kia Rio се покажа како најсилен карактер во класата

Враќање на километражата

Враќање на километражата од септември заминува во историјата