за

Стартуваше производството на новата Ford Fiesta

Во фабриката на Ford во Келн стартуваше сериското производство на новата Ford Fiesta. Околу 4.000 лица работат во производството на бестселерот, кој во март го престигна Golf како најпродаван автомобил на европскиот пазар. Дневната продукција изнесува 1.400 возила.

Fiesta се избори за неприкосновена позиција во моделската понуда на Ford, а од март и на целиот европски пазар. Моделот со „весело“ име е најпродаван автомобил на европскиот огранок на Ford и најпродаван автомобил воопшто во регионот, според последната пазарна статистика.

Во новата генерација, Fiesta преоѓа едно скалило погоре. Поголем нагласок е ставен на впечатокот за квалитет, а значително е проширена и разновидноста на моделската понуда. Престижното ниво Vignale отсега е достапно и во Fiesta, а се воведува и кросовер-изведбата Active. Ford очекува тоа да донесе поголем профит и да привлече нов круг купувачи.

На стартот на продажбата ќе биде достапна и серијата Cool & Connect, со којашто Ford цели на клиентите што бараат најдобра противвредност. Гамата ја сочинуваат основното ниво Trend, авангардниот Titanium, динамичниот ST-Line и Fiesta ST, како спортски врв во гамата. Вкупно седум моделски варијанти од Fiesta се достапни.

Со повисокото позиционирање на Fiesta следуваат и неколку ставки во опремата што се реткост во класата. Со доплата се нуди цела низа системи за асистенција чиишто функции се базираат на две камери, три радари и дванаесет ултразвучни модули. Сите овие сензорски системи заедно покриваат подрачје од 360 степени околу возилото и го скенираат патот до 130 метри пред возилото.

Ford Fiesta е единствениот модел во класата којшто се произведува во Германија

Во производствените погони за новата Fiesta се вложени вкупно 294 милиони евра. Во изработката на каросеријата се применува специјална постапка на заварување, додека на монтажната линија се користи последната генерација роботи со најмодерна сензорска техника.

Ford Fiesta

Ford тврди дека е прва марка што применува целосна интеграција на оваа автоматизациска техника во сериското производство. Пример: Таканаречените колабирачки роботи го преземаат монтирањето на амортизерите, со што ги поштедуваат работниците на монтажната лента од мачната работна позиција со подигнати раце.

Продажбата на европскиот пазар ќе стартува во јули. Германија веќе ги има цените. Основниот модел на тамошниот пазар ќе изнесува 12.950 евра. Наесен следуваат ST-Line и Vignale, додека Fiesta Active и ST ќе може да се нарачуваат од почетокот на следната година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo тестира „самовозечки“ камион за собирање отпад

Тест: Skoda Kodiaq 2.0 TDI DSG 4×4 Style