за

Спортски теренци и кросовери го запоседнаа салонот во Женева

Никогаш досега доминацијата на спортските теренци не била толку впечатлива како на 86-то издание на салонот покрај езерото Леман. Автомобилскиот свет го зафати манија по овие возила.

Речиси не остана автомобилска марка што денес не нуди барем по еден спортски теренец или кросовер – во секоја класа. Сега и Audi фаќа целосен чекор со главната движечка сила во продажбата на возила и на салонот го претставува Q2, како основен модел во својата понудата од спортски теренци и „премиум“ конкурент на Honda HR-V, Opel Mokka или Mazda CX-3. Од истиот концерн пристига и првиот теренец на шпанската марка, Seat Ateca, кој со 4,36 метри е за дваесетина сантиметри покус од Q2, но ја дели истата техничка основа.

Audi Q2
Audi Q2

Понудата од мотори кај најмалечкиот член од семејството Q покрива дијапазон од 115 до 190 КС, во комбинација со погон напред или на сите тркала и со избор на мануелен или менувач со двојна спојка. Во офанзивата на концернот од Волфсбург во овој сегмент се приклучува и големиот спортски теренец на Skoda долг 4,70 метри, засега само како студија и со име Vision S Concept. Серискиот модел ќе следува веќе наесен, на салонот во Париз, во верзии со пет и со седум седишта и цена блиска до знаменосецот Superb. Исто како Audi Q2 и Seat Ateca, чешкиот спортски теренец кој би требало да се појави под името Kodiak, ја користи новата модуларна платформа на Volkswagen, со намалена тежина и порационално искористување на просторот.

Skoda Vision S
Skoda Vision S

Ford исто така го подосвежи својот модел од средната класа Kuga, меѓу другото и со замена на дволитарскиот дизел со нов агрегат од 1,5 литар и 120 КС, како и модификација во погонот на сите тркала. Сето тоа, заедно со освежување во изгледот, во опремата и системите за асистенција. Моделот веќе имаше премиера на салонот за мобилна технологија во Барселона, со третата генерација на системот за конективност Sync. Меѓу најголемите таленти на новиот Sync III спаѓа и можноста за ракување со функциите на мобилниот телефон преку гласовна команда, додека истиот е поврзан во мрежа со возилото. Очигледно е дека Ford вложува многу во ова поле.

Seat Ateca
Seat Ateca

Од сенката на спореден играч во сегментот постепено излегува и корејскиот специјалист за теренски возила SsangYong, кој кон средината на годината ќе започне со продажба на продолжената верзија на моделот Tivoli, со моделска ознака XLV. При непроменето меѓуоскино растојание од 2,60 метри, плусот од 23,5 сантиметри во должината доаѓа првенствено од опашот на возилото, кадешто стои на располагање багажник од 720 литри или простор за трет ред седишта. Моторите се истите, односно 1,6-литарски бензинец со 128 КС и дизел со истата работна зафатнина и 115 КС. Купувачите можат да избираат погон напред или на сите тркала. Иднината на марката ја најавува студијата SIV 2, како благ хибрид со 1,5-литарски турбобензинец, електромотор од 10 киловати и литиум-јонска батерија со капацитет од половина киловатчас. Интересен е „нисконапонскиот“ хибриден систем којшто работи под 48 волти и со тоа ја намалува цената на штедливиот погон.

Toyota C-HR
Toyota C-HR

Моделот што привлекува најголемо внимание во сегментот сепак се наоѓа на штандот на Toyota. Јапонците го прикажуваат C-HR, со храбро дизајнирана каросерија и „прикриени“ задни врати, со што се нагласува динамичната форма на кросоверот. Платформата потекнува од петтата генерација на Prius, хибридниот погон ќе биде силно оружје на моделот што јасно цели на Nissan Juke.

Peugeot исто така е актуелен со преработената верзија на кросоверот 2008, со понагласени крила, исправена маска и повпечатлива заштита на подвозјето, што му дава поробусен изглед на моделот. Погонот на сите тркала и натаму останува неисполнета желба во овој интересен модел што води остра битка во сегментот со Renault Captur. Од друга страна, отсуството на погонот на сите тркала очигледно не му пречи на ниту еден од моделите во основниот сегмент. Ниту Opel не сака да ја пропушти трката во овој важен сегмент и на салонот ја претставува освежената генерација на Mokka, со додаток X, со што Германците веројатно сакаат да нагласат дека нивниот модел е достапен и во верзија со погон на сите тркала. Дизајнот е освежен, дел од моторите се заменети и додадена е опција за светла со диодна техника.

Kia Niro
Kia Niro

Големо внимание во сегментот привлекува и Kia Niro, како оригинален модел од повеќе гледишта. Тој ги соединува практичните таленти на кросоверите со динамичниот дизајн на марката, но и со пристоен хибриден погон. Погонската спрега на кросоверот од 4,39 метри ја сочинува бензинец од 1,6 литар со директно впрскување и 105 КС, заедно со електромотор од 32 киловати и батерија со литиум-јонска технологија со капацитет од 1,56 киловатчас. Системската моќ од 141 КС и 264 њутнметри се пренесува на предната оска преку шестстепен менувач со двојна спојка.

Настапот на ексклузивните марки започнува со Model X, кој беше најавен уште во 2012 година, но поради наводни проблеми со добавувачите, стартот следува дури четири години подоцна. Со батерија од 90 киловатчасови во подот и со крилести врати назад, овој кросовер може да измине до 470 километри со едно полнење и да забрза до 100 за 3,4 секунди. Крајната брзина изнесува 250 километри на час.

Maserati Levante
Maserati Levante

Ова темпо сепак повеќе му прилега на првиот спортски теренец на Maserati. Италијанската марка што му припаѓа на Ferrari, со претставувањето на Levante го прави тоа што матичната марка од Маранело уште не смее да си го дозволи. Кај моделот многумина забележуваат сличност со Infiniti QX 70, токму во подрачјето каде што Италијанците треба да бидат најсилни. Затоа, пак, Levante го има подвозјето од Ghibli, заедно со неговите мотори, вклучувајќи дизел V6 со 275 КС, како почеток на понудата, па сé до бензинскиот V6 со битурбо натполнење и 430 КС.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Arash AF10 Hybrid има 2.100 КС, но му недостига уште малку

Четири автомобили со над 1.000 коњски сили на салонот во Женева