за

Специјална серија на Renault Captur во соработка со Helly Hansen

Renault има понуда за оние на коишто им се слабост ограничените серии на модели. Captur под знакот на познатата марка за облека Helly Hansen ја доби и напредната контрола на тракција од Scenic X-Mod.

Првиот урбан кросовер на Renault повторно го привлекува вниманието со ограничена моделска серија под знакот на норвешкиот специјалист за облека за рекреација Helly Hansen. Ексклузивноста на Captur Helly Hansen се препознава уште однадвор, по „огнено црвената“ боја на каросеријата што се нуди само во оваа серија на моделот. Настапот го комплетираат заштитните плочи на подвозјето во платинесто сива боја и бандажите од 17 инчи со црн „дијамантски“ финиш. Секако, беџот HH е неизоставен на крилата. Црвената боја доминира и во кокпитот, заедно со неколку препознатливи детали, како „карбонот“ во воланот или хромираните плочки на праговите.

Системот за напредна контрола на тракција Extended Grip што се докажа во Renault Scenic X-Mod работи и во оваа специјална серија на Captur. Исто како во семејниот ван, возачот може да избере еден од трите начини на работа на системот, за возење во секојдневни услови, на лизгава подлога и на кал.

Најслаткото во ограничените моделски серии е богатиот и ексклузивен пакет на опрема што се добива поевтино отколку при одделна нарачка на ставките. Покрај мултимедискиот систем R-Link со пристап на интернет, Captur Helly Hansen доаѓа со автоматски клима уред, електрика на сите прозорци, паркинг сензори, магленки, темпомат, пристап без клуч и кожа на воланот. Верзијата Helly Hansen е достапна со сите мотори од стандардната понуда, односно со бензинците TCe90 и TCe 120 со автоматски менувач и со дизелот dCi 90, по избор со мануелен или автоматски менувач. Продажбата на серијата Helly Hansen во Европа стартува во јуни.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Сите во лов на BMW X6: Сега и Porsche планира купе теренец

BMW продаде половина милион возила за три месеци