за

Специјална серија за стартот на продажбата на Alfa Romeo Stelvio

Првиот теренец во историјата на Alfa Romeo веќе стартува со продажба, во ексклузивната серија Stelvio First Edition, со мотор со 280 КС, осумстепен автоматик и полн пакет опрема.

По светската премиера на својот прв теренец на салонот во Лос Анџелес во минатиот ноември, Alfa Romeo веќе почнува со нарачки за Stelvio. Ентузијастите на миланската марка сепак ќе мора да се стрпат уште малку за топ-верзијата Quadrifoglio од салонот, затоа што првата моделска изведба на Stelvio што влегува во продажба ќе вози со дволитарскиот турбо – во ексклузивна серија First Edition.

Со оваа серија, Alfa Romeo им нуди ценовна придобивка на првите купувачи на Stelvio, затоа што дел од опремата се добива практично бесплатно. Дволитарскиот бензинец со турбонатполнење и 280 КС во Stelvio First Edition работи во комбинација со осумстепен автоматски менувач и погон на сите тркала Q4. Според фабриката, спринтот до сто трае 5,7 секунди.

Alfa Romeo Stelvio First Edition

Специјалната серија однадвор се распознава по бандажите од 20 инчи, лакираните сопирачки клешти, биксенонските светла, хромираната рамка на прозорците и осветлувањето во рачките на вратите.

Кожените седишта се местат со електромотори и поседуваат грејачи, во арматурната табла се вметнати панели од вистинско дрво, навигацијата работи со дисплеј од 8,8 инчи, во таблата со инструменти се наоѓа втор дисплеј со пречник од 7 инчи. Воланот ја има традиционалната форма на Alfa Romeo, познат детал од Giulia е копчето за стартување што се наоѓа на самиот волан. Алуминиумските контроли за менувачот на воланот се стандард.

Дволитарскиот турбо ја користи технологијата MultiAir, со електрохидраулична место механичка контрола на работата на вентилите и располага со директно впрскување под притисок до 200 бари. Уште еден од актуелните специјалитети на Alfa: Карданското вратило е изработено од карбон.

Цената за „првата серија“ од Alfa Romeo Stelvio на италијанскиот пазар изнесува 57.300 евра.

[FAG id=27093]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Погонот на автогас неколкукратно почист од дизелот на тестирање во Германија

Хибриден Ford Transit вози по лондонските улици