за ,

Со ова Porsche може вистински да се лета

Марка на којашто ѝ лежат брзините е природно да се пушти и таму каде што се постигнуваат највисоките брзини. Во воздух. Porsche го прави тоа веќе со децении наназад. Аеронаутиката е во корените на марката на Фердинанд Порше.

Историјата на Porsche ја пишува годината 1986. По повеќе од шест месеци, 300 полетувања и слетувања и 600 часови во воздух, Михаел Шулц и Ханс Кампик, на 16-ти јануари се вратија таму кадешто почна авантурата, на аеродромот во Донауешинген. Со нивниот Mooney 231, двајцата авантуристи го обиколија светот. Дел од овој триумф му припадна и на 3,2-литарскиот мотор PFM 3200, произведен од Porsche. Моторот за овој подвиг потроши 23.000 литри бензин и 30 литри масло, поднесувајќи ги без каков било проблем стоте илјади километри во воздух.

Спортските пилоти ги ценат истите предности на техниката на Porsche како во автомобилите од марката
Спортските пилоти ги ценат истите вредности на техниката на Porsche како во автомобилите од марката

PFM 3200 не е првиот авионски мотор на Porsche. Овој не толку познат дел од историјата почнува уште во 1908 година, кога Фердинанд Порше, како директор на австриската фирма Daimler-Motoren, го конструираше четирицилиндарскиот мотор за воениот гасен балон на мајорот Аугуст фон Парсевал.

Две години подоцна, Фердинанд Порше ја почна и кариерата како тркач, победувајќи на трката долга 2.000 километри со Prinz-Heinrich-Wagen. Четирицилиндарскиот мотор со 80 КС во овој автомобил е дело на Порше и потерува до сензационални 160 km/h. Генијалниот конструктор изработува верзија од овој мотор за „голубот“ на австрискиот пионер во аеронаутиката Иго Етрих. Во следните години, Austro-Daimler под раководство на Порше развива цела серија авионски мотори, вклучувајќи и дванаесетцилиндарец со 400 КС.

Предизвик за Фердинанд Порше: Мотор со 3.500 КС за поставување рекорди

Порше во 1931 година почнува да работи како независен конструктор во Штутгарт, продолжувајќи да развива авионски мотори. Typ 55 од 1935 година располага со точно 1.000 КС, а потоа следи и моторот Typ 72 со 32-цилиндри. Работата на Фердинанд Порше го привлекува интересот на Mercedes, кој го ангажира околу целосниот развој на рекордерскиот Mercedes-Benz T 80. За погон на овој автомобил што треба да ги урне сите брзински рекорди на копно служи „бомбардерскиот“ мотор со зафатнина од 45 литри и гигантска моќност од 3.500 КС. Пресметките предвидуваат автомобилот да достигне 600 km/h на автопатот меѓу Десау и Хале. Монструмот проработува во 1939 година, но избувнувањето на војната става крај на овој план.

Mercedes-Benz T 80 требаше да постигне 600 km/h со „бомбардерскиот“ мотор со 3.500 КС, но војната стави крај на проектот
Mercedes-Benz T 80 требаше да постигне 600 km/h со „бомбардерскиот“ мотор со 3.500 КС, но војната стави крај на проектот

Синот на Фердинанд, Фери Порше, во 1955 година раководи со фирмата, кога на Германија повторно ѝ се дозволува да користи авионски мотори. Порше гледа голем потенцијал во развојот на спортски авиони, а го има и соодветниот мотор за тоа – четирицилиндарскиот боксер од Porsche 356. Овој мотор користи како основа за Typ 678, со моќност до 75 КС, кој е прв германски авионски мотор по војната. Тој се користи во Rheinflug RW-3, првиот мал авион што Германија го  произведува во серија по војната, исто како и во Elster, како дел од новото воено воздухопловство на земјата.

Британската фирма Airship Developments во 1981 година вгради мотор од Porsche 911 Turbo во својот SkyShip 500. Моторите на Porsche оттогаш предизвикуваат голем интерес меѓу производителите на спортски авиони. Со сигурната работа и воздушното ладење, исто како и со компактната конструкција и ниската потрошувачка на гориво, „боксерите“ се како измислени за аеронаутиката. Porsche веќе размислува за сериско производство и во почетокот на 1980-те години развива специјална верзија на моторот од Porsche 911. На 9-ми август 1982 година, Cesna 182 Skylane полетува од аеродромот во Улм, користејќи мотор Porsche PFM 3200. Со овој лет, Porsche треба да обезбеди хомологација за авионскиот мотор. Сериското производство на шестцилиндарецот конечно стартува во 1987 година.

„Аеро“ моторот од Porsche 911 беше супериорен, но имаше и еден проблем

PFM 3200 до денес е супериорен во воздухот. Овој мотор во Cessna 182 троши само 13 литри бензин на сто километри и значително е потивок во споредба со конкуренцијата, но неговата најголема предност е во едноставното ракување – се користи само една единствена рачка. Но, PFM 3200 има и еден голем проблем. Тој се појавува во погрешно време, кога почнува да опаѓа продажбата на мали авиони. Покрај тоа, ниските цени на керозинот го намалуваат интересот на авиокомпаниите за замена на старите мотори, со нови и поштедливи агрегати на Porsche. Продадени се само 80 примероци од овој мотор. Тоа само прави малкумината сопственици на PFM 3200 денес да се гордеат уште повеќе на техничкиот бисер во нивните спортски авиони.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo ќе привлекува купувачи со паметните очила на Microsoft

Како да направите малечок скутер да звучи како бесна машина