за

Со новиот Audi Q5 пристига наследникот на бестселерот во сегментот

Audi Q5

Втората генерација на Audi Q5 е подготвена за одмерување на силите со Mercedes GLC и BMW X3. Вообичаено за марката од Инголштат, дизајнот претрпе речиси незначителни промени, но затоа работите се сменија драстично под ламарината.

Со втората генерација на Audi A5, на пазарот не пристига само ново издание на теренецот од средната класа на марката од Инголштат, туку и ново издание на најпродаваниот модел во сегментот на глобално ниво. Оттаму е сосема разбирливо што Audi пристапи внимателно во развојот на новиот модел, особено во поглед на дизајнот. Мора двапати да се погледне за новиот Q5 да се разликува од претходникот.

Audi Q5

Затоа, пак, промените се дотолку подрастични под ламарината. За водењето на тркалата на обете оски се задолжени новоконструирани оски со по пет водилки, а за првпат во теренецот на Audi се нуди и пневматска амортизација, којашто ќе го подигне комфорот во возење на следното ниво, заедно со новите можности пневматиката да се искористи и за зголемување на динамиката во возењето. Секако дека инженерите на Audi не пропуштија добродетите на пневматиката да ги додадат како предност и во теренските излети на Q5, во вид на зголемување на растојанието од подлогата за 60 милиметри.

Зафатите во дизајнот го нагласуваат култот на погонот quattro

Разликите во изгледот во споредба со претходникот којшто остана во производство осум години се воочуваат во пошироката маска, прецизните рабови по должината на хаубата и секако, новите предни светла коишто уште на излез од фабрика располагаат со ксенонска техника. Во поглед на стилот, Q5 го следи примерот на двата последни теренци во понудата на Audi, луксузниот Q7 и младешкиот Q2.

Audi Q5

Се забележува и дека крилата се повеќе испакнати од порано, со што дизајнот става нагласок на погонот quattro, а се повикува и на моќните форми на првиот Audi Quattro, рели ѕверката од 1980-те години. Отстрана е потешко да се распознаат разликите во споредба со првата генерација. Формата на опашот исто така останува строго на линијата од претходникот, со таа разлика што издувните цевки се преместени во нагласенио дифузор во задниот браник, додека новодизајнираните задни светла и натаму се поставени на самиот капак на багажникот.

Шестотини литри за багаж стојат на располагање под задниот капак

Под капакот стои на располагање простор со зафатнина од 610 литри, што е десет литри повеќе од порано. Со соборување на задната клупа се ослободува простор од 1.550 литри. Според Audi, просторната придобивка се чувствува повеќе во патничката кабина, особено на задната клупа, кадешто дури и натпросечно високи патници нема да допираат ниту со колената во седиштата, ниту со темето на главата во таванот.

Audi Q5

Во новата генерација на Q5 пристига напредната мултимедиска поддршка што Audi претходно ја воведе во новите A4, А5 и во неколку освежени модели. Тука спаѓа виртуелниот кокпит, односно огромниот дисплеј во замена за класичните инструменти, Apple CarPlay, Android Auto и големо сензорско поле за впишување знаци. До осум преносни уреди може да се поврзат безжично во сопствената мрежа во возилото. Со доплата стои на располагање и проекциски дисплеј, како и напреден MMI Plus со навигација и дисплеј од 21 сантиметар.

Бидејќи техниката на теренецот потекнува директно од A4, во новиот Q5 пристига и изобилството од системи за асистенција од лимузината од средната класа. За на купувачите да им се олесни изборот на овие дигитални помошници, коишто во меѓувреме умеат сé, почнувајќи од самостојно запирање и поаѓање во колона, до мали корекции на правецот и самостоно запирање при опасност од судир, Audi ги распредели системите во три пакети што логично се именувани „тура“, „град“ и „паркирање“.

За почеток еден бензинец и два дизели во дијапазон од 150 до 286 КС

Премиум марката на Volkswagen стартува со нарачки за новиот Q5 веќе во средината на октомври. Понудата од погонски единици се состои од еден бензинец (2.0 TFSI со 252 КС) и два дизели (2.0 TDI со 150, 163 и 190 КС; 3.0 TDI со 286 КС). Теренецот што се произведува во новата фабрика на Audi во Мексико во почетокот ќе се нуди исклучиво со погон на сите тркала, за подоцна да следи поевтина и поштедлива верзија со погон напред.

Во понудата нема да отсуствува ниту спортскиот дизел SQ5, а се шпекулира дека во втората генерација на Q5 ќе се придружи и екстремна спортска верзија под знакот на RS, веројатно со битурбо V6 од идните Audi RS 4 и RS 5.

[FAG id=25675]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes единствена европска марка во светскиот Топ 10

Honda со два нови Fireblade на салонот на мотоцикли Интермот