за ,

СМС порака до сопирачките: Нов хакерски напад во САД

Американски експерти успеаја да хакираат автомобил преку СМС. Безбедносниот пропуст е во уред што влијае врз стилот на возење. Сличен уред се вградува и во неколку европски автомобили.

Компјутерски експерти хакираа Chevrolet Corvette испраќајќи СМС порака до возилото. Тие успеаја да го запрат спортскиот автомобил со 450 КС преку паметен телефон. Хакерите пробија преку уред за телематика користен од една американска осигурителна компанија. Овие уреди со контрола преку радио врска се вградуваат кога корисникот сака да плаќа пониска осигурителна тарифа, односно уредот испраќа информации до осигурителната компанија за начинот на возење на возилото. Сé додека сопственикот избегнува нагли маневри, како силно забрзување или сопирање, задоволени се условите за поевтина тарифа.

Секој современ автомобил може да се манипулира

Телематскиот уред обично се приклучува на системот за дијагностика на возилото OBD 2. Кај Corvette е можно да се манипулираат сопирачките при пониска брзина на возење, но затоа пристапот до функциите се губи при повисока брзина. Експертите ја информирале осигурителната компанија за овој безбедносен пропуст и таа веќе презела чекори за заштита на пристапот кај Corvette. Но, овој автомобил не е единствен со ваков проблем. Преку телематските уреди може да се влијае врз секој современ автомобил.

Неколку осигурители во Европа исто така нудат повластена тарифа при вградување уред за надгледување на стилот на возење на автомобилот. Повеќето од нив сепак не користат СИМ картичка во уредот, за разлика од американскиот уред, со што се оневозможува и пристапот до функциите на автомобилот што се важни за безбедноста во возењето. Уредите на американската осигурителна компанија поседуваа таква картичка и посебен телефонски број за испраќање на податоците. Постојат и други системи за телематика, коишто ги испраќаат податоците до апликацијата за мобилен телефон преку блутут, за осигурителите да имаат увид дали автомобилот се вози екстремно. Овој уред само испраќа податоци.

Хакерите докажуваат колку лесна цел се автомобилите

Во последно време хакерите на повеќе пати докажаа колку лесна мета се автомобилите. Само во минатата недела имаше цела серија од напади врз безбедноста на возилата. Fiat Chrysler мораше да го обнови софтверот во 1,4 милион возила на Jeep, откако хакерите ја презедоа контролата врз возилото користејќи го безбедносниот пропуст во мултимедискиот систем. Во друг случај, експертите отклучија и го стартуваа моторот на автомобил преку дигиталното радио OnStar што General Motors го вградува во своите модели. Претходно, во јануари, компјутерски експерти открија безбедносен пропуст кај 2,2 милиони возила на BMW.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Abarth Punto се повлече од Европа, но затоа е добар за Индија

Четиристотини електрични BMW во служба на јавниот превоз во Копенхаген