за

Во Словенија и Хрватска возат 1.000 електрични автомобили

електрични автомобили словенија и хрватска

Пробивот на електрични автомобили се случува некаде далеку? Нашите некогашни „земјаци“ во Словенија и Хрватска веќе располагаат со возен парк од близу 1.000 возила со погон на струја, вклучувајќи плагин-хибриди. Македонскиот возен парк го следи трендот со само 33 патнички автомобили со погон на струја.

Седум и пол илјади евра учество на државата при купување електричен автомобил, половина процентна стапка данок, ослободување од патарина, стотици полначи на располагање. Многумина би размислиле да преминат на електричниот погон под вакви погодности. Ова сепак не се однесува на некое идно време и не е празникаво ветување во изборна кампања, туку е реалност за Словенците.

Само во првото тромесечје, во земјата под Јулијските Алпи се регистрирани 111 нови автомобили со погон на батерии и уште 73 автомобили со плагин-хибриден погон. Трендот продолжува, пазарот бележи раст од 134% наспроти истиот период лани. Не недостигаат ниту полначи за електромобили. Додека во 2014 година на целата територија на Словенија имало поставени 150 јавно достапни полначи, годинава нивната бројност достигнува 348 нормални и 135 високонапонски полначи. Вкупно 483 станици на коишто чистите автомобили ги освежуваат своите батерии.

Лани во Словенија се продадени 178 електрични автомобили

Интересот за автомобили со електрифицирана погонска спрега расте со фантастично темпо. Во 2011 година, во Дежелата се продале само 12 електрични автомобили. Лани, нивниот број достигнал 178 примероци. Словенците се повеќе ориентирани кон чистиот батериски погон. Во последните години расте интересот и за плагин-хибридите, односно автомобилите со погонска комбинација од класичен мотор и електромотор, чиишто батерии може да се приклучат на полнење и да се извозат триесетина километри на струја. Тие ја комплетираат електро-револуцијата во земјата со 94 регистрирани примероци лани.

https://www.facebook.com/devsslovenija/posts/1889183064665556

Уделот на батериските и плагин-хибридните патнички возила и натаму достигнува одвај половина процент, што значи дека на секои 200 новорегистрирани возила, само едно е од оваа категорија. Но, за две години, нивниот удел е зголемен двојно. Европскиот просек во 2016 година изнесувал 1,4 процент.

Продажба на електрични и плагин-хибридни патнички автомобили во Словенија

2011

2012

2013

2014

2015

2016

До април 2017

Вкупно

Електрични возила

12

17

5

39

122

178

111

484

Плагин-хибридни возила

10

13

10

35

94

73

235

Најпродавани електрични автомобили во Словенија во последните 12 месеци

(батериски и плагин-хибриден погон)

Марка и модел

Примероци

BMW i3

68

Renault Zoe

66

BMW 225xe

35

BMW i3 Rex

27

Nissan Leaf

27

Останати

150

Следна, Хрватска. Земјата во 2014 година стартуваше со кампања за поттикнување на продажбата на возила со електричен погон, со субвенција во висина од 70.000 куни за возила со батериски погон и 50.000 куни за плагин хибриди со емисија до 50 грами СО2 на километар, односно 30.000 куни за хибриди со емисија на СО2 до 80 g/km. Државата во првата година издвои 15,5 милиони куни од буџетот, за во 2015 година да следат уште 18,5 милиони куни. Во „рекордната“ година беа набавени 13 плагин-хибриди и 179 чисто електрични возила.

Укината субвенцијата за електрични автомобили, воведени повисоки давачки за обичните возила

По преоѓањето на новиот начин на одредување на давачките, електричните автомобили повеќе не беа во повластена позиција, но затоа беа дополнително оптоварени возилата со обичен погон. За автомобилите со чисто електричен погон, во Хрватска не се плаќа данокот при прва регистрација. Неговата вредност сепак значајно ги оптоварува „нечистите“ возила. На пример, дизел возила со емисија на СО2 меѓу 161 и 180 g/km подлежат на еко-данок во висина од 18% од основната цена на возилото, на што се надоврзува уште „данок на луксуз“, пресметан според цената на возилото (на пр. 7% доколку возилото чини меѓу 250.000 и 300.000 куни).

Кај плагин-хибридите се прави малку покомплицирана пресметка, односно во принцип се одбива процентот од патот што возилото може да го мине само со енергијата во батериите. Се очекува субвенциите да се вратат од почетокот на следната година. Како потписник на Парискиот договор, Хрватска е обврзана да ја смали емисијата на СО2 од патниот сообраќај за 40 проценти до 2030 година.

Хрватска е доказ дека субвенциите се суштински за електромобилноста

Неконзистентната политика кон електричниот погон се огледува и во последните продажни статистики. Во 2015 година во Хрватска беа продадени 80 патнички автомобили со погон на батерии и 43 плагин-хибриди, за лани продажбата да се сведе на 57, односно 31 автомобил. За првото тромесечје од годинава, статистиката брои соодветно 2, односно 6 автомобила. Во секој случај, кумулативната продажба од 2014 година наваму достигнала 178 „батериски“ автомобили 85 плагин-хибриди.

Во поглед на мрежата од јавно достапни полначи за електрични автомобили, Хрватска држи чекор со 202 обични полначи и 32 „брзи“ полначи. Со очекуваното враќање на субвенциите, пазарот може повторно да го ослободи потенцијалот и да го надмине уделот на електричните автомобили од околу 0,4 процент во вкупната продажба на возила во земјата.

Продажба на електрични и плагин-хибридни патнички автомобили во Хрватска

2014

2015

2016

До април 2017

Вкупно

Електрични возила

39

80

57

2

178

Плагин-хибридни возила

5

43

31

6

85

Најпродавани електрични автомобили во Хрватска во последните 12 месеци

(батериски и плагин-хибриден погон)

Марка и модел

Примероци

Volkswagen e-Up

16

Volvo XC90 PHEV

8

Mitsubishi Outlander PHEV

6

Volkswagen e-Golf

6

Volkswagen e-Up Van

6

Останати

23

Во Македонија се применува анахрон систем за пресметување на давачките, во когошто електричните автомобили воопшто и не постојат. Единствената категоријација во Законот за акцизи во поглед на погонската спрега се патнички автомобили и „патнички автомобили на хибриден погон (комбинација на бензински мотор и електромотор).“ Електричен погон не се спомнува, исто како и плагин-хибриден погон, никаде не фигурира емисијата на СО2.

Тест: Mitsubishi Electric Vehicle

Законот ги става во повластена позиција единствено скапите автомобили со хибриден погон, кадешто ослободувањето од акциза значи заштеда и до близу осум илјади евра во цената на возилото. Во меѓувреме, индустријата лансираше драстично поевтини модели со плагин-хибриден или електричен погон, на коишто ослободувањето од акциза им носи заштеда од неколку стотини евра. Конкретно, хибриден автомобил со вредност меѓу 12 и 14 илјади евра, ослободен е од акциза во висина од 4% од неговата вредност – тоа се 480 евра, недоволно за стимулирање на електрифицираниот погон.

Според официјалната статистика, во возниот парк во Македонија во 2015 година се регистрирани вкупно 63 возила со електричен погон: 18 мотоцикли, 33 патнички возила, 1 автобус, 10 товарни автомобили и едно влечно возило

Секако дека секоја заштеда е важна, но многу е поважно законите да го прифатат напредокот во автомобилската индустрија и да овозможат купувачите на поевтините модели со електрифицирана погонска спрега да уживаат повластица којашто и фактички ќе влијае врз цената на возилото. Погодности од типот на бесплатно користење на паркиралиштата, возење во лента за јавен превоз, ослободување од патарина или бесплатно користење на полначи уште се толкуваат како фантазија.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

хакирање техника на автопилот

Како да надитриш вештачка интелигенција на автопилот

Dunlop sport classic ferrari dino

Ferrari Dino отпаѓа од листата на приоритети во Маранело