за

Сите новитети на Kia во Париз (4): Optima T-Hybrid

Студијата на база на лимузината Optima користи комбинација од мал електромотор, електричен компресор и дизелски мотор, во конфигурација на т.н. благ хибрид.

Kia за прв пат ќе го прикаже својот концепт на „благ хибрид“ вграден во возило. Студијата Kia Optima T-Hybrid (Turbo-Hybrid) го комбинира 1,7-литарскиот CRDi од Optima со мал електромотор, задвиживан од олово-графит акумулатор со напон од 48 волти. Овој погон што Kia го прикажа премиерно како концепт на салонот во Женева годинава, способен е при ниски или константни брзини да ја движи Optima само на струја. Вообичаено, батеријата се полни при секое сопирање или движење под инерција. Предноста на олово-графит акумулаторот наспроти литиум-јонските батерии е во тоа што нема потреба од активно ладење, како и во поедноставното рециклирање.

Студијата е опремена со систем старт-стоп, којшто работи особено комфорно. Стартер-генераторот со погон преку ремен го заменува класичниот алтернатор и го стартува моторот безшумно и без вибрации. Акумулаторот и стартер-генераторот во овој хибриден систем се релативно компактни, што влијае позитивно врз тежинската распределба и ја подобрува управливоста на лимузината. Покрај тоа, системот овозможува и интеграција на компресор со електричен погон, дополнително на конвенционалниот турбополнач. Исто како кај Audi, овој компресор го зголемува вртежниот момент на моторот при ниски вртежи и придонесува за надминување на „турбодупката“ којашто обично се јавува кај моторите со турбонатполнење.

Инженерите очекуваат да постигнат значително намалување на потрошувачката и емисијата за 30 проценти, при моќност зголемена за 15 до 20 проценти. Според првичните тестирања, хибридот забрзува до сто за една секунда подобро од стандардната Optima 1.7 CRDi (9,0 наспроти 10,2 секунди) и постигнува крајна брзина од 220 km/h (1.7 CRDi: 202 km/h). Секако дека меѓу пресудните предности на благиот хибрид е и пониската цена наспроти конвенционалниот хибриден погон. Засега не постојат планови за изведување на сериски модел врз база на студијата Kia Optima T-Hybrid. Марката ќе продолжи да тестира со иновативниот погон и во другите модели од својата гама.

kia_optima_t-hybrid-01

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Сите новитети на Kia во Париз (3): Venga

Nissan стартува со продажба на најбесната верзија на Juke