за

Седум нови верзии во класите А, B и CLA на Mercedes

Гамата на компактни модели на Mercedes се збогатува со седум нови верзии. Некои од нив се поштедливи, некои се комбинирани со погон на сите тркала. Продажбата стартува во март.

Моделските серии A, B и CLA добија седум нови верзии. Кај некои од нив потрошувачката е намалена за 7 проценти во споредба со претходниците. Првите дизели со погон на сите тркала во понудата на компактни модели на Mercedes се A 200 CDI 4Matic и A 220 CDI 4Matic. Моделите може да се нарачуваат уште отсега, а испораката ќе започне во март.

Компактната лимузина CLA 250 поставува нови репери во класата со просечната потрошувачка од 5,4 литри и соодветна емисија од 125 грами на СО2. Во споредба со претходниот модел, потрошувачката на купето со четири врати и моќност од 211 КС е смалена за седум проценти. Намалувањето е постигнато со воведувањето на фаза на работа со посна смеша на системот за директно впрскување на горивото. Цената на моделот на македонскиот пазар изнесува 40.930 евра.

Во иднина моделот A 200 CDI ќе има дизел од 2,2 место од 1,8 литар. Моќноста од 136 КС е непроменета, вртежниот момент изнесува 300 Nm, а серискиот менувач со двојна спојка има седум степени на пренос. Потрошувачката на овој модел изнесува 3,9 литри. Покрај тоа, A 200 CDI ја исполнува и нормата Euro 6. Освежени се и најмоќните дизелски модели A 220 CDI, B 220 CDI и CLA 220 CDI. Со натамошно оптимирање на работата на моторот дополнително е намалена потрошувачката кај овие модели, без промена во моќноста. Македонската цена на A 200 CDI изнесува 28.310 евра, A 220 CDI чини 34.830 евра, B 220 CDI (35.590 евра), CLA 220 CDI (39.460 евра).

Нови во понудата се моделите со погон на сите тркала A 200 CDI 4Matic и A 220 CDI 4 Matic, со моќност од 136, односно 170 КС и просечна потрошувачка од 4,6 литри. Посилниот модел на македонскиот пазар е достапен по цена од 37.030 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Премиера во Женева: Овој автомобил вози на дизел од дрва

BMW бара локација за нова фабрика во Америка