за

Светска премиера на златен Brabus со 900 КС на салонот во Дубаи

Класата S на Mercedes во изведба на Brabus располага со 900 КС и денес беше претставена на салонот во Дубаи. Секако дека само коњски сили не им се доволни на шеиците, па во луксузната лимузина е вградено и многу злато.

Brabus Rocket 900 е новото мерило за моќност меѓу луксузните лимузини. Дванаесетцилиндарскиот мотор со битурбо натполнење и зафатнина од 6,3 литри располага со 900 КС и 1500 њутнметри и го катапултира ексклузивниот автомобил на база на класата S на Mercedes за 3,7 секндни до 100 километри на час и за 9,1 секунди до темпо 200. Крајната брзина е над 350 km/h.

Brabus Rocket 900 Desert Gold (40)Кога станува збор за вкусот на купувачите на Средниот Исток, секако дека не може сé да мине само со коњски сили, па германскиот тјунер ја лакира каросеријата во специјална боја „Desert Gold“. Златна лента се наоѓа и на бандажите „Platinum Edition“ од 21 инч, но и бојата на седиштата го носи овој симбол на луксузот за богатите шеици. Вкупно 300 делови во кабината се позлатени.

Спојлерите се изработени од карбон и имаат одговорна задача да го држат возилото на земја при екстремните брзини што може да ги постигне. Буквално секој детал е различен од стандардната верзија. На предните крила е вграден дизајнерски елемент од карбон со видлива структура и осветлено лого на Brabus, кое светнува при отклучувањето или при повлекувањето на рачките на вратите.

Цената е нерелевантен фактор и Brabus обично не ја комуницира, затоа што секој купувач има посебни желби и барања, кои тјунерот од Ботроп секогаш е во состојба да ги исполни.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Fiat 500: Милион и половина од најиталијанскиот автомобил од … Полска

McLaren со ексклузивен 650S Spider Al Sahara на салонот во Дубаи