за ,

Само за Кина: Mercedes E-Class долга колку S-Class

Mercedes изработи специјална верзија од E-Class со каросерија продолжена за 14 сантиметри, само за кинескиот пазар. Екстра простор на задната клупа е важен „детал“ за Кинезите.

На штотуку започнатиот салон во Пекинг пристига голем новитет од Mercedes. Новитетот е подеднакво голем и поради значењето и поради димензиите. Германците изработија специјална изведба од новата E-Class наменета за кинескиот пазар, со меѓуоскино растојание зголемено за 14 сантиметри. Тоа е вообичаена практика на европските марки во битката за кинеските купувачи, коишто ги преферираат овие модификации. На Кинезите им е важно да има изобилство простор за седење на задната клупа. Дополнителниот простор за седење назад е комплетиран со неколку комфорни ставки што исто така им значат на Кинезите.

Шефот Дитер Цече ја претстави специјалната изведба на E-Class за кинескиот пазар
Шефот Дитер Цече ја претстави специјалната изведба на E-Class за кинескиот пазар

Должината на екстра-изведбата на Mercedes E-Class сега изнесува вкупно 5.063 милиметри, што е за три палци помалку во споредба со знаменосецот од класата S. Меѓу оските има растојание од 3.079 милиметри, што сепак е за триесетина милиметри повеќе во споредба со „кусата“ изведба на S-Class. Зеедно со екстра просторот за седење, со подолгите задни врати се олеснува и пристапот на задната клупа – уште една предност што ја ценат на големиот пазар.

Mercedes E-Class L се разликува по триаголните прозорци што се додадени под задните столбови, како и по издолжената линија на покривот, со што долгата E-Class заличува на релаксирачката хармонија со којашто зрачи Maybach S.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Родстерот на Mazda го собори и милионот

mercedes kina

Секој петти нов автомобил во Кина доаѓа од германските марки