Швајцарската компанија Nanoflowcell денес претстави нов концепт на погон на струја којшто може да предизвика вистинска револуција во браншата. Предноста над постоечките системи е петкратна.
„Визијата се претвори во реалност“, беа зборовите со кои што Нунцио Ла Векија денес ја претстави спортската лимузина Quant-е на салонот во Женева. Светската премиера на првиот автомобил со погонски концепт Nano Flowcell предизвика огромен интерес на светските медиуми. Револуцијата е во системот за акумулирање на енергијата, којшто им дава нов импулс на автомобилите на струја.
„Quant-e не е ниту салонски примерок, ниту е концептен автомобил, туку е првиот автомобил опремен со Nano Flowcell, чии што компоненти ги исполнуваат сите барања за хомологација“, изјави шефот на развојот Нунцио Ла Векија при претставувањето на револуционерниот автомобил.
Nano Flowcell претставува комбинација од батерија и горивна ќелија со течен електролит, којшто се чува во два резервоара и минува низ горивната ќелија. Срце на системот е систем од мембрани што ги раздвојува двете различни електролитски течности во ќелијата и преку контролирана размена на полнежите произведува енергија за погонот на струја.
Основната предност на Nano Flowcell во споредба со конвенционалните системи за акумулирање на енергијата се состои во високата енергетска густина при ниска тежина на системот. Другите предности се високата издржливост поради отсуството на подвижни делови и одличниот степен на ефикасност, односно искористување на енергијата.
Погонот уште е во развоен стадиум во лабораторијата за симулација на Nano Flowcell во Цирих. Досегашните резултати се крајно ветувачки, затоа што системот со номинален напон од околу 600 волти и номинална силина на струја од 50 ампери овозможува респектабилна континуирана моќност од 30 киловати. Во споредба со конвенционалната техника со литиум јони, што се вградува во повеќето електрични автомобили од поновите генерации, техниката на Швајцарците е петпати поефикасна, односно со оваа техника може да се постигне пет пати поголем досег. Тоа е степен што е споредлив во досегот на конвенционалните автомобили со мотор со внатрешно согогување. Покрај тоа, Nano Flowcell дозволува стопати повеќе циклуси на полнење и празнење во споредба со другите електро технологии.