за

Салон Женева: Mini Clubman порасна колку Golf

Освен името, сé друго е ново кај комбито во гамата на Mini. Идниот Clubman ќе биде значително поголем и се збогува со необичните задни врати.

Еволуцијата на автомобилите не сопира. Некогашното малечко комби порасна во автомобил од класата на Golf, со сите потребни нишани. Следната генерација на Mini Clubman ќе претставува квантен скок, како што најавува студијата од Женева. Растојанието од големите тркалезни светла со симпатичен поглед до задниот капак порасна за цели 26 сантиметри, на должина што е споредлива со возилата од компакт класата. Со тоа се ослободи место за нормални задни врати и за еден патник повеќе.

Класичниот Mini со три врати порасна значително во новата генерација, но верзијата Clubman ќе порасне толку што веќе влегува во следната класа на возила. Концептниот автомобил за Женева е долг 4,22 метри и широк 1,84 метар, што е 26 и 17 сантиметри повеќе од актуелниот модел. Серискиот модел што се очекува да стартува во 2015 година ќе се разликува во неколку детали од концептниот автомобил, но веќе е јасно во кој правец ќе се одвиваат работите понатаму. За разлика од сегашниот Clubman, кој нуди само малку повеќе простор за патниците на задната клупа и незначително поголем багажник, новакот ќе има многу попросторна кабина и место за петмина патници.

За патниците да пристапуваат лесно до задната клупа, Clubman се збогува со концептот на врати 2+1, со дополнителна вратичка од страната на совозачот. Место тоа, задните врати на Clubman во иднина ќе се отвораат како кај секој друг автомобил. Традицијата сепак наложи да се задржи пристапот до багажникот преку две врати, исто како кај оригиналот од 1970-ти години.

Иако каросеријата порасна на ниво на модел од компакт класата, концептниот автомобил од Женева ги користи типичните стилски елементи на Mini, како тркалезните светла, темните прагови и лакови во крилата, и покривот во контраст со остатокот од каросеријата. Визуелниот настап на Clubman е дополнет со отворите за воздух зад предните крила.

Техниката на новиот Clubman потекнува од продолжената платформа на моделот со три врати, којашто ја користи и новиот ван на BMW со моделско име Active Tourer. Трицилиндарските мотори исто така се од BMW, со зафатнина од 1,5 литар и моќност од 116 КС во дизелската и 136 КС во бензинската изведба. Покрај тоа се нуди и дволитарски турбо со четири цилиндри.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Британците купуваат Astra по половина цена

General Motors повикува 1,4 милион возила во сервис