за

Салонот во Пекинг исто како да се одржува среде Германија

Германските марки доминираат на Auto China. Штандовите на Mercedes, Audi и BMW се затрупани од бројната публика. Трите премиум марки претставија концептни возила што се скроени посебно за кинескиот пазар.

Производителите на автомобили повеќе не смеат да го пропуштат салонот во Пекинг. Овој автомобилски салон што се одржува на секои две години стана подеднакво важен како салоните во Женева, Париз, Детроит – дури и повеќе од тоа. Кина е особено важен пазар за германските марки, кои постигнуваат најголеми добивки на овој растечки пазар. Пред неколку денови Volkswagen го продаде 20-милионитото возило во Кина. Но, и другите производители не застануваат со бројките, особено премиум марките, за коишто публиката покажува најголем интерес на салонот. Причина за тоа првенствено е добриот глас што ги бие германските марки, но и нивната посветеност да понудат возила што излегуваат во пресрет на купувачите во големата земја.

Не е тајна дека Кинезите обожуваат големи автомобили. Mercedes ја нуди новата класа С во верзија со меѓуоскино растојание продолжено за осум сантиметри, така што „кинеската“ лимузина од средната класа достигнува 4,76 метри во должина. Ако некој пропушти да забележи дека се работи за долгата варијанта на класата С, на тоа укажува буквата L покрај моделската ознака. Моторите се исти како во стандардниот модел, со моќност меѓу 156 и 367 КС, не изоставувајќи ги скапите верзии на AMG.

Парите не им претставуваат проблем на купувачите на модели од премиум марките и потребно е само да се „инспирираат“ соодветно. Тоа е задача на концептните автомобили. Mercedes го претстави премиерно Concept Coupe SUV, како иден конкурент на купе теренецот BMW X6. Познавајќи ја практиката на Mercedes со неговите концептни автомобили, сосема е извесно дека наскоро ќе следува сериски модел произлезен од концептот.

Со должина од речиси пет метри, купето од класата М ќе биде впечатлива појава на улиците. За моќниот настап се грижат и испакнатите крила со тркала од 22 инчи и гуми со ширина од 305 милиметри. Изгледот на возилото ја следи актуелната линија на Mercedes, а најинтересен е задниот дел каде што светлата се развлечени во лента по целата должина, слично како кај купето од класата Ѕ.

Со концептен автомобил во Пекинг се појавува и конкурентот Audi. Теренецот на база на Audi TT има помали изгледи да се појави во сериска верзија во скоро време, но затоа за локалниот пазар е поважен хибридниот погон, когошто државата го субвенционира масивно. Системската моќност на салонскиот автомобил изнесува 408 КС и се постигнува преку два електромотора и бензински 2.0 TFSI со 292 КС. Потрошувачката на TT offroad concept во првите сто километри изнесува 1,9 литар, а само со погон на батерии може да се поминат до 50 километри.

Третата премиум марка на Германците веќе го има запоседнато кинескиот пазар со своите големи теренци, па сега се ориентира на луксуз. Vision Future Luxury е името на концептниот автомобил на BMW, кој импресионира целосно со деталите во дизајнот. Вратите имаат носечка структура изработена од карбон, со што се избегнува потребата од средишен столб на каросеријата. Инструментите во кокпитот ги прикажуваат информациите во три димензии, а зад предните седишта се поставени дисплеи, со коишто се ракува преку таблети. Патниците на задните седишта можат преку таблетите да командуваат и со клима уредот и со музиката, како и да сурфаат на интернет. Од оваа студија може да произлезе идната купе лимузина од серијата 9, како одговор на купето од класата Ѕ на Mercedes, која што сигурно нема да ги радува само богатите Кинези.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Фејслифт на омилениот Volkswagen на Американците

Lamborghini го потврди теренецот за 2018 година